Македонија
(Видео) Тасевски: Барањето на Јанева за зголемување на бројот на рочиштата е неоправдано
Адвокатот Боро Тасевски, по завршување на денешното рочиште за случајот „Насилство во Општина Центар“, се пожали на вчерашната изјава на обвинителката Катица Јанева, во која таа побара судот да ја зголеми динамиката на судските рочишта за предметите што ги води специјалното јавно обвинителство.
Тасевски вели дека не е возможно бранителите за толку кратко време да се подготват за рочиштата што се закажуваат ден за ден.
„Бранителите во овие предмети не може трчајќи да ја изнесат одбраната, потребна е подготовка за рочиштата. Но, како е можна подготовка кога рочиштата се закажуваат ден за ден на огромни предмети. Кој е тој што може да подготви повеќе рочишта закажани во еден ден или последователно во повеќе денови еден по друг“, рече Тасевски.
Тој исто така напомена дека вчерашниот и денешниот ден се јасен пример за бранителите дека ваквото барање на Јанева не само што не е оправдано туку е насочено и кон кршење на основните права како кон обвинетите така и кон бранителите во овие постапки што ги води СЈО.
„Господинот Никола Груевски мораше да присуствува на рочиштето за ‘Насилство во Центар’, а во исто време беше закажана и јавна седница пред Апелациониот суд по неговата жалба за предметот ‘Тенк’“, рече Тасевски по што додаде дека како бранители избрале да присуствуваат на ова судење од страв дека може да бидат казнети доколку предизвикаат одлагање на рочиштето, а поучени од примерот од вчера кога не беше прифатено одлагање на рочиште поради поклопување термини.
„Ова се очигледи работи, ниту адвокатите ниту обвинителите не може да се копираат, па да присуствуваат на сите седници. Ако на ова го надоврземе инсистирањето за зголемување на динамиката, овие предмети да се решаваат со уште повеќе термини, за мене како бранител е очигледно прекршувањето на основните права на одрана на обвинетите, но истовремено и правата на бранителите да формираат сериозна и ефективна одбрана во предметите“, рече Тасевски.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Денес е Задушница – спомен за починатите
Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите.
Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.
Црквата пропишала посебни денови во годината – задушници, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.
На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Македонија
Променливо облачно со дожд и засилен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно, а во попладневните часови и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на метар квадратен.
Како што соопштуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе дува засилен, повремено силен ветер од југоисточен правец, кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта со врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Според најавите од УХМР, под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни и ќе надминат 25 литри на метар квадратен. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер.
Во понеделник во текот на ноќта и во вторник се очекува заладување со нови пообилни врнежи, кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Стабилизирање на времето се очекува од средината на следната седмица.

