Македонија
(Видео) Теренски активности на првата цивилна НАТО-вежба во земјата – „Северна Македонија 2021“
Денеска на терен на две работни точки медиумските претставници на повеќе странски држави присуствуваа на реализација на вежбовното сценарио „СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА 2021“, а и на презентација за поврзаноста со НИКС – НАТО-командниот систем за инциденти (NICS).
Вежбата „СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА 2021“ e во организација на НАТО-евроатлантскиот Центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) и Центарот за управување со кризи (ЦУК), а се реализира во периодот од 20 до 24 септември на подрачјето на Охрид и Струга.
Ова е прва цивилна НАТО-вежба во Република Северна Македонија, која заради состојбата со пандемијата истовремено се одвива и теренски и штабно, а Центарот за управување со кризи (ЦУК) е домаќин, односно организатор на сите активности поврзани со вежбата, заедно со надлежните институции што се дел од Системот за управување со кризи.
Станува збор за вежбовна активност од големи размери, настан што инволвира повеќе од 700 учесници од земјава и странство во кој, покрај Република Северна Македонија, учествуваат 27 земји и е прва НАТО-вежба во Република Северна Македонија од ваков размер.
Според надлежните, вклученоста во вежбата претставува одлична можност за поддршка на националните власти и градење на капацитетите преку подобрување на готовноста при природни катастрофи и катастрофи предизивикани од човек, подобрување на планирањето, превенцијата и одговорот, со што би се зајакнале националните капацитети за одговор при итни ситуации.
Во склоп на вежбата ќе биде организиран научен ВИП-симпозиум во траење од два дена, каде што ќе се одвива дискусија помеѓу високи претставници од НАТО, членките на НАТО, државите партнери, меѓународните организации и НВО. Максимална бројка на учесници ќе биде 50 лица, при што ќе има можност и за видеоемитување.
Сценариото за вежбата се базира на урбани операции за: пребарување и спасување, планинска потрага и спасување, одговор на поплави, одговор на хемиски, биолошки или радиолошки инциденти и кампањи за лажни вести, што ќе влијаат на цивилното население и критичната инфраструктура во областа околу градовите Охрид и Струга.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

