Македонија
(Видео) Тошковски: Нова седма по ред канцеларија на Управни служби на МВР во Ропотово, ја враќаме довербата на граѓаните

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со дел од раководството на министерството денеска во Полициското одделение во Ропотово, Општина Долнени прилепско, пушти во употреба нова канцеларија на Управни служби на МВР која ќе ги опслужува жителите во Општина Долнени и околните населени места.
Министерот Тошковски потенцираше дека со овие седми по ред канцеларии за управни служби министерството за внатрешни работи ги доближува се повеќе своите услуги за граѓаните.
„Со оваа канцеларија во Долнени над 15.000 граѓани коишто припаѓаат на Општина Долнени заедно со граѓаните од дијаспората, ќе имаат право и можност сите услуги коишто се поврзани со управните служби како што е вадење на патна исправа, лична карта или возачка дозвола ќе можат да ги остварат во рамки на својата општина, многу поблиску до местото на живеење. Со што имаме двоен ефект, многу поблиска услуга до граѓаните од овој регион а и растеретување на канцеларијата во Прилеп која досега ги опслужуваше овие граѓани. Овие се седми по ред отворени канцеларии на управни служби и доколку има потреба од нови секако ќе реализираме. Ветивме дека ќе овозможиме подостоинствени, побрзи и подостапни услуги за граѓаните и тоа го остваруваме.“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски истакна дека досегашните искуства од веќе отворените канцеларии се одлични, граѓаните се исклучително задоволни да можат да ја остварат својата услуга близу до својот дом, без да патуваат подолго и фактот што гужвите со тоа се намалени и услугите ги добиваат достоинствено и ефикасно.
Министерот Тошковски исто така го посети и ОВР Прилеп каде се запозна со фактичката состојба поврзана со безбедноста, условите и предизвиците на прилепската полиција.
„Има подобрување во делот на сообраќајот и вкупниот криминалитет, но и понатаму треба да се работи особено во делот на враќање на довербата на граѓаните во полицијата, којашто во изминатите години била целосно изгубена како резултат на спрегата со определени криминални структури“, истакна на крај, министерот Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Елитната полициска единица ЕБР прослави 24 години постоење

Со свечена церемонија вечерва на градскиот плоштад во Кавадарци беше одбележан 23 август – Денот на Единицата за брзо распоредување (ЕБР) и 24 години од формирањето на оваа елитна полициска единица при Министерството за внатрешни работи. Настанот се одржа во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, раководството на МВР, министри, пратеници, претставници на институциите и локалната самоуправа, полициските синдикати, како и семејства на загинати и починати припадници на ЕБР.
Граѓаните на Кавадарци имаа можност да се запознаат со опремата на единицата преку концептот „До вас, за вас“ и да се дружат со припадниците на полицијата.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во своето обраќање истакна дека ЕБР е симбол на сигурност и доверба, формирана врз темелите на професионализам, пожртвуваност и верност кон државата.
„Во изминатите две и пол децении, ЕБР се втемели како симбол на сигурност и брза реакција, вистински штит на државата и граѓаните. Ниту еден припадник не се двоуми да преземе одговорност и да дејствува во најризични ситуации, каде што секунда одлука може да значи спас на човечки животи“, порача министерот Тошковски.
Тој додаде дека токму оваа единица има незаменлива улога во борбата против криминалот и корупцијата.
„Разбиени се опасни криминални групи, расветлени стотици дела, запленета е дрога која ќе завршеше кај младите, спречени се илјадници обиди за нелегален влез во државата. Дојде време да покажеме дека државата е посилна од криминалот и дека институциите ја враќаат довербата кај граѓаните“, истакна Тошковски.
На свеченоста зборуваа и досегашниот командант на ЕБР, Зоран Јанаќијев, кој даде свое видување за иднината на единицата, како и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој ја поздрави иницијативата „До вас, за вас“.
Беа доделени плакети на најистакнатите припадници на ЕБР, а претходно во текот на денот беше положено свежо цвеќе пред спомен-обележјето во чест на загинатите херои на единицата.
Македонија
„Корумпираната држава ни ги украде децата“, потресни сцени на маршот во Кочани

Родителите, семејствата и пријателите на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во дискотеката „Пулс“ повторно одржаа марш во Кочани. Повторно се гледаа солзи, тишина и болка, а поворката ја следеа фотографии на загинатите кои нивните родители ги носеа во рацете.
„Корумпираната држава ни ги украде децата. Корупцијата ни го одреди местото каде да ги славиме нивните родендени – на гробиштата. Ни го украдоа сонот, ни ја скратија иднината, а болката ја претворија во наша секојдневна реалност. Бараме правда за нашите деца, бараме крај на корупцијата“, пишуваше на еден од транспарентите.
Слична порака се појави и на друг транспарент: „Моето дете умре, беше убиено од систем кој не штити, туку убива.“
Особено емотивен момент предизвика Мита Тасева, мајката на загинатиот диџеј Стефан Тасевски, чиј роденден се совпадна со маршот.
„Денес небото одекнува од твојата музика, синко наш. Слави го роденденот со ангелите“, порача таа, оставајќи длабока тишина меѓу присутните.
„Ние, родителите, скапо го плативме данокот на корупцијата“, стоеше напишано до фотографиите на младите кои повеќе не се меѓу живите.
Овој марш уште еднаш ја отвори болната тема за безбедноста, одговорноста на институциите и вечната битка на родителите – правдата за своите деца.
Македонија
Сајкоски: Собранието е дом на граѓаните, законот за финансирање донесе нова поддршка

На денешниот Саем-Отчет „4 години работа за тебе“ учествуваше генералниот секретар и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, кој порача дека Собранието останува клучен претставнички дом на граѓаните и преку носење квалитетни закони работи за подобрување на нивниот живот.
„Собранието претставува претставнички дом на граѓаните и со самото тоа се труди најмногу да врати на граѓаните преку носење на квалитетни закони, подобрување на законите и сè она што во делот на локалната самоуправа треба да се направи, за да се подобри таа легислатива“, изјави Сајкоски.
Тој посочи дека изминатата година биле донесени суштински закони кои овозможиле на општините дополнителни средства за реализација на значајни проекти. Како пример го наведе законот за финансирање на локалната самоуправа, преку кој општините добиле повеќе средства за развој.
„Собранието донесе и закон за заем со кој се овозможија средства на секоја општина, што до сега не било. Вкупно 80 општини добија поддршка од Владата за да реализираат проекти. Овие проекти што сега се спроведуваат се суштински и неопходни за граѓаните“, истакна Сајкоски.