Македонија
(Видео) „Тошковски сака да ја партизира полицијата, го понижува знаењето и отвора врати за масовно вработување партиски послушници“, рече Кузеска

„Денеска сме тука да предупредиме за опасниот и штетен обид на Панче Тошковски и Владата да ја партизираат и уништат полицијата како професионална служба. Со предложените измени на Законот за полиција, Тошковски директно удира врз кариерниот систем, го понижува знаењето и искуството и отвора вратите за масовно вработување на партиски војници и послушници на ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Да биде јасно:
Со измените на член 2, Тошковски предвидува за највисоките позиции да се поставуваат луѓе со несоодветно образование и без искуство на раководна позиција. Со тоа се деградира полицијата и наместо професионалци се носат советници со нејасно дефинирани улоги и заслуги.
Со член 4, се бришат критериумите за минимум 6 години искуство и 4 години раководна позиција за началник на СВР. Ова значи дека началник на СВР може да стане и човек кој вчера положил приправнички испит, односно било кој што ќе го избере Тошковски.
Со член 6, Тошковски ги укинува Регионалните центри за гранични работи и ги припојува кон СВР, спротивно на европските стандарди за контрола на границите. Уште еден чекор спротивно на препораките на ЕУ за безбедност.
Со член 12, се овозможува податоците во евиденциите да се бришат по 60 години, а не трајно, што отвора простор за манипулации и бришење траги за злоупотреби на нивните луѓе. Ова е смислена измена за да се амнетстираат оние кои Тошковкси ќе реши дека не треба да одговараат.
Со член 15, се подига возраста за вработување на 30 години, со што им отвораат простор за вработување на партиски кадри, а не млади професионалци. Уште еден удар врз младите и дополнителна можност за партизација.
И за крај најскандалозно: со бришењето на член 19, се отвора можност луѓе кои се осудени и со забрани за работа да останат во полицијата и да бидат амнестирани од одговорност.
Ова е смислен и опасен план на ВМРО-ДПМНЕ да го уништи кариерниот систем, да ја претвори полицијата во партиска милиција и да обезбеди амнестија за нивниот криминал.
СДСМ бара овие измени веднаш да се повлечат. Бараме институциите да останат во служба на граѓаните, а не на партијата.
Полицијата мора да остане професионална, со јасни критериуми, со знаење и искуство, а не со партиска книшка.
СДСМ нема да дозволи уништување на полицијата и легализација на беззаконието“, изјави на денешната прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.