Македонија
(Видео) Тренчевска: Ќе ги унапредиме правата на руралните жени
Преку отворен дијалог и дебата ќе дојдеме до заедничко решение, за предлогот на Националната федерација на фармери во делот на остварување на правото за користење на платено родителско отсуство и боледување за регистрираните земјоделки, рече министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. Таа на денешната презентација на Анализата за изнаоѓање на правен механизам – „Заедно до успех“, подготвена од Националната федерација на фармери на Македонија, посочи дека процесот во унапредувањата на правата на жените земјоделки ќе биде транспарентен со вклученост на сите засегнати страни.
„До сега направивме многу активности во насока на унапредување на положбата на жените од руралните средини, меѓутоа тука нема да застанеме. Ќе продолжиме да креираме нови политики кои ќе значат дополнително подобрување на статутот на жените од руралните средини. Во новите законски решенија за родовата еднаквост и за работните односи, се вметнати најдобрите европски практики, и очекуваме да дадат нова димензија во концептот на еднаквост. Тие се подготвува во соработка со сите засегнати страни бидејќи напредок може да има само со вистински партнерски однос. Заедно треба да работиме и на промена на традицијата и менталитетот, земјоделскиот имот подеднакво да се дели и на момчињата и на двојчињата во семејството“, рече министерката Тренчевска.
На презентацијата на Анализата министерот за земјоделие Љупчо Николовски, посочи дека руралната жена треба да биде силна и успешна. Информираше дека на утрешната владина седница ќе биде донесена Програма за рурален развој.
Претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска, посочи дека со остварување на породилно отсуство и боледување ќе се овозможува земјоделките и земјоделците да бидат еднакви, како и сите други граѓани бидејќи ќе се надмине обесправеноста и дискриминацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

