Македонија
(Видео) Турчинот осомничен за силување на скопјанка е истиот кој беше условно осуден пред три месеци
Турчинот на кого МВР денеска му поднесе кривична пријава за силување е Сонер Арслан. На јавноста, скопското Обвинителство им е познат. Станува збор за манијакот кој беше гонет дека се самозадоволувал пред девојчиња и жени во автобуси и пред влезови на згради. За ова, пред три месеци беше осуден на условна казна, изречена од судијката Љубинка Башевска.
Силувањето, според полицијата, го сторил во декември минатата година. „Макфакс“ дознава дека е откриен преку ДНК анализа. Според извори во истрагата, неговата ДНК била најдена на маицата од девојчето на возраст од 24-години. Ја допирал по телото, по што се самозадоволил, а траги од семената течност имало и на нејзината облека.
Скопјанката не е негова прва жртва. Претходно, пет други девојчиња беа оштетени во постапката што се водеше против него. Најмладата имаше 19 години. На рочиштето, на кое призна вина, Арслан, кој е роден во Турција, ветуваше дека нема да го повтори делото и бараше поблага казна.
Судијката од Кривичниот суд, Љубинка Башевска во март, му изрече условна казна. Посочи и дека ова му е последна шанса да остане на слобода.
„Му утврдуваме казна затвор која нема да се исполни ако во рок од 5 години не стори ново кривично дело. Ова му се последна шанса и последен момент“, рече судијката Башевска.
Обвинителката Лидија Раичевиќ, која го гонеше Арслан му се обрати директно на обвинетиот Сонер Арслан, на кого му посочи: „Не е доволно да се извиниш, да покажуваш полов орган – не смееш, побарај стручна помош“.
Инаку, станува збор за 30-годишен маж. Живее во с.Пагаруша, општина Студеничани. На судењата кои претходно се водеа, кажуваше дека е верен, како и дека планира свадба. Посочи и дека неговиот татко е во лоша здравствена состојба. Судот беше дециден дека ќе биде контролиран дали оди на психијатриски прегледи и дали ги почитува напатствијата на судот дадени во пресудата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

