Македонија
(Видео) Филипче: Вакцината е најсилното оружје во борбата со вирусот и таа сигурно ќе ја промени сликата
Влегуваме во новата година посилни и помудри, со верба дека оваа 2021 година ќе биде многу подобра од претходната. Со вакцината која влева надеж за целото човештво секој ден сме чекор поблиску да ставиме крај на пандемијата. Вакцината е најсилното оружје во борбата со вирусот и таа сигурно ќе ја промени сликата, вели министерот за здравство, Венко Филипче.
„Поминавме исклучително тешка година. Секој од нас носи своја жртва и свое бреме. Семејствата кои загубија близок, оние кои ја добија битката со вирусот, здравствените работници кои не потклекнаа под притисокот и продолжија неуморно да се борат за секој човечки живот, граѓаните, компаниите. Оваа година, колку и да сакаме, не можеме да ја заборавиме. И не треба. Се соочивме со нешто што целосно ни ги измени животите и нé исправи пред предизвикот да научиме дека можеме да живееме поинаку, да сакаме поинаку, да се грижиме повеќе, да бидеме солидарни и сплотени повеќе oд кога било, во една единствена цел – победа на вирусот“, вели Филипче.
Сепак, додава тој, да не заборавиме, оваа година имаше и убави нешта. Ја направивме првата трансплантација на срце во историјата на нашата земја, на свет дојдоа близу 20 000 новороденчиња. Овозможивме лекарска грижа и терапија за сите пациенти, нови лекови за пациенти со ретки болести, обновивме оддели и установи. Го почнавме процесот за енергетска ефикасност на здравствените објекти, поставуваме монтажни болници и уште низа други.
„Но, Ковид-19 беше и останува наш најголем предизвик. Изодевме долг пат. Чекоревме брзо, зошто време за чекање немаше. Некои одлуки мораше да се донесат сега и веднаш. Сепак, ниту еден здравствен систем никогаш не се соочил, ниту, пак, бил подготвен да се справи со пандемија од вакви размери. Но ако во нешто сум сигурен, тоа е дека сите одлуки во борбата со вирусот ги носевме водени од заштитата на здравјето на граѓаните, како врвен приоритет. Влегуваме во новата година посилни и помудри, со верба дека оваа 2021 година ќе биде многу подобра од претходната. Со вакцината која влева надеж за целото човештво, секој ден сме чекор поблиску да ставиме крај на пандемијата. Вакцината е најсилното оружје во борбата со вирусот и таа сигурно ќе ја промени сликата. Но, сé уште е рано да го спуштиме гардот. И натаму мораме да останеме претпазливи и да продолжиме да ги почитуваме мерките. Веројатно ќе помине уште некое време додека да им се вратиме на животите онакви какви што беа пред Ковид-19“, вели министерот.
Филипче додава дека во новата година нè очекуваат нови предизвици.
„Иако некои од проектите кои ги планираме запреа поради пандемијата, произлегоа низа други кои на долг рок ќе се покажат како значаен влог во нашето јавно здравство. Реформите во здравството треба да продолжат. Но мора да останеме совесни и одговорни за да го отвориме патот на новите проекти. И јас искрено верувам дека сите заедно ќе се заложиме за тоа. Ако нешто нé научи оваа 2020 година, тоа е дека здравјето, семејството и најблиските се највисоките животни приоритети. Затоа, оваа година да прославиме поинаку. Да останеме дома и да ги оставиме големите прослави за некои други, посигурни времиња. Така, секој од нас ќе даде свој придонес во борбата, секоја следна година да ни биде поубава од оваа“, вели Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

