Македонија
(Видео) Филипче: Ако се обединиме на патот кон ЕУ, нема пречка што нема да ја совладаме

Патот кон Европската унија трае предолго, но не смее да се откажеме, мораме да се обединиме бидејќи кога сме заедно ги обединуваме сите капацитети и нема пречка што не можеме да ја совладаме, оцени денеска Венко Филипче, претседателот на СДСМ на дебатата на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции за придобивките од Реформската агенда 2024 – 2027.
Тој во своето обраќање на отворањето на дебатата истакна дека Македонија дала премногу жртви без поголем резултат на патот кон Унијата но не смее да се откаже затоа што не постои никој друг извор на средства кој вложува повеќе во човечкиот капитал и најмногу тоа се гледа кај соседите кои напредуваат во преговорите.
„Сметам дека премногу долго трае нашиот пат кон ЕУ сме дале многу жртви не сме виделе многу голем резултат. Причините сите ги знаеме меѓутоа се поставува прашањето треба ли сега да се откажеме. Не постои никој друг извор на средства ниту заем којшто ќе вложи во клучната работа, а тоа е човечкиот капитал и само така ќе видиме видливи резултати кога ќе инвестираме во отворена економија, во економија којашто е базирана на знаење. Се поставува прашањето што треба да направиме. Мислам дека треба да се направи споредба. Треба да се направи споредба со некои земји коишто се приклучија во ЕУ како тие имаат пристап до сериозно големи фондови тоа се европските фондови за развој, како нивните земји практично се менуваа, пред нивните очи а и ние ги гледаме тоа се земји соседи Бугарија, понатаму Романија, Хрватска итн“, рече Филипче.
Притоа Филипче потенцираше патот кон ЕУ мора да се води заедно и обединети затоа што тоа е единствениот клуч како да се избориме против пречките кои се испречуваат при патот во евроинтеграциите.
„Време е да гледаме низ една друга перспектива да влеземе да работиме и да се бориме што и да е на масата каква и пречка да е пред нас исправена мораме да се обединиме поради тоа што кога сме заедно ги обединуваме сите капацитети. Нема пречка што не можеме да ја совладаме поради тоа што најлошото сценарио е сите овие проблеми да едноставно да ги ставиме на страна и да ги оставиме да ги решаваат следните генерации поради тоа што тоа никој нас нема да ни го прости“, рече Филипче на дебатата за придобивките од Реформската агенда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.