Македонија
(Видео) Филипче: Државата ризикува нови услови за отворање на преговорите
На денешната седница на Националниот совет за евроинтеграција, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати сериозни критики за состојбата со реформите и европскиот пат на државата, нагласувајќи дека Македонија стои во место, а владата нема политичка волја за суштински реформи.
„Јасно кажува овој извештај, дека реформи нема, го губиме времето. Ова е еден од најлошите извештаи кои што државата го добила. Полош е само тој во 2015 година, кога сме оценети како заробена држава“ рече Филипче.
Тој истакна дека нема напредок во клучни области и дека државата ризикува нови услови за отворање на преговорите.
„Нема напредок во клучните области. Од тука се гледа дека оваа влада нема политичка волја да ги направи реформите, жалам што денеска слушам, дека денеска и овој период не бил време за реформи. Ако до минатата година имаше само еден услов, после еден таков извештај, не сум сигурен дека понатаму нема да имаме и други услови“, додаде Филипче.
Филипче ги истакна забелешките на Европската комисија за правосудството, борбата против корупцијата, медиумските реформи, економијата и образованието, сектори во кои, според ЕК, нема напредок или е забележано назадување.
„Генералната независност и финансиска автономија на правосудството се поткопани. Нема напредок ниту во борбата против корупцијата. Владата нема напредок во клучни реформи поврзани со економските критериуми. Никој нема да биде крив, целата одговорност е во владината коалиција на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН“, потенцираше Филипче.
На седницата, Филипче посочи дека Владата не изразила интерес за последната транша од макрофинансиската поддршка од ЕУ, која е поврзана со правење неопходни реформи, а претставува неповратна финансиска помош.
„Владата не изразила интерес за последната транша на макрофинансиска поддршка од ЕУ, која е поврзана со правење на неопходни реформи, а претставува неповратна финансиска помош. Освен што губиме средства од неспроведување на реформската агенда нема доволно пари предвидени и за спроведување истата. Од тука се потврдува немањето политичка волја да се продолжи со реформите“, рече Филипче.
На седницата на која се дискутираше за последниот извештај на Европската Комсија за Северна Македонија, Филипче истакна дека овој извештај е меѓу најлошите досега и порача дека граѓаните очекуваат напредок, вистински, видливи резултати кои што можат да ги почувствуваат, а не само изговори, теории на заговор или ароганција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од утре Мицкоски во Минхен на безбедносната конференција: во фокусот, геополитичката стабилност и улогата на Македонија како столб на стабилност во Западен Балкан
Oд утре (петок) премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе биде во неколкудневна посета на Сојузна Република Германија, каде ќе присуствува на 62-та Минхенска безбедносна конференција.
Во рамки на конференцијата, Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со европски лидери, високи претставници како и челни луѓе на меѓународните безбедносни организации.
Во фокусот на разговорите ќе бидат геополитичката стабилност на регионот, нагласувајќи ја улогата на Македонија како столб на стабилноста во Западен Балкан и активен придонесувач во НАТО алијансата.
Исто така премиерот Мицкоски на средбите и состаноците ќе ја реафирмира позицијата на државата за неопходноста од предвидлив и фер пат кон полноправно членство во ЕУ, без наметнати билатерални пречки.
На маргините на конференцијата, предвидени се средби со високи претставници на Европската Унија како и со шефови на влади и држави.
Македонија
Филипче да каже зошто со Заев дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и кој и колку профитирал, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Филипче жестоко се обидува да го одбрани својот ментор Заев и поврзаноста на луѓето блиски до СДС во последниот скандал со запленетата марихуана, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче и кланот Заеви, Македонија ја претворија во Балкански „нарко-центар“, каде наместо медицинска се произведувала марихуана за црниот пазар. Запленетите 40 тони марихуана, директно водат до фирми блиски до Заев и Филипче.
Венко Филипче е без кредибилитет. Нема афера и скандал, а тој и Заев да не се вплеткани. Филипче и Заев се синоним за криминал, корупција, импровизации, нетранспарентни одлуки и контроверзи. Филипче е човекот кој го уништи здравствениот систем во државата“.
Македонија во време на владеењето на СДС, додаваат од владејачката партија, Зоран Заев и Венко Филипче, наместо строго контролирано производство на канабис за медицински цели, беше претворена во балкански нарко центар за шверц на марихуана на црниот пазар.
Според нив, факт е дека темелите на бизнисот за марихуана ги постави владата на Зоран Заев во 2020 година, додека Филипче беше министер за здравство.
„Владата на СДС делела лиценци на фирми поврзани со Зоран и Вице Заев, а резултат на тоа, денес се тони дрога и сериозни безбедносни последици за државата.
Факт е и дека околу 70 проценти од запленетата дрога деновиве е на фирма во сопственост на луѓе на Заев.
Медицинската марухуана била параван за организиран криминал во огромни размери“.
Прашуваат, зошто Заев лично се интересирал за случајот со петте тони марихуана запленети во Србија?
„Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале?
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Одговорност мора да има“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

