Македонија
(Видео) Филипче: Корупцијата во законот за кредитот од Унгарија се гледа од авион
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во Струмица, во одговор на новинарско прашање, потенцираше дека Законот за кредит од Унгарија што го најави Владата, е голем корупциски проект за кој каматите ќе ги плаќаат идните генерации.
„За жал морам да констатирам дека корупцијата во овој Закон се гледа од авион. Имено, како никогаш досега една фирма која ќе биде одговорна за провизиите ја назначува унгарската банка која ги дава парите, тоа никогаш не било сценарио и не се случило во нашата земја. Секогаш кога имало меѓународна куќа таа била етаблирана, позната и ја обезбедувала државата со цел да се заштити. Сега некој друг ни кажува кои адвокати и која фирма ќе ги земе тие провизии. За жал, сметам дека тоа е еден голем корупциски проект кој што е озаконет, односно веќе влегува во законска процедура, генерации и генерации ќе плаќаат понатаму камати“, изјави претседателот на СДСМ.
Филипче посочи дека загрижува и фактот што Владата го криеше овој закон од јавноста и сега се носи по скратена постапка.
„Ние укажувавме изминатиов период и сега излегува дека е вистина. За жал се носи еден таков сериозен закон по скратена постапка, за да нема доволно време за дискусија или анализа од страна на експертите и експертската јавност. Тој закон е поминат на Влада на 3-ти септември и очигледно еве скоро цела недела се криел од јавноста. Се поставува прашање зошто на таков шверцерски начин се обидуваат таков закон да протнат во Собранието по скратена постапка“, рече претседателот на СДСМ Филипче, додавајќи дека СДСМ многу внимателно ќе следи кои ќе бидат тие фирми што ќе бидат назначени од Унгарија и ќе бидат одговорни за провизиите, и сите работи кои ќе ги открива СДСМ ќе и бидат презентирани на јавноста“, кажа Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

