Македонија
(Видео) Филипче најави политички и кадровски промени во СДСМ
Претседателот на СДСМ,Венко Филипче, во изјава за медиумите по првиот круг од локалните избори истакна дека партијата бележи раст во повеќе општини, но и дека има места каде резултатите се послаби, што, како што рече, е јасен показател за тоа што треба да се менува.
„Јас лани ја затекнав партијата во навистина тешка и лоша состојба, после еден пораз со разлика од 300.000 гласови. Во изминатата година и пол интензивно работев во сите општински организации, со илјадници членови – преку директни контакти, средби и состаноци“, изјави Филипче.
Тој посочи дека СДСМ има избрани градоначалници во дел од општините, како и 16–17 општини во кои партијата влегува во втор круг, каде е забележан значаен раст на поддршката.
„Во некои општини бројот на гласови е зголемен за 40–50 отсто, а некаде гласовите се дури и дуплирани, што значи дека работата дала ефект. Но, има и општини, особено скопски, каде што тоа не се случи“, рече тој.
Филипче оцени дека овие избори се добар показател за насоката во која треба да се движи партијата во иднина.
„Очигледно е дека во дел од општините е потребна уште поинтензивна работа. Овие избори се јасен сигнал како треба да се поставиме и како да функционираме во следниот период“, додаде тој.
Во завршницата од изјавата, Филипче најави и кадровски и политички промени по завршувањето на изборниот процес.
„Ќе има политички и кадровски промени во раководството на партијата – за што јавноста ќе биде навремено информирана“, истакна претседателот на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Без разлика на етничката, верската и политичката припадност, на 2 ноември да се обединиме во Кичево
После вториот круг очекувам 59 градоначалници да има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со што ќе ја заокружиме највисоката бројка во историјата на демократската Македонија, по бројот на градоначалници, којашто некогаш се случила. И ако на тоа се додаде и извесната победа на Орце Ѓорѓиевски за град Скопје, којшто води 3:1 после првиот круг во однос на неговиот противкандидат, тогаш заокружуваме бројка од 60 градоначалници коишто ќе дојдат од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и главниот град, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот мини митинг во Кичево во рамките на изборната кампања под слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ за вториот круг од локалните избори на 2 ноември во недела.
Мицкоски се осврна и на победата на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за листите на советници во 58 општини.
Додаде дека не било лесно, туку дека било тешко, но единството и поддршката на граѓаните покажале дека може да се совлада и помногуброен противник.
„Затоа е многу важно на 2 ноември во недела да се обединиме овде во Кичево, без разлика на нашите различности, без разлика дали тие различности се етнички, верски или политички. Многу е важно да бидеме како едно, да се обединиме околу вредностите коишто ги споделуваме, да се обединиме околу цивилизацијата којашто ја застапуваме. Затоа што јас сум убеден дека против кандидатот на Александар не ги споделува нашите вредности, не ја споделува нашата цивилизација. И секој оној којшто ќе го земе пенкалото во рака и ќе застане позади гласачката кутија, со гласачкиот лист пред него, нека го слуша својот разум и своето срце и нека гледа длабоко во својата душа, од таму ќе извира бројот 9. И нека го заокружи бројот 9, нека заокружи за Александар“, повика Мицкоски.
Секој оној кој ќе биде исправен пред предизвикот дали да го поддржи Александар или неговиот против кандидат, додаде Мицкоски, нека се присети на вредностите кои ги застапува Александар и вредностите кои ги застапува неговиот против кандидат.
„Дали вие сакате да живеете во средина во којашто ќе владеат криминалот, блуд, разврат и уцени? Дали сакате Кичево да биде домаќин на блуд, разврат, криминал и уцени? Заборавете на етничката припадност, сетете се на вашите ќерки, на вашите внуки, дека некоја од нив може да биде жртва на овој човек. Затоа, кога ќе го имате пенкалото во рака, верувајте во вредности, не во басни, не во приказни. Заборавете на нешто што некој ви кажува дека се случило пред 4, 5, 6 децении, верувајте на оние коишто ви кажуваат што ќе се случува за четири, пет децении од денес. Заборавете на оние романтични приказни што некој ви ги кажува за некое измислено минато коешто никогаш не се случило. Верувајте на иднината којашто сите ние заедно Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати ќе ја градиме. Тоа е иднината на Македонија“, упати Мицкоски обединувачка порака и повик до сите етнички заедници.
Македонија
Николоски: Скопје од денеска директно се поврзува со шпанската престолнина Мадрид
Скопје од денеска директно се поврзува со шпанската престолнина Мадрид, авиолинија која е една од дваесетте авиолинии што ги воведовме во изминатата година, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој заедно со амбасадорот на Шпанија во Македонија, Рафаел Сориано Ортиз и Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија, го означија првиот лет Скопје-Мадрид.
Николоски потенцираше дека ова е огромен успех за авиосообраќајот, бидејќи со воведувањето на новите линии се забележува и значителен раст на патници и туристи во Македонија.
„Многу ми е драго што денеска почнува директна линија помеѓу Скопје и Мадрид, ги поврзуваме двата главни града, главниот град на Кралството Шпанија и главниот град на Македонија, нешто што е многу значајно, за развојот на туризмот, за развојот на бизнисот и за размената помеѓу двата народи, размената во културата, нешто што навистина многу значи“.
Од минатата година кога беше избрана оваа Влада до денес, додаде тој, отворена е 21 нова дестинација.
„Од Париз, од “Орли” се лета за Скопје, од Истанбул се лета за Охрид, од Дубаи ќе почне да се лета за Скопје оваа зима, од Барселона, од Лион, од Амстердам и од Љубљана се лета за Скопје, тука се чартерите на “Фрибрд Ерлајнс” кои што секој ден слетуваат на скопскиот аеродром, кои за скоро ќе бидат и по два дневно. До Охрид почна да се лета од Базел, Ларнака, Мадрид, Штутгарт, Бари, Стокхолм на главниот аеродром почнуваат овие денови. Понатаму, ја отвараме Женева, Келн, многу значајно за мене Прага, а веќе од пролет Неапол-Италија, Будимпешта-Унгарија, Катовице и Вроцлав до Охрид, и Милано исто така до Охрид.
Вкупно 21 нова дестинација, 21 нова линија, за зголемување на бројот на туристи и повеќе бизнис во Македонија. Сакам да се заблагодарам на директорот на ТАВ на неговиот тим, за одличната соработка која што ја имаме, да се заблагодарам на амбасадорот на Шпанија и да најавам дека ќе има уште дестинации од Шпанија, Барселона и Мадрид нема да се последни” истакна вицепремиерот Николоски
Македонија
Утре наутро претежно ведро и студено, преку денот сончево
Утре наутро ќе биде претежно ведро и студено, преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 4, а максималната ќе достигне од 15 до 20 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Во наредните денови следува период на стабилно и суво време. Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла или ниска облачност. Поради разведрувањето утринската температура наместа ќе се спушти под нулата, а дневната ќе бележи тенденција на благ пораст.

