Македонија
(Видео) Филипче: Сите сме виновни, СДСМ се соочува со голем предизвик за враќање на довербата на граѓаните

Застанав на чело на партија која на последните парламентарни избори доживеа огромен, историски пораз, но поразот не е крај – тој е шанса за нов почеток, шанса за освестување и обнова и таа шанса мора да ја искористиме, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешниот 30-ти Конгрес на партијата.
Во своето обраќање пред делегатите, Филипче посочи дека СДСМ во моментов се соочува со голем предизвик за враќање на довербата на граѓаните.
„Сметам дека е праведно конечно сите да прифатиме дека од различен агол, сите сме виновни. Точно е, некој повеќе, некој помалку, но секој на совеста го носи товарот дека во моментот нашата СДСМ се соочува со огромен предизвик за враќање на довербата на граѓаните“, рече Филипче.
Притоа, Филипче потенцираше дека причините за ваквата состојба се повеќеслојни, нагласувајќи дека заради големите национални прашања како полноправното членство во НАТО Алијансата, напорите за почеток на преговори за полноправно членство во ЕУ, решавање на отворените прашања со соседите, се занемари ефикасноста во обезбедување на сервисните функции на државниот апарат.
„Точен е впечатокот дека ЕУ и НАТО не се мачкаат на леб. Граѓаните сакаат функционална држава која испорачува конкретни резултати. Не за пет, не за десет години, туку сега и веднаш! Граѓаните не чекаат ветувања – тие чекаат дела. Сметам дека не смееше да дозволиме речиси целата енергија да ја насочиме на евроинтеграциите, но и тие да бидат оправдување за неиспорачување на дел програмата и ветувањата кои ги дадовме пред граѓаните“, рече Филипче, додавјќи дека сите овие прашања, дополнително и спорот со Бугарија, ги преклопија сите добри работи и реформи што ги направи СДСМ.
Филипче потенцираше дека сепак не може да се занемарат успешните политики на владите на СДСМ, во делот стопанството, за економијата, за пензионерите, за социјалните категории, за јавното здравство.
„Се вложивме 100 проценти, не калкулиравме, не бевме популисти, направивме тешки жртви. Двајцата мои претходници, Заев и Ковачевски ја жртвуваа својата политичка кариера за денес да сме членка на НАТО и да имаме започнато преговори со Европска унија. За жал, таквата длабока посветеност, не беше наградена со очекуваната мера. Но се боревме за она што верувавме дека е исправно, дека ќе донесе добробит за секој граѓанин на оваа држава, дека ќе ја постави Македонија на светската мапа. И во тоа успеавме“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче додаде дека ова не е време за обесхрабрување, туку време за акција, а СДСМ е партија на победници и знае како да се издигне после секој пораз и како да ги преобрази предизвиците во можности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од претходната власт наследивме урбана пустош, дивеење на инвеститори, Аеродром се движи по нова траекторија, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Изјавата на СДС е уште еден обид за дефокус и манипулација од страна на партија која во претходните 4 години не направи ништо за Аеродром, освен бетон и хаос. Граѓаните добро паметат – од претходната власт наследивме урбана пустош, дивеење на инвеститори и нула транспарентност, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ откако од страна на СДСМ изјавија дека Општина Аеродром е жртва на неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски и Дејан Митески.
Денес, според партијата на власт, Аеродром се движи по нова траекторија.
„Со нова инфраструктура, проекти во образованието, социјалната заштита и реални инвестиции. Работиме секојдневно, транспарентно и во интерес на граѓаните. За прв пат во Аеродром во исто време се градат училиште, детска градинка и спортска сала. Паралелно на тоа се реализираат многу инвестиции во патната и водоводна инфраструктура, зеленилото, спортската и детска инфраструктура.
Аеродром повеќе не е бетонска џунгла, напротив, статистички гледано се градат за 80% помалку згради во овој мандат. За првпат спроведовме деурбанизација, односно избришавме маркици за згради и ги пренаменивме во паркови“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, и покрај тригодишната блокада од владата на СДС, сепак во Аеродром се реализираат проекти како никогаш досега.
Оценуваат дека заврши времето на СДС кога една даска чинеше илјадници евра, еден кош како цела спортска сала.
„Заврши времето на СДС кога со изградба на згради се грижеа за тревата, како онаа кај Мајчин дом.
СДС очигледно не ја научија лекцијата после катастрофалните порази на изборите и пораката дека аеродромци не сакаат празни зборови, туку дела и проекти.
Граѓаните не сакаат враќање на старата неработа“.
Македонија
МЗ: Нормализирано водоснабдувањето во Клиниката за белодробни заболувања „Козле“

Министерството за здравство информира дека водоснабдувањето во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај децата – Козле е целосно нормализирано.
Од таму додаваат дека хоспитализацијата на пациентите продолжува непречено, а здравствената установа функционира во целосен капацитет.
„Министерството останува посветено на следење на состојбата и обезбедување континуирана здравствена заштита за најмладите пациенти“, соопштија од оваа институција.
Македонија
Македонија е посветена на изградба и модернизација на транспортните коридори, вели Николоски

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оствари работна средба со заменик амбасадорот на ЕУ, Бен Нупно.
На средбата Николоски ја истакна силната определба на Владата за развој на инфраструктурата, со посебен фокус на европските коридори 8 и 10, како и кракот 10 д.
Потребата од економско зајакнување на Македонија и интеграција во регионот е возможно единствено преку изградба и модернизација на патната и железничката мрежа, потенцира Николоски, истакнувајќи ја потребата од силна подршка од европските партнери во овие процеси.
Тој нагласи дека Македонија се движи во правец на инфраструктурна интеграција во регионот, посочувајќи дека Владата започна интензивни процеси на изградба и модернизација на главните европски рути во земјава, истакнувајќи ги проектите за автопатското и железничкото поврзување на коридор 8, особено проектот за изградба на брза пруга на коридор 10.
Во однос на железничкото поврзување со Бугарија, Николоски ја нагласи определбата на Владата за доизградба на пругата и заедничката реализација на овој проект со Бугарија, особено по средбата што се одржа во Брисел, а во посредство со Европската Унија.
На средбата се потенцира и важноста од зголемување на капацитетите и потребата од искористување на средствата преку ИПА фондовите.
Интегерцијата на Македонија и соработка со ЕУ е стратешка политика на Владата, посочи Николоски, истакнувајќи дека ќе продолжи посветено да се работи на реформските процеси, на борбата против корпуцијата и владееење на правото.