Македонија
(Видео) Филипче: Средба со криминалци нема да има
Средба со криминалци нема да има. Нема средба за техничката влада, Мицкоски е во тесно, му се брза и бара алиби за распишување на предвремени избори, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Ова што се случува е сценарио кое што е смислено уште лани, кое јас и СДСМ го разоткривме и јавно го говоревме повеќе од два месеци. Предвремени избори па мигранти за пари. Нема пари во буџетот, власта се брза да превеземе мигранти, да земе кредит 6 милијарди евра плус 20.000 фунти по мигрант, како што пренесоа британските медиуми. Мицкоски и тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ нека си ги распишат изборите сами кога веќе се имаат испланирано, СДСМ нема да биде покритие за оваа сценарио“, рече Филипче.
Според него, техничката влада мора да остане, затоа што власта узурпирала се.
„Ги стави канџите во правосудството, презема целосна контрола врз обвинителството, носи измени на Кривичниот законик спротивно од препораките на Европската Унија.Тоа го прави за заштита на криминалот на власта. Донесе резолуција за укинување на слободата на говор на опозицијата, со тоа ја загуши дополнителна демократијата и донесе Закон за полиција за целосна партизација и за бркање на професионалците. И за сето ова во текот на утрешниот ден ќе организираме брифинг на којшто ќе ги соопштам во детали работите кои што се прават во правосудството со поднесените предлог-закони. Да не беа овие чекори, можда и можеше да се разговара, но ова е класична мафија“, рече лидерот на СДСМ.
Филипче додава дека со криминалци кои се обидуваат да узурпираат се и да се спасат себеси, нема седнување на маса за техничката влада, има само одговорност.
„Сето она што СДСМ го говори во изминатиот еден месец сега се случува пред очите на граѓаните. Се потврди и поврзаноста и со СНС и со Србија, исто така тоа што го зборувавме. Како е можно во рок од само еден час по изјавата на Вучиќ во Србија, Мицковски да ги споменува изборите? Што е тоа коинциденција или тоа што го зборуваме изминатите повеќе од месец дена.
И сега е на сите јасно се, нема потреба од дополнителни објаснувања. Акцијата на Соединетите Американски Држави, Законот за западен Балкан каде фокус е борбата против криминалот и корупцијата ги забрзаа работите. Зошто постои потреба токму на најголемиот празник на Божиќ да се пласираат такви политички вести? Очигледно е дека се разоткриени пред целиот свет. Постојат најави за црни листи, за санкции на политичари од целиот регион кои што ќе бидат објавени овој или наредниот месец. Мицкоски повикува на средба, а до вчера не обвинуваа секој ден, бараа да си заминам од СДСМ, измислуваа за мене приказни, Дубаи, Харис Џинович, Сент Моритц, секој ден лажни вести, навреди додека со службите ме следат. Дури и во СДСМ од внатре се обидоа да ја рушат партијата. И сега средба? Па, дали мислат дека и јас и СДСМ сме наивни? Средба нема, техничката влада останува“, вели Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.

