Македонија
(Видео) Филипче: Стратегијата на широко и интензивно тестирање дава резултати
Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше за најновата состојба со вирусот Ковид-19 во нашата земја. Тој информираше и за статистиката во врска со пациентите, состојбата во болниците, подготвеноста на капацитетите за следниот период, се осврна на анализите од Институтот за јавно здравје за изминатите недели, како и на состојбата во регионот.
„Во изминатите десет дена кризата со коронавирусот повторно ескалираше насекаде на Балканот, во соседните земји. Светската здравствена организација извести дека 60% од случаите од 10 милиони инфицирани со Ковид-19 ширум светот се регистрирани во месец јуни. Ова потврдува дека насекаде има нов бран, кај нас дојде нешто порано и мислам дека многу рано го детектиравме. Сега се јавува во сите земји од нашето опкружување и тоа е директна последица на попуштањето на рестриктивните мерки и на непочитувањето на мерките за лична заштита“, потенцираше министерот Филипче.
Состојбата во светот, исто така, потврдува дека првичните предвидувања на светските здравствени авторитети дека вирусот во текот на летото ќе исчезне – практично не се остварија.
„Во последните денови светската статистика говори дека има пикови на новозаразени и починати и тоа е уште една потврда дека вирусот е тука. Ќе остане очигледно подолго време, а ние мора да бидеме подготвени. Мора да го подготвуваме здравствениот систем, да ги почитуваме мерките за лична заштита, да се навикнеме на новата реалност, што значи продолжување на сите нормални активности, но со почитување на мерките за лична заштита. Исто така, мора да прифатиме дека оваа реалност можеби ќе трае и подолго од тоа што првично сите земји во светот го очекуваа“, изјави министерот Филипче.
Во последниот извештај на Институтот за јавно здравје од 20 до 28 јуни споредено со претходната недела, во нашата земја регистрирани се 303 помалку нови случаи со КОВИД-19, со помалку смртни случаи, 216 повеќе оздравени пациенти. Изминатата недела има вкупно околу 860 случаи, што е значајно помалку од 1.000 случаи во просек претходните три недели, што значи и минатата недела инциденцата е нешто пониска. Р0 Факторот на преносливост во изминатите десет дена, два до три дена е само над единица – 1,1, целиот останат период е околу 0.9.
„Во наведениот период регистрирани се заболени лица од сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група на лица над 60 години – 26%. Апелирам уште еднаш возрасните и хронично болните да бидат исклучително внимателни, покрај тоа што најчесто заболуваат, а и смртноста во оваа група е висока. Во последниот извештај на ИЈЗ има 57 смртни случаи од десет града, што е осум смртни случаи помалку од претходната недела. Најголем број од случаите на возраст над 60 години, а 44 од нив се лица со претходни хронични заболувања. Во однос на дистрибуцијата по градови, најголем број од регистрираните случаи се во Скопје – 46%, Тетово – 13%. Овие градови и натаму остануваат најголемите жаришта во нашата земја. Во 15 града во земјата, за истиот период бројот на новопотврдени случаи е под 20. Спорадични случаи има во повеќе градови, бројките варираат секаде, но она што може да се заклучи од изминативе повеќе недели дека нема знаци дека постои друго потенцијално жариште освен Скопје, Тетово и нешто повеќе случаи во Гостивар“, рече министерот Филипче.
Во наведениот период оздравени се водат 447 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување што е за 216 повеќе од претходната недела на известување и тој е важен и позитивен индикатор кој влијае на намалување на растот на активните случаи.
„Во земјата досега се направени 68.059 тестирања. Стратегијата на широко и интензивно тестирање, вклучувајќи ги и контактите на позитивните по индикација дава резултати, како што може да се забележи во просек имаме околу 8.000 тестови неделно. Овој пристап ни овозможува да имаме еден широк увид во состојбата во однос на ширењето на вирусот. Овој систем помага да ја стабилизираме ситуацијата во двете жаришта, пред сè во Скопје и во Тетовскиот регион, да се задржиме на овој линеарен раст на случаи. Како резултат на оваа стратегија имаме рана детекција на асимптоматски случаи и секако нивно изолирање, нешто на што интензивно работат сите центри за јавно здравје, посебно Центарот за јавно здравје во Скопје во чијашто работа се вклучени сите колеги од центарот, не само епидемиолозите и со такво интензивно следење на контактите практично се спречува ширење на заразата“, истакна министерот Филипче.
Тој посочи дека и во следниот период се продолжува со истата стратегија и упати апел до граѓаните да соработуваат со здравствените работници, да даваат точни податоци за епидемиолошките анкети, заради тоа што тоа е еден многу битен сегмент за раната детекција на нови случаи.
„Анализата во однос на процентот на позитивни од тестирани случаи укажува на тоа дека имаме просек од 13% од вкупниот број на направени тестови и во изминатиот период оваа бројка не се менува значително. Во последните 24 часа направени се 894 тестирања, регистрирани се 78 нови случаи. Институтот за јавно здравје регистрира 172 оздравени лица, починати се 5 пациенти. Вкупната бројка на дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата е 7.124, на оздравени е 3.199, на починати е 346 и во моментот број на активни случаи 3.579. Во однос на хоспитализацијата во изминатиот период целиот тим на Министерството за здравство и менаџерите на болниците беа посветени на менаџирање на капацитетите и ресурсите, како и организација на системот на ротација“, информираше Филипче.
Во моментот вкупно хоспитализирани се 421 пациент, суспектни и позитивни на КОВИД-19, или 11,4 % од вкупниот број на активни случаи. Бројот на хоспитализирани од активни случаи е речиси ист изминатиот период и се движи од 11 до 12%, останатите 88% се на домашно лекување со лесна клиничка слика или асимптоматски. Во изминатиот период евидентен е и број на повеќе оздравени и повеќе исписи од болниците и тој е практично еднаков со бројот на нови приеми.
Анализата на хоспитализираните пациенти при нивното доаѓање во болница, упатува на заклучокот дека има процент на пациенти кои доаѓаат во болница откако состојбата им е значително влошена.
„Во однос на состојбата со болничките капацитети и слободните места на Инфективната клиника во изминатите 24 часа, примени се 5 пациенти, а вкупно се хоспитализирани 90, на кислородна поддршка 53 пациенти, има околу 20-тина кревети во самата клиника кои што се на располагање. Овој тренд на помал број на примени пациенти од испишани трае повеќе денови споредено со периодот од пред една недела до десет дена. Во болницата во Козле се хоспитализирани 29 возрасни пациенти и четири деца. Во ГОБ „8-ми Септември“ примени се шест нови пациенти, вкупно хоспитализирани се 122 пациенти, на респираторна машина се три лица. Во болницата во Битола хоспитализирани се 37, во Штип 45 пациенти и во двете болници има слободни кревети за следните денови, а секако со план за испис на пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово , Прилеп и Гостивар хоспитализирани се вкупно 94 пациенти и нема одделение во коешто нема слободни кревети во овој момент“, рече министерот Филипче.
„Сакам да апелирам до граѓаните, апсолутно и безусловно да ги почитуваат мерките за заштита – маска, дистанца, редовна хигиена, дезинфекција на рацете. Ова се универзални мерки кои се базираат на истите принципи, како и другите мерки во светот. Нема друг начин да се заштитиме од ковид вирусот. Живееме со вирусот, мора да го прифатиме тоа како реалност, да функционираме нормално, да работиме па дури и да се дружиме. Само со почитување на мерките ќе се заштитиме себеси, нашите семејства, пријателите и нашите сограѓани. Така ќе ги заштитиме и ќе им помогнеме на здравствените работници кои пет месеци пожртвувано, деноноќно работат и се борат за секој човечки живот. Да ги почитуваме сите мерките за да го зачуваме и нашиот здравствен систем да остане стабилен“, истакна Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиева: Со измените на Кривичниот закон се враќа правдата во државата
Весна Ѓорѓиева, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати денес на 80-та седница во Собранието на која се расправаше и Предлог на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, при што истакна дека измените се однесуваат на суштинското прашање, а тоа е да ја вратат правдата и функционалноста на системот преку појасни одредби. Според неа, без функционален и праведен систем не може да постои ниту стабилна држава, ниту сигурност за граѓаните.
,,Нашите граѓани ќе ја гледаат сигурноста кога ќе биде сигурен правниот систем во државата“, рече Ѓорѓиева.
Таа се осврна на членот 353 од предлог законот, со кој како што посочи, се враќа суштината на кривичното дело злоупотреба на службена положба.
,,Се враќа суштината на злоупотреба на службена положба, пречекорување на овластувањата или неизвршување на службена положба. Со овој закон се распушта претходниот закон во 2023 година кој беше донесен од СДС и ДУИ, каде што беше разводенет, односно каде што казните беа намалени, дејствијата беа потешко докажливи, а роковите за застареност беа скратени“, истакна Ѓорѓиева.
Според неа, законот не е наосочен против оние кои работат чесно, туку против корупцијата и злоупотребата на службената положба.
,,Држава без кривичен закон е како држава без рбтет. А држава без рбет секој може да ја скрши. Почитувани граѓани, овој закон е порака до секој што мисли дека државата е приватен бизнис, овој закон е порака дека времето на неказнивост завршува и да, можеби на некому тоа не му одговора, но на народот тоа му одговара, и тоа го бара од нас“, вели Ѓорѓиева.
Македонија
Ангелова: Измените на Кривичниот законик се клучни за посилна заштита на жените од насилство и зголемување на сообраќајната безбедност
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека измените во Кривичниот законик претставуваат суштински чекор за враќање на довербата на граѓаните за правна држава каде криминалот и корупцијата нема да бидат толерирани, туку ќе бидат соодветно санкционирани.
„Овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик претставува неопходен и одговорен чекор кон враќање на правната сигурност, владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Со него државата јасно ја испраќа пораката дека корупцијата, злоупотребата на службената положба, организираниот криминал и насилството нема да бидат толерирани, ниту релативизирани преку законски празнини и непропорционално благи санкции“, рече Ангелова.
Пратеничката посочи дека ќе се постигне подобра заштита на приватноста на граѓаните, безбедност во сообраќајот, посилна заштита на жените од семејно насилство како и јасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки.
„Со предложеното решение ќе се постигне враќање на превентивната и репресивната функција на казненото право особено кај делата злоупотреба на службена положба, организиран криминал и корупција. Јасна и ефикасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки, подобра заштита на приватноста и достоинството на граѓаните, посилна заштита на жената од насилство,семејно насилство со гонење по службена должност во согласност со Истанбулската конвенција, подигнување на безбедноста во сообраќајот преку поостри санкции. Се зголемува и јавната безбедност на патиштата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангеловска се осврна на клучните поенти за жените истакнувајќи дека со овој предлог-закон жената е заштитена од дигитално насилство, од семејно насилство, а со тоа постигнување на реална заштита и сигурност на жената во државата.
„Посилна институционална заштита од насилство врз жените и семејно насилство со гонење по службена должност државата ја трга одговорноста од жртвата и јасно застанува на страната на жената. Заштита на приватноста и телесниот интегритет на жените, инкриминирање на злоупотребата на интимни снимки директно ги штити жените од уцени дигитално насилство и јавно понижување. Европски стандарди, европска заштита за жените законот директно ги имплементира европските и меѓународните обврски и ја позиционира како партнер во борбата за еднакви можности и човекови права“, рече Ангелова.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 7 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.

