Македонија
(Видео) Форум за управување со интернет: Најголем непријател на лажните вести е вистината
На третиот Форум за управување со интернет, што денеска се одржа во Скопје, говореа министерот Роберт Поповски, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, и Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност на претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев.
Министерот Поповски во своето обраќање рече дека иако терминот управување подразбира дека управувањето со интернетот е одредена рамка на правила, управувањето со интернет мора да се погрижи интернетот да остане глобален, отворен и слободен простор и простор каде што луѓето уживаат исти права и имаат ист степен на заштита.
„Во нашата земја, која не многу одамна имаше сериозни проблеми со слободата заради репресивните политики во сферата на медиумите и слободата на изразувањето, интернетот беше единственото место за слободоумната мисла. Затоа, наша обврска е да ги направиме можностите на интернет отворени за сите: со намалувањето или целосното укинување на дигиталниот јаз, со гаранции за еднаков пристап и со овозможување на придобивките од мрежата да им припаѓаат на сите. Без исклучок. Во таа насока на Форумот за управување со интернетот – Македонија гледам како на точка од која на креирањето на нашата визија ќе ѝ посветиме поизострен фокус и поголема енергија со колку што е можно пошироката инклузивност на сите засегнати страни. Интернет-просторот им припаѓа на сите. Ниту една страна нема ниту може да има ексклузивно право во оваа сфера“, рече министерот Поповски во своето обраќање.
Посебен акцент на овој настан министерот Поповски стави на справувањето со манипулативната пропаганда на интернет како мрежа преку која изворите на лажните вести се пуштени на максимум.
Како една од мерките за борба против лажните вести од планот за одлучна акција против ширењето на лажните вести на Владата на Северна Македонија, ја издвои медиумската писменост која ќе биде многу позастапена во образованието и дека во еден процес на активно партнерство со граѓанскиот сектор ќе се спроведат програми и тренинзи за медиумска писменост и за вработените во државната администрација.
Заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, во дел од своето обраќање се задржа на имплементацијата на 5Г во Република Северна Македонија за значителен пораст на квалитетот на интернетот за корисниците, за поголема сигурност и за проширување на бројот на понудени услуги за граѓаните.
„Клучната мерка за поддршка на Националниот оперативен бродбенд-план е создавањето јавна оптичка мрежа, која главниот фокус го става на максимизирање на поволностите од имплементацијата на 5Г, вклучително и развојот на економскиот пазар преку поддршка и развој на нови услуги во разни вертикални сегменти на пазарот“, истакна заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.
Во делот на панелот на Форумот за управување со интернетот посветен на темата „Mедиуми – медиумска писменост, регулација – саморегулација – борба против дезинформации“, Марјан Забрчанец, посебен советник за односи со јавност на претседателот на Владата, Заев, истакна дека Владата тргнува од својата програмска и стратешка определба за објективно и транспарентно информирање за своето работење и дека следејќи ги овие принципи, од последна во регионот, денеска е лидер по транспарентно работење и информирање на јавноста за своите политики.
„Најголем непријател на лагата е вистината и затоа напорите и политиките на сите засегнати страни треба да одат во насока на обезбедување канали за ширење на вистината. Треба да го поттикнуваме сомнежот и да создаваме критички настроена јавност која ќе има капацитети да ги препознава лагите и да ја шири вистината. Најважно е да се прашаме што можеме сите ние да направиме во борбата против лажните вести и дезинформации, сите засегнати од овој феномен, за да се справиме со оваа појава, која сериозно ги поткопува демократските вредности, ги поттикнува омразата и конфликтите. Медиумската писменост е само една од мерките и за таа цел веќе е поведена иницијатива со граѓанскиот сектор, кој има одлично искуство во оваа сфера, и со институциите на Владата, пред сè, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, да се исцртаат контурите за најдобар, применлив и одржлив модел за медиумска писменост во образованиот процес“, информира Забрчанец и додаде дека во делот на соработката со медиумите на овој план Владата целосно ќе ја поддржува саморегулацијата како методологија според која медиумите самите ќе понудат решенија според професионалните кодекси и стандарди и во таа насока истакна дека од особен придонес е листата на медиуми, кои се придржуваат до овие начела што ја подготвуваат Советот за етика во медиумите и Здружението на новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владиниот центар за одговор на сајбер инциденти MKD-GOV-CSIRT стана полноправна членка на FIRST
Владиниот центар за одговор на сајбер инциденти MKD-GOV-CSIRT е примен како полноправна членка на FIRST – Forum of Incident Response and Security Teams, глобална меѓународна мрежа на тимови за одговор на компјутерски безбедносни инциденти, извести Министерството за дигитална трансформација.
Приемот на MKD-GOV-CSIRT како нов полноправен член е официјално прифатен од Бордот на директори на FIRST, со што се потврдува напредокот на Македонија во областа на сајбер безбедноста и нејзината посветеност кон градење посилен, професионален и европски систем за сајбер отпорност.
Овој успех е резултат на домашни човечки и инфраструктурни капацитети на Министерството за дигитална трансформација и Секторот за сајбер безбедност, со стручна и техничка поддршка од партнерите од Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
Членството во FIRST овозможува поголема меѓународна доверба, побрза размена на информации, пристап до експертиза и подобра координација при превенција, откривање и справување со сајбер закани и инциденти.
Со ова, Македонија реализира уште еден важен чекор од Реформската агенда, со рок до 30 јуни 2026 година, и создава услови за отклучување нови средства од Планот за раст, соопштува Министерството за дигитална трансформација.
Македонија
Министерот Мисајловски на отворањето на „EUROSATORY 2026“ во Париз
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, денеска е во Париз, Република Франција, каде ќе присуствува на отворањето на меѓународниот саем за одбрана и безбедност „EUROSATORY 2026“, на кој учествуваат повеќе од 400 излагачи на воена опрема.
За време на одржување на меѓународниот саем министерот Мисајловски ќе присуствува и на приемот за министрите за одбрана чиј домаќин е министерката за одбрана на француските вооружени сили, Катерине Ваутрин и ќе оствари средба со Хелен Конвеј-Мурет – потпретседателка на Комитетот за надворешни работи, одбрана и вооружени сили на францускиот Сенат.
Оваа посета е одлична можност за запознавање со најновите техничко-технолошки достигнувања на полето на одбраната, кои ќе бидат од особено значење имајќи ги предвид следните чекори за модернизација на опремата за македонската Армија, соопштува Министерството за одбрана.
Македонија
„Намалени субвенции, ниски откупни цени – Мицкоски ги излажа земјоделците“, велат од СДСМ
„Мицкоски ги излажаа земјоделците. Во опозиција им ветуваше повеќе пари, поголема поддршка, сигурен откуп…ништо од тоа. После 2 години власт земјоделството е на колена: субвенциите се намалени за 40 милиони евра и постојано каснат, откупот на земјоделски производи е намален за 46 проценти, трошоците за производство се зголемени, буквално нема сегмент во земјоделието каде нема сериозен проблем“, велат од СДСМ.
„Најдобар доказ за тоа е состојбата во сточарството и кризата со откупот на млекото.
Откупната цена на млекото е драстично намалена за над 30% и понижувачка за сточарите. Денес литар млеко се откупува за едвај дваесетина денари, цена која не ги покрива ниту основните производствени трошоци.
Веќе две млекарници во делчевскиот регион најавија прекин на откупот, што значи дека многу сточари остануваат без пласман и без егзистенција и кризата ќе се продлабочи. Дополнително, доцнат субвенциите за добиток и премиите за млеко.
Во исто време, цените на млекото и млечните производи во маркетите растат. Значи дека некој профитира на грбот на македонските сточари.
Земјоделците ја хранат Македонија, можат да го хранат и целиот регион ако Владата на Мицкоски се грижеше за нив.
Земјоделците претрпеа силен удар и од растот на цените на горивата, бидејќи Владата не презеде никакви мерки за да ги заштити од зголемените трошоци за производство.
Сега, откако го спаси Трипуновски Мицкоски треба да излезе и да им каже на земјоделцитте зошто нема мерки за млекото, оризот, доматот и пиперката? Зошто доцнат субвенциите?
Затоа што, како што рековме нема пари во буџетот за земјоделците заради криминални тендери. Сега снемува пари и за тендери штом му се брза со избори“, соопшти СДСМ.
