Македонија
(Видео) Царовска: Имаме помалку од 1 процент заразени ученици и наставници
Сто дена со граѓаните, со учениците, наставниците и родителите. 100 дена одговорност, грижа и посветеност во создавањето образование за сите, веруваме дека постигнавме оптимални резултати и успеавме да креираме квалитетни, заеднички, обмислени и адекватни решенија, во услови на пандемија, која драстично го промени начинот на кој живееме, учиме и работиме, рече министерката за образование и наука, Мила Царовска, на прес-конференцијата по повод 100 дена Влада.
„Постигнавме резултати во 5 области, пристап до навремено, достапно и квалитетно образование за секое дете во услови на пандемија, реформи во образованието, инвестиции во науката, капитални инвестиции и политики за стипендирање. Најважно е што дури и во време на пандемија имаме континуитет во образованието, односно со комбинираниот модел на настава – онлајн со физичко присуство и со емитување 15-минутни часови на македонски и албански јазик на Националната телевизија, обезбедивме стабилност во образовниот процес и успешно заврши оценувањето за првото тромесечје, како и заокружувањето на првото полугодие од оваа учебна година“, рече Царовска.
Министерката се заблагодари на посветеноста на учениците, наставниците и родителите за заедничките напори да се одвива безбедна настава во училиштата, но и успешна настава на далечина.
„Имаме помалку од 1 % заразени ученици и наставници. Истовремено учениците и наставниците се постојано дел од наставата, односно над 90% од учениците успешно следат онлајн настава“, истакна Царовска.
Освен воведувањето на онлајн учењето, веќе се дигитализирани и услугите за аплицирање за стипендии и за нострификација на дипломите и свидетелствата, со што освен што го штитиме здравјето на студентите и учениците на долг рок го олеснуваме пристапот до услугие, но и ја намалуваме корупцијата.
Во поглед на реформите во образованието, министерката рече дека веќе течат и реформите на основното и средното образование.
„Градиме инклузивно образование, достапно за секое дете, кое вистински ги подготвува младите за иднината. За таа цел за првпат со 54 милиони денари од буџетот ги поддржуваме образовните асистенти“, додаде Царовска, напоменувајќи дека Концепцијата за основно образование е во завршна фаза на изработка и дека наскоро истата ќе биде презентирана пред јавноста.
Попрецизно, рече Царовска, со новата концепција создаваме школо што нé учи да учиме, со што ќе го напуштаме стариот пристап на фактографско учење и ги поттикнуваме учениците да решаваат проблеми и критички да размислуваат. Целта ни е, додаде таа, да обезбедиме образование со коешто секое дете ќе го достигне својот полн потенцијал преку изборни и вон наставни предмети.
„Како дел од реформските процеси во образованието во тек е подготовка на 3 регионални центри за средно стручно образование, во Охрид, Куманово и Тетово. Заложбата е вакви центри да се отворат во сите региони. Овие центри се преземени од локално на државно ниво и со нив преку стручно образование создаваме кадри барани на пазар на трудот“, рече Царовска.
Науката, истражувачката дејност и иновациите се движечката сила на општеството, но и огромен неискористен потенцијал за соработка на високообразовните институции со компаниите.
„За таа цел, за првпат инвестираме во науката, истражувањето и иновациите со иновациски ваучери за научни проекти на високообразовните институции. Преку ФИТР доделени се вкупно 34 иновациски ваучери во вкупен износ од 15 милиони денари. Се работи и на целосна промена на начинот на финансирање на научноистражувачката дејност преку воведување програмско и планско финансирање и продолжување на грантовото финасирање“, додаде Царовска.
За квалитетно образование, истакна министерката, освен нови концепции и дигитализација, потребни ни се и подобри услови во самите училишта и затоа инвестираме и градиме по план.
„За првпат Министерството за образование објави повик за финансирање на реконструкција на училишни објекти. Еден од условите за финансиски да поддржиме капитални проекти е тие да се пристапни, или да стануваат пристапни. Ваквата политика ќе ја практикуваме и за сите идни повици, со што училиштата ги правиме инклузивни“, потенцираше Царовска.
Врз основа на податоците добиени од Анализата за стипендирањето на студентите и учениците изработена со Центарот за управување со промени и со поддршка на британска амбасада, направени се краткорочни итни промени за доделувањето стипендии. Врз основа на оваа анализа во тек се долгорочни промени за начинот, условите и видовите на стипендирање.
„Конкурсите за стипендии оваа година обезбедуваат поддршка за околу 2.150 ученици и 3.130 студенти. Воведени се ученички стипендии за средно стручно образование за избрани дефицитарни струки. Зголемен е бројот на стипендии за ученици Роми, од 880 за дополнителни 39 ученици чии апликации согласно рангирањето добија идентичен број бодови во две од вкупно пет понудени категории, исто така се стекнаа со правото на стипендија. Го зголемивме и бројот на доделени стипендии за ученици од социјално ранливи семејства. Место првично планираните 400, доделивме вкупно 544 стипендии. Исто така доделени се 106 стипендии за ученици со попреченост. Односно, со право на стипендија се стекнаа сите ученици кои имаат ист бодови. Воведени се нов вид студентски стипендии (македонски јазик, македонска книжевност и јужнословенски книжевности)“, информираше Царовска.
За нас, рече министерката, образованието останува врвен приоритет и целосно и искрено сме посветени на обезбедување квалитетно образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

