Македонија
(Видео) Шаќири најави реорганизација и намалување на јавната администрација
Во своето обраќање по повод 100 дена Влада, министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири се осврна на тековните активности, преземените обврски, заложби и долгорочните цели на МИОА. Toj посочи дека продолжува имплементацијата на мерките за зајакнување на активната транспарентност на работата на институциите.
Шаќири информираше дека почната е подготовката на Законот за дигитална агенција, која, како што рече, ќе се оформи во 2021, како централна институција за спроведување на процесот на дигитализација во општеството, но и целосна ИТ-поддршка за државните институции.
„Дигиталната агенција е неопходност на нашиот јавен сектор и јас сум целосно посветен тој процес да го предводам и очекувам максимална поддршка од Владата во финансирањето на тој процес. Тука спаѓа и проектот за државен клауд-систем, којшто исто така јас веќе не само што го иницирав, туку поднесовме и проектно фише во првите 100 дена пред донаторите од ЕУ како еден од приоритетните проекти, со којшто треба да гарантираме едно централно место, државен центар во којшто ќе се постават сите системи на јавниот сектор. Не помалку важно е и подобрувањето на мрежната инфраструктура, бидејќи, како што знаете, Република Северна Македонија мора да ги надгради оптичките мрежни капацитети со цел користење на најмодерните технологии и ИТ-решенија“, рече министерот Шаќири, додавајќи дека овие проекти ќе се имплементираат со помош на фондови како што се Светска банка и Инвестициската рамка на Западен Балкан, како и ИПА-инструментот на ЕУ.
МИОА во септември започна со друг ИПА-проект, наменет за подобрување и проширување на владините и јавните електронски услуги, што ќе трае три години, при што 40 регистри и услуги ќе бидат готови до лето, а до крајот на проектот вкупно ќе има нови 135 електронски услуги за граѓаните и бизнисите. Дополнително, министерот посочи дека, во соработка со Министерството за образование и наука веќе се пуштени во употреба 6 нови електронски услуги, како што се услугите за нострификација на дипломите, како проект преку британската амбасада.
Шаќири се осврна и на потпишувањето на два меморандума со кои ќе се продлабочи соработката во областите на 5Г, интероперабилност и други области, во насока на дигитална интеграција, безбедна размена на податоци и поголемо меѓусебно поврзување со земјите од Западен Балкан, соработка во однос на кибербезбедноста и потпишувањето меморандумот со „Мастеркард“ за обезбедување електронска идентификација и доверливи услуги.
Во однос на реформите во јавната администрација, министерот потенцираше дека, согласно Акцискиот план на Стратегијата за РЈА(2018-2022), во приоритетната област, Јавна служба и управување со човечки ресурси, е предвидено изменување и дополнување на Законот за административните службеници и Законот за вработените во јавниот сектор.
Паралелно со воспоставувањето на системот на висока раководна служба, рече министерот, во тек е процес на структурна реорганизација/оптимизација на јавниот сектор, кој ќе значи рационализација и намалување на бројот на високи раководни места, но едновремено и воспоставување линии на отчетност на високите раководители.
Во однос на слободата на медиумите, министерот Шаќири потенцираше дека тоа останува еден од главните приоритети на Министерството за информатичко општество и администрација, кое останува отворено за соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

