Македонија
(Видео) Шекеринска: Над 20 отсто од буџетот за одбрана наменети за опремување и модернизација
Буџетот за 2021 година е буџет за одбраната на земјата како членка на НАТО Алијансата. Годинава покажуваме дека обврските, стандардите, критериумите кои што сме ги прифатиле како земја членка на НАТО ги почитуваме. Затоа Северна Македонија и оваа година го зголемува буџетот за 0,2% од БДП, движејќи се кон посакуваните 2%, но годинава за првпат целосно ја исполнуваме и втората обврските на земјите членки на НАТО која што произлезе од Самитот во Велс – а тоа е повеќе од 20% од буџетот за одбраната да се издвои за опремување и за модернизација, рече министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на денешната прес-конференција на која го презентираше одбранбениот буџет за 2021 година, кој трета година по ред расте и во 2021 година ќе достигне 1,57 посто од бруто домашниот производ, односно над 11 милијарди денари.
Таа кажа дека со буџетот за 2021 година ќе го продолжиме процесот на опремување и модернизација на Армијата, за што се обезбедени 38 посто повеќе средства отколку во буџетот за 2020 година.
Со овој буџет се добива и ново подмладување на Армијата, подобрување на стандардот на армиските припадници, квалитетна логистичка поддршка, реконструкција на армиските објекти, подобри услови на најголемиот полигон и Криволак и стабилно финансирање на Армија која е дел од Алијансата.
„Кризната состојба со КОВИД–19 во која што се наоѓаме најдобро покажува дека инвестирањето во Армијата е инвестиција во безбедноста на сите граѓани. Во овие три години, порастот на буџетот за одбраната ни овозможи да добиеме мотивирана, подобро обучена и подобро опремена Армија. Денес тоа не е само Армија на Република Северна Македонија, денес тоа е и армија на земја членка на НАТО. Подготвена да одговори на секој предизвик како што во моментов и помага на државата во справувањето со кризата“, информираше министерката и додаде дека во однос на овогодинешниот буџет, одбраната во 2021 година ќе има повеќе средства за речиси 10 проценти во однос на буџетот за 2020 година.
Министерката истакна дека изминатите три години фокусот на вниманието беше ставен на состојбата со персоналот, особено во Армијата каде платите беа зголемени за најмалку 16 проценти, а во некои категории и повеќе, и преземени беа и конкретни чекори како измени во Законот за служба во Армијата со цел, преку зголемување на интересот за воената професија, да се обезбедат квалитетни професионални војници и да се зајакне и подмлади старешинскиот кадар. Продолжува и исплатата на станарина за припадниците на Армијата која започна од први март годинава.
Пример за успешното зголемување на интересот, рече министерката, е последниот конкурс за професионални војници каде за едно место се пријавија 10 кандидати, споредено со конкурсите од претходните години кога за едно место имаше пријавено во просек по само 1 до 1,5 кандидати.
Шекеринска истакна дека до крајот на 2020 година ќе имаме вкупно 270 нововработени професионални војници, и најави дека следната година овој број ќе се зголеми за уште дополнителни 200 со што значително ќе се подмлади армискиот кадар, особено во делот на професионалните војници.
Продолжува и инвестирањето во човечките капацитети – во 2021 година се планира прием на 54 нови офицери, дел од Воената академија, но и од граѓани кои претходно завршиле цивилен факултет, а се од критични специјалности важни за Армијата.
По цели 11 години пауза, започнува процесот на обновување на подофицерскиот кадар, кој е ’рбетот на Армијата, истакна Шекеринска и додаде дека заради 11-те години без курс за подофицери во моментов има дури 456 подофицери помалку од потребниот број.
„Неодамна заврши конкурсот за избор на кандидати и во следниве четири месеци ќе имаме два курса во кои што по 60 професионални војници ќе добијат шанса да бидат подофицери на нашата Армија. Со тоа, во овој дел навистина ќе решиме еден проблем кој што траел една декада“, порача министерката за одбрана.
Како што беше најавено, од 2021 година започнува и стипендирањето на студенти за критичните специјалности во Армијата, што е потврда дека вложуваме во луѓето и во нивните знаења и вештини кои и се потребни на Армијата.
„За припадниците на Армијата во меѓународни мисии и операции, во буџетот имаме 447 милиони денари од кои најголемиот дел – 6 милиони евра се за плати и надоместоци, а останатиот дел за логистички трошоци“ рече министерката и дополни дека со тоа исполнуваме уште една задача во споделувањето на товарот на земјите членки на НАТО, а тоа е придонесот во меѓународни операции, кој го зголемуваме.
Дома, продолжуваме да ја подобруваме и логистичката поддршка на Армијата – ја снабдивме Армијата со униформи, чизми, материјални средства и муниција и не само што го решаваме само наталожениот проблем, туку „правиме систем во кој тој проблем не смее веќе никогаш да се појави“.
„Со средства во буџетот од 2021 година ќе обезбедиме целосен континуитет на редовно снабдување со потребните материјали, замена на униформи, чизми, ќе набавиме свечени униформи и комплетирање на целиот тој комплет. Даваме дополнително спортска целосна опрема која што ќе ги зајакне капацитетите и ќе ја зајакне кондицијата во нашата Армија. Но, се разбира обезбедуваме и опрема и муниција од секаков вид за вежби, со главен фокус на подготовка на нашата НАТО декларирана единица Лесната пешадиска борбена група“, рече министерката.
Но, главниот дел и многу важен дел од нашата работа во 2021 година, порача, ќе биде да го продолжиме процесот на опремување и модернизација на Армијата, за што се обезбедени 2,8 милијарди денари или 25 посто од одбранбениот буџет.
„Навистина инвестираме во следна генерација опрема, следна генерација вооружување, обезбедување на техника, обезбедување на соодветна опрема која што ќе доликува на земја членка на НАТО“, рече Шекеринска. Со повеќегодишни договори набавуваме нови оклопни возила, неборбени возила, логистичка опрема за декларираните единици, информатичка опрема и опрема за сајбер безбедност, опрема за пешадија, артилериски средства.
Продолжуваат и капиталните инвестиции и тоа со забрзано темпо – за реконструкција на објекти и инфраструктура во 2021 година ќе има 25 посто повеќе отколку во 2020 година, кога беа успешно завршени повеќе вакви проекти, меѓу кои и реновирањето и опремувањето на објектот во Куманово каде сега е сместена командата на Бригадата на Југоисточна Европа, како и целосното реновирање на два големи објекти во касарната „Илинден“.
Министерката информираше дека планираните 328 милиони денари за оваа намена ќе се инвестираат во реновирање на нови објекти, на патната инфраструктура и објектите за сместување и обука на полигонот „Криволак“, кој, рече, е еден од клучните капацитети со кои Северна Македонија дава придонес кон колективната безбедност на НАТО.
„Уште во 2021 очекуваме повторно на ’Криволак’ да бидеме домаќини на една голема воена вежба ’Одлучен удар 21’ каде што навистина ќе покажеме дополнително кои се капацитетите, кои се можностите на овој полигон, не само за нашата Армија, туку и за сите сојузници“, рече министерката. Додаде дека инвестициите и осовременувањето на овој полигон, ќе ни даде шанса не само да придонесеме во колективната безбедност, туку и да имаме некакви бенефити за нашата економија и за нашиот буџет.
„Со предложениот буџет за 2021 година во одбраната за нови 0,2 проценти од БДП, со издвојувањето на 25% за модернизација, покажавме дека на нашиот збор може да му се верува. Дека продолжуваме со исполнување на обврските како и во периодот кога чекавме на членство во НАТО. Тоа не го правиме, сета оваа инвестиција, вложување во луѓе и во опрема, не го правиме само за НАТО туку пред се го правиме за својата држава, за нашите граѓани и за нивната и наша заедничка безбедност. Добра држава значи и добра Армија, а во добра Армија треба да се инвестира. Она што го покажавме минатите години, ќе продолжиме да го правиме и во 2021. Да инвестираме таму каде што резултатите веќе се гледаат “, заклучи министерката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во Армијата, велат од СДСМ
Две години нема зголемување на платите во Армијата, со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во одбраната, велат од СДСМ.
Во времето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, платите растеа во сите сектори, платите псотојано се зголемуваа 7 години а парите завршуваа кај граѓаните.
„Со ВМРО парите завршуваат во криминални тендери, Владата на Мицкоски нема пари за поголеми плати во Армијата, нема пари за поголема минимална плата, нема пари за поголеми плати.
Криминалот и корупција заедно со политиките на изолација на владата на Мицкоски директно се одразуваат на влошување на економијата, значат помалку пари, преполовени инвестиции, несигурност“.
Според СДСМ, дупката во буџетот е огромна, недостасуваат, како што велат, од околу 2 милијарди евра.
„Тоа носат политиките на изолација, на анти ЕУ кампања и против САД. Затоа со ВМРО сме во група на земји со Сомалија.
Одбрана на земјата е многу важно прашање, како членка на НАТО мора да имаме силна одбрана, задоволни и мотивирани војници“.
Македонија
САД нема да им даваат визи, Мицкоски конечно најде стратегија како да ги задржи младите во Македонија, вели Жерновски
Поранешниот амбасадор на Македонија во Романија и поранешен заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, со критики за владината политика по одлуката на САД за суспендирање на имигрантските визи.
„Нема виза ни за периметарот. Браво за Мицкоски! Конечно најде „стратегија“ како да ги задржи младите во Македонија – така што САД нема да им даваат визи“, напиша на социјалните мрежи Жерновски.
„Не со подобри плати, не со квалитетно образование, не со сигурни институции, туку со меѓународни рестрикции.
Од една страна, владата зборува дека ќе направи сè младите да останат дома. Од друга страна, под нејзино водство, Македонија завршува на листа на земји за кои САД ја суспендираат имигрантската политика. Ако ова е планот – тогаш навистина функционира: не заминуваш затоа што сакаш, туку затоа што не можеш.
Ова не е политика за младите, туку политика на затворање. Наместо да создаде услови поради кои младите би избрале да останат, власта создава услови поради кои светот им ги затвора вратите.
Мицкоски ветува иднина во Македонија, а испорачува изолација.
Ветува надеж, а носи рестрикции.
Ветува перспектива, а добивме повик за будење од реалноста.
Неговите „одлични, специјални односи“ со САД и со Трамп се толку одлични, што реалноста ни донесе повисоки царини за македонските производи и суспендирани визи за македонските граѓани.
Мицкоски веќе втора година нè убедува дека е „во периметарот на Трамп“, па затоа сето ова е резултат на лажно прикажаните односи и слабата дипломатија.
Погубно е вината да ја бараме во САД, бидејќи проблемот лежи во митот за „прв другар со Трамп“, кој мит е креиран и постои само во домашната пропаганда. Затоа, ова не е проблем на Вашингтон, туку на неспособната и саморекламерска надворешна политика, која повеќе служи за па-ар стратегија, отколку за заштита на интересите на македонските граѓани.
Вистинската опозиција денес има обврска да го каже ова јасно: додека Мицкоски зборува за пријателства, Македонија плаќа цена.
А тоа е најсилниот доказ дека „специјалните односи“ постојат само во неговите изјави – не и во реалниот свет“, објави Жерновски.
Македонија
Хоџа со делегација од СКСЗМ: Бизнис секторот важен партнер во усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес одржа работен состанок со делегација од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), предводена од в.д. претседателот Нухи Алиу.
За време на состанокот, на кој членовите на комората му го честитаа мандатот на Хоџа, беше договорено страните да го продлабочат институционалното партнерство и размената на идеи за прашања од заеднички интерес.
На состанокот се разговараше за теми поврзани со имплементацијата на еколошките стандарди, просторното планирање, управувањето со отпадот, енергетската ефикасност, како и влијанието на еколошките политики врз економскиот развој и бизнис-климата во регионот каде што дејствува СКСЗМ.
Хоџа истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање го смета бизнис-секторот за важен партнер во изградбата на одржлив развој и усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата. Тој нагласи колку е значаен отворениот дијалог и континуираната комуникација за пронаоѓање практични и избалансирани решенија.
Претставниците на СКСЗМ изразија подготвеност за понатамошна соработка, претставувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат бизнисите, како и конкретни предлози за подобрување на процедурите и поддршка на зелени инвестиции.

