Македонија
(Видео) Шилегов: Во центарот нa Скопје ја градиме најголемата пешачка зона во Европа
Во центарот на градот ја градиме најголемата пешачка зона во Европа, која ќе се протега од Собранието до „Палома бјанка“ и од старата железничка до Бит-пазар, посочи денеска актуелнот градоначалник на Скопје и кандидат за втор мандат, Петре Шилегов.
„Го пробиваме Јужен булевар како ултрамодерна подземна сообраќајница, која завршува со модерен кружен тек кај поранешна ‘Нова Македонија’, а со една двокатна ротонда кај ‘Нова Македонија’ и две двокатни ротонди од правецот на ‘Бихаќска’ кон Рампа го поврзуваме центарот на градот на оската исток – запад, со што ќе се намали протокот на возилата на улиците Железничка и Кирил и Методиј“, изјави тој.
Шилегов нагласи дека според неговите веќе почнати проекти целосно ќе биде завршен и булеварот Словенија, кој ќе води до Волково и Ново Село, а ќе биде поврзан и со мостот на „Љубљанска“.
Според него, ова е важен коридор за комуникација на компаниите од индустриската зона Визбегово, во која егзистираат околу 2.500 вработени лица, како и за сите граѓани што патуваат кон соседно Косово.
„Ја градиме улицата Цветан Димов во Чаир за да ја претвориме во булевар со сите аршини. Профилот на сообраќајницата ќе биде со три сообраќајни ленти во секоја насока, средишно разделно зеленило од 2 метра и велосипедска и пешачка патека во двата правца. Решението ќе вклучува и БРТ-станици за оската север – југ, која ќе се реализира во втората фаза, а ќе биде придружено и со соодветна урбана опрема и ЛЕД-осветление“, вели Шилегов.
Објасни и дека Град Скопје има студија за денивелирана крстосница кај Судската палата помеѓу булеварите Крсте Петков Мисирков и Гоце Делчев. За да се зголеми протокот на крстосницата, ќе се направи денивелација на сообраќајните ленти кои се вкрстуваат, а пешаците и велосипедистите ќе се одвојат на посебни и безбедни коридори, кои ќе им овозможат побрз премин над раскрсницата.
„Одново ќе го изградиме мостот Обединети нации. Со воведувањето на БРТ-системот потребно е негово проширување со функционални 6 ленти, но и пошироки велосипедски и пешачки патеки. Затоа, во изведбата на БРТ во Скопје, предвидена е изградба на ваков нов челичен мост. Мостот на АСНОМ го пуштаме набргу, а булеварското решение кај Керамидница очекувам да биде готово до крајот на следната година. Овој мост поврзува 3 општини: Аеродром, Центар и Гази Баба“, заклучува Шилегов, според кого Скопје за четири години ќе биде град со нови, современи и квалитетни инфраструктурни решенија, градени по сите најдобри светски стандарди за квалитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

