Македонија
(Видео) Шилегов го отвори новиот стационар за бездомни кучиња „Лајка“
Со отворањето на новиот објект на стационарот за бездомни кучиња и спроведувањето на новата програма, ЈП „Лајка“ ќе биде првата алка во синџирот за хумано решавање на проблемот со кучињата скитници, како и намалување на нивниот број на скопските улици, рече денеска скопскиот градоначалник, Петре Шилегов.
„На големо задоволство на сите нас, од денеска и официјално го пуштаме во употреба новиот стационар за бездомни кучиња на ЈП ‘Лајка’. ‘Лајка’ не е само објект, тоа е еден сосема поинаков концепт во третманот на бездомните животни. Имено, пред една и пол година, кога размислувавме за решавање на деценискиот проблем што Скопје го има со кучињата скитници, рековме дека целосно треба да го смениме концептот и ова што го гледате денеска е само почеток на тој концепт и официјален крај на ‘Вардариште’. Скопје е меѓу ретките градови, единствен во регионот, кој поради посветеноста на овој проблем, има сопствено јавно претпријатие, не сме веќе дел од ‘Комунална хигиена’, и во кое ќе работат обучени луѓе“, рече скопскиот градоначалник.
Тој објасни дека капацитетот на објектот е за 100-ина кучиња и дека станува збор за убедливо најдобрите стандарди што се пропишуваат во оваа област.

„Секој од кафезите, односно целиот објект, е со подно греење со цел на животните да им обезбедиме комоција, секој дел е засебен, тргнати се прифатилиштето и тргнато е приемното одделение. Можете да ги видите амбулантата, операционите сали, собата за интензивна нега, собата за постоперативен третман и карантинскиот дел и се надевам дека ‘Лајка’ ќе стане центар за удомување кучиња и ред други работи кои подразбираат еден многу повнимателен и поодговорен однос со овие животни“, истакна Шилегов на отворањето на новиот стационар.

Додаде дека во блиска иднина „Лајка“ ќе значи и помал број кучиња на улиците, што ќе води речиси до нула каснувања за луѓето.

„Популацијата на бездомни улични кучиња не може успешно да се контролира само со нивно заловување и сместување во стационар додека не им се најде нов дом. Новиот концепт ќе подразбира чипирање и на овие кучиња, но и систем на контрола на чипирањето на домашните миленици и зголемување на бројот на санкциите за неодговорните сопственици поради кои најчесто овие животни завршуваат на улица“, посочи скопскиот градоначалник.

„Мое лично убедување е дека е време човекот да му врати на својот најдобар пријател“, изјави Шилегов.
На отворањето на новиот стационар и јавното претпријатие за благосостојба на кучињата скитници „Лајка“ беа присутни директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, директорката на ЈП „Лајка“, Тина Петрушевска, како и неколку градоначалници од скопските општини.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски очекува од новиот државен јавен обвинител да застане на страната на правдата
Премиерот и претседсател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека од новиот државен јавен обвинител очекува да застане на страната на правдата.
-Многу важно е што ние не сакавме да бидеме како дел од минатите влади, односно да се однесуваме насилнички и да менуваме обвинители, туку да му дадеме шанса на државниот јавен обвинител да се размавне и да покаже што знае. И еве после година и половина конечно отпочнуваме процес во кој стариот државен јавен обвинител, избран од мнозинството избран од СДС и ДУИ, заминува во минатото и е распишан конкурс за избор на нов државен јавен обвинител. Ги охрабрувам сите кои согласно закон исполнуваат услови да се пријават и очекувам да биде избран најдобриот, кој навистина ќе биде дел од овој трослоен систем на гонење на криминалот и корупцијата, истакна Мицкоски во интервју за „Вечер.мк“.
Мицкоски посочи дека граѓаните во минатото биле сведоци на полициски акции проследени во медиуми, со многу спектакуларни упади.
-Во минатото граѓаните беа сведоци на голем број полициски акции проследени во медиуми со многу естрада, галама и спектакуларни упади во домови и трговски објекти, а ние сакавме да бидеме антипод на таквиот начин на дејствување, рече Мицкоски.
Мицкоски на крај потенцираше дека од новиот државен јавен обвинител очекува немилосрдно да застане на страната на правдата.
Од новиот државен јавен обвинител очекувам немилосрдно да застане на страната на правдата, бидејќи само така сите кои работеле спротивно на закон ќе бидат санкционирани, имајќи предвид дека борбата против криминалот и корупцијата е тростепен процес кој вклучува истрага, обвинителен акт и судска постапка, при што обвинителот е само врската меѓу истрагата и судскиот процес. Тој треба да го избруси сето тоа и да види дали судиите ќе го прифатат и ќе отпочнат судски процес, бидејќи судиите прават оценка на обвинителниот акт, посочи Мицкоски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до СДСМ: Да не се грижите, Владата ја води партија која мисли добро на граѓаните
Почитувана СДС, среќни новогодишни и Божиќни празници. Иако се надевавме дека оваа година ќе го смените наративот, вие пак по старите стапки, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Уште зборат за мигранти кои не постојат, за задолжувања кои не постојат, за дупки во Буџет кои не постојат.
Но, знаеме дека на нив уште не им јасно дека ние државата не ја водиме како они што ја водеа.
Ако они сакаа да носат мигранти во 2018 година, ние нема да носиме. Ако они го задолжуваа народот и нашите поколенија, ние нема да ги задолжуваме. Ако они го оставија Буџетот со дупки и празен, ние тоа нема да го правиме.
2026 година ќе биде година на враќање на вашите долгови и заеми.
Но, 2026 година ќе биде и година на унапредување на економскиот раст, зголемување на плати и пензии, подигнување на животниот стандард на граѓаните, како и нови работни места, инвестиции и фабрики.
Затоа, СДС нека не се грижи, Владата ја води партија која мисли добро на граѓаните“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Следува потопло време и локални врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде
променливо облачно и потопло со повремени локални врнежи од дожд, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Според прогнозата на УХМР, пообилни врнежи се очекуваат кон средината на следната седмица. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
-Температурите ќе бидат во пораст, особено утринските, кои насекаде ќе бидат позитивни, информира УХМР.

