Македонија
(Видео) Шилегов најави градежна офанзива ова лето
Град Скопје почнува градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските сообраќајници во вредност од 760 милиони денари во тековната и наредната година, најави градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција.
„Светската пандемија на коронавирусот нема да ги запре инфраструктурните градежни активности што се во надлежност на Град Скопје, туку, напротив, тие ќе продолжат со исто или засилено темпо. Ова го правиме од една здраворазумска и хумана причина за која зборував на почетокот на овој месец. Во изминатите две години Град Скопје покажа одлични финансиски резултати. Советот две години по ред усвојува завршни сметки од кои јасно се гледа дека буџетот е на стабилни нозе и дека може да ги исполни своите цели. Ваквите финансиски резултати овозможуваат Град Скопје да нема рестрикции во планираната изградба и реконструкција на градската инфраструктура, притоа откажувајќи се од дел од средствата од најголемите свои приходи – комуналиите, комуналните такси, закупот на јавен простор и слично. Ова го правиме со цел да ослободиме повеќе пари во економијата инвестирајќи најмногу во домашниот градежен сектор, кој е одговорен за голем број вработени и учествува со сериозен дел во БДП на Република Северна Македонија. Сакаме да ги сочуваме сите работни места во десетиците стопански гранки што ги обединува градежништвото“, рече Шилегов.
Тој додаде дека Град Скопје ќе продолжи со интензивна изградба и реконструкција на градските сообраќајници, односно до крајот на 2020 година ќе бидат завршени тендерските постапки и ќе се почне со изградба и реконструкција на следните сообраќајници:
– изградба и реконструкција на дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, кај Клубот на пратениците;
– изградба и реконструкција на улицата Македонско-косовска бригада – фазна реализација;
– изградба и реконструкција на булеварот Никола Карев (фазна реализација – до Момин Поток);
– изградба на улицата Есенинова и подземни бунари со линиски системи;
– реконструкција на булеварот Александар Македонски (фазна реализација, од улицата 16. Македонска бригада до излезот на Скопје);
– реконструкција на булеварот Киро Глигоров (фазна реализација);
– реконструкција на булеварот Видое Смилевски – Бато (фазна реализација, од булеварот Јане Сандански до улицата Февруарски поход);
– реконструкција на улицата 11 Октомври, од раскрсницата со булеварот Кочо Рацин до раскрсницата со улицата Филип Втори Македонски;
– реконструкција на улицата Востаничка;
– реконструкција на улицата Васил Ѓоргов (од улицата Франклин Рузвелт до булеварот Мајка Тереза);
– реконструкција на улицата Никола Парапунов;
– реконструкција на улицата Никола Карев, од раскрсницата со булеварот Трета македонска бригада до раскрсницата со булеварот Кузман Јосифовски – Питу;
– реконструкција на булеварот 8 Септември (од булеварот Илинден до улицата Скупи)
– реконструкција на улицата Џон Кенеди (од улицата Македонско-косовска бригада до булеварот Христијан Тодоровски – Карпош);
– реконструкција на улицата Лазар Личеновски – фаза 2;
– реконструкција на улицата Благоја Стефковски (фазна реализација – трета фаза).
Шилегов нагласи дека Град Скопје продолжува да гради со засилено темпо, со рекордно кратки рокови и во сите 10 скопски општини – следната недела ќе биде пуштен во употреба булеварот Христијан Тодоровски – Карпош, интензивно се работи на втората фаза од реконструкцијата на улицата Индира Ганди и на првата фаза од булеварот Босна и Херцеговина, а наредната недела се очекува да почне и втората фаза од изградбата на овој булевар.
„Очекувам да биде пуштен во употреба булеварот АСНОМ во првата фаза, а наредната година очекувам да го пуштиме во употреба и мостот преку Вардар. Годинава очекувам да почнат градежни активности на големата раскрсница кај Момин Поток и на мостот во Карпош 4, да почнат градежни работи на продолжението на булеварот Борис Трајковски и да ја почнеме третата фаза на булеварот АСНОМ низ Ќерамидница. Развојот на сообраќајната инфраструктура во нашиот град не смее да запре. Скопје ќе продолжи да ја развива својата улична мрежа истовремено со мрежите на велосипедски и пешачки патеки за да обезбедиме одржлива урбана мобилност, која подразбира безбеден и ефикасен сообраќај за нашите граѓани. На тој начин директно ќе придонесеме за намалување на економската криза не само во нашиот град туку и во целата држава. Ова го правиме за доброто на сите нас. Кризата ќе помине, животот продолжува. Чекор по чекор градот ќе продолжи да се развива“, рече Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

