Македонија
(Видео) Ѓорчев: Во Македонија во моментот се случува демографска катаклизма
Во Македонија во моментот сега се случува буквално демографска катаклизма, никогаш помалку родени бебиња и страшни, ужасни демографски падови, истакна Влатко Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Само во март оваа година во Македонија има 18 % помалку родени бебиња одошто минатата 2022 година. 2022 година беше најлошата, убедливо најлошата демографска година во историјата на Македонија со најмалку родени бебиња, на таа најлоша година сега во март имаме 18 % дополнителни родени бебиња помалку. Тоа значи празни училишта, празни градинки, празни градови и села, тоа значи пуста, пуста земја. Овие бројки се ужасни. Ова се политиките на Таче Ковачевски и Стево Пендаровски. Тие политики буквално ја уништуваат Македонија. За Македонија да живее и преживее, мора овие нивни политики да бидат што побргу поразени“, истакна Ѓорчев.
Во март 2022 година, како што посочи Ѓорчев, родени се 1.557 бебиња, во март 2023 година родени се 1.279 бебиња во Македонија, тоа, како што оцени, се 278 бебиња помалку само во еден месец. За Ѓорчев, тоа е фрапантен ужасен пад од 18 %, 14 паралелки помалку со деца, 14 паралелки со 20 деца.
„Имаме куп места и куп училишта во кои имаме паралелки со три деца, пет деца, седум деца или девет деца. Во првиот квартал во 2023, во однос на, уште еднаш ќе повторам, најслабата во историјата со најмалку родени бебиња – 17.700 бебиња се родени во Македонија во 2022 година, сите негативни рекорди се пробиени. Значи, во првиот квартал минатата најлоша демографска година родени се 4.009 бебиња. Во овој квартал од 2023 година родени се 3.656 бебиња, тоа е 353 помалку бебиња за еден квартал, односно намалување на квартално ниво во однос на најлошата година од 9 проценти“, додаде тој.
Тоа, според него, значи дека Македонија исчезнува, „тоа значи дека Македонија ја нема“.
„Тоа значи дека со овие политики на Таче Ковачевски и Стево Пендаровски ќе имаме празни училишта, празни градинки, празни полиња, празни села, празни градови, испразнети маала, без детски џагор. Тоа значи дека буквално стануваме пуста земја. Нема ниту една земја, ниту една земја во светот, која во март има ваков пад од 18 проценти. Најлоши во светот, уште еднаш на Македонија, за жал, со Стево Пендаровски и Таче Ковачевски и се случува демографска катаклизма, колапс и буквално катастрофа“, дополни Ѓорчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.
Македонија
(Видео) Филипче: Врските на Стоиљковиќ со Москва и кинеските кредити се сериозен сигнал
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, оцени дека пораките упатени од највисоката адреса на Алијансата се јасни и недвосмислени и директно се однесуваат на актуелната влада. Филипче вели дека врските на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ со структури блиски до Москва како и кинеските кредити претставуваат сериозен сигнал за загриженост.
„Фактот дека вториот човек во Владата има отворени контакти со лица и организации кои се во директна комуникација со Кремљ, во време кога Русија води агресија врз Украина, е нешто што не може да се игнорира“, нагласи Филипче.
Тој посочи и на финансиските аранжмани на Владата, потенцирајќи дека заемот од една милијарда евра преку Унгарија, за кој европските институции во свој извештај нотирале дека станува збор за средства со кинеско потекло, отвора сериозни прашања.
„Кога на тоа ќе се додадат и кинеските пари кои пристигнаа преку заемот од Унгарија, станува јасно дека станува збор за политики кои испраќаат погрешни сигнали во рамки на Алијансата. Нашиот одбранбен чадор знае точно какви политики води оваа влада и јасно укажува на нив“, истакна Филипче.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 17 степени
Утре претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, информира УХМР.
Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

