Македонија
(Видео) „Јадам леб и шеќер за да има за децата“, четиричлено семејство преживува со 5 илјади месечно
Трајче Конески и Моника Антевска, невенчани родители на 9-годишниот Бојан и 17-месечната Величе, секојдневно водат борба за егзистенција. На 38-годишниот Трајче пред 5 години му се дијагностицирани дископатија и дискусхернија, но принуден е да работи 14 часа на ден за да донесе парче леб за своето семејство. Конески работи во градежна фирма каде што зема минимална плата од 12 илјади од кои 7 веднаш му ги одземаат извршителите и банките, па така ова четиричлено семејство се бори за живот со 5 илјади денари месечно.
„На работа сум 14 часа, јадам леб и шеќер за да остане за нив. Излегувам дома во 15 часот, се враќам утрото во 8 часот. Третиот и четвртиот прешлен ми се набиени, а главниот нерв за цела десна страна ми е заглавен помеѓу прешлените. Доколку ногата малку повеќе ја оптоварам, ми се укочува цела десна страна и тоа трае цел час, не можам да се движам“, вели низ солзи Конески.
9 –годишниот Бојан, пак, исто така е дијагностициран откако, по совет на педагогот од основното училиште каде што учи, неговиот татко Трајче го однел во Домот за ментално здравје на деца и младинци „Младост“. „Детето исто го носиме по болници, од училиштето го пратија во Заводот за ментално здравје на деца и младинци, има заостаток во развојот на мозокот, не може многу да памти, брзо заборава“.
Бојан секој ден петчасовната наставата ја слуша со празен стомак бидејќи неговите родители не се во можност да му обезбедат пари за пристојна ужина. „Дете како дете, си бара, треба да му дадеш пари барем за ѓеврек. Еве овие денови наутро до 12 часот е само на смоки. Сакам да му пружам повеќе, но, за жал, не можам“, вели Моника.
Условите во кои живее ова четиричлено семејство се катастрофални, куќата тукушто не паднала, а долниот кат, каде не живеат, како и поткровјето се полни со стаорци од кои понекогаш не можат ниту да заспијат.
„Куќата е целата во распаѓање, има глувци и стаорци, од нив не можеме да избегаме, навечер не можеме да спиеме од вревата што ја прават околу нас на кровот и на првиот кат. Ѕидовите се испукани, треба да се реновира, но нема пари. Едниот ѕид е оштетен од земјотресот и може да падне, а ако се случи тоа, целата куќа ќе се сруши“, вели Конески.
Ова семејство живее без социјална помош, мајката на Бојан и Величе, Моника Антевска, вели дека се обратиле до социјалните служби од каде добиле одговор дека не можат да земат социјална помош поради тоа што не се венчани со Трајче, а другата документација Моника не може да ја набави поради финансиската состојба во која се наоѓаат. Во колку тешка состојба се наоѓа ова семејство покажува и фактот што немаат доволно храна за целиот месец, а немаат ниту средства за лична хигиена.

„За храна нема доволно во месецот, имаме храна само за една недела, потоа се снаоѓаме, јадеме што ќе најдеме. Средства за лична хигиена немаме, со 5 илјади што попрво да се купи. Треба и сметките да ги платиме. Социјално не можам да земам бидејќи не сме венчани со Трајче и личната карта ми е на адреса во Куманово, а не во Скопје. Процедурата е голема, треба да се вади извод и други документи, а немам средства тоа да го направам“, вели Антевска.
Покрај секојдневните проблеми, на Антевска дополнителна тешкотија ѝ прави чирот на желудникот, кој го има подолг период. Таа била на доктор за ова од каде ѝ биле дадени одредени лекарства кои воопшто не ѝ се од помош. „Бев на лекар, но не ми помогнаа ништо, пробав многу лекарства, но не беа од помош. Болката сè уште е присутна, секој ден ме боли, некогаш и крв плукам. Што ќе се прави понатаму, не знам“, вели Антевска.
17-месечната Величе и 9-годишниот Бојан заедно со своите родители ги повикуваат сите добронамерни и хумани луѓе да им помогнат без разлика дали со финансиски или материјални средства, бидејќи секоја помош е добредојдена.
Жиро сметка: 250015000332990, Трајче Конески, Шпаркасе банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Државна лотарија како мегафон на власта – јавните пари се користат за дворски трубадури
„Злоупотребите на Државна лотарија продолжуваат и под капата на ДПМНЕ и Мицкоски! Претходно како приватна фирма на Груби кој го пуштија во бегство, а сега како партиска каса за финансирање на апологети на власта и јавни личности чија примарна улога е да ја шминкаат реалноста и да го бранат неуспехот на власта“, велат од партијата Левица.
„Месечни хонорари од по 35.000 до 60.000 денари, односно над 4 милиони месечно се исплаќаат на инфлуенсери, професори, јавни личности, партнери на функционери од власта и други членови на владејачките политички партии!
Додека има пари за купување на лојалноста, нема за покачување на платите, за лекови, социјални програми, реална поддршка на младите, подобрување на условите во училиштата и болниците, достоинствен живот на граѓаните.
Овие лица како платени факели ја осветлуваат сцената по вкус на власта, додека во заднина се крие мракот на сиромаштијата, иселувањето и распадот на јавните услуги. Јавните пари, наместо да бидат семе за развој, се фрлаат како трошки за одржување на ехото на партиските мантри на мрежа на привилегирани креатори на јавно мислење кои се хранат од народната каса.
Ова е учебникарски пример на клиентелистичка држава, во која институциите се користат како ПР-агенции на власта, а јавните средства како гориво за партиска самопромоција.
Бидејќи народот не е публика во ПР-спектаклот на власта, туку сопственик на буџетот, Левица бара Државната лотарија, односно директорот Александар КЛИМОВСКИ, итно и јавно да одговори:
– По кои критериуми се ангажираат овие лица?
– Кои се нивните конкретни задачи и резултати?
– Каков е јавниот интерес од нивниот ангажман?
– Зошто овие лица се скриени и не се наоѓаат во базата на јавни информации?
Во Македонија има пари, но тие течат по канали ископани од алчност и партиска привилегија. Наместо да се вложуваат во општествено корисни политики и јавен интерес, тие се крадат, се претвораат во патни трошоци, хонорари за непродуктивни улоги, во сценографија на власта која сака да изгледа коректна и силна, додека суштински ја празни државната каса.
Државата не е сиромашна, туку е ограбена и злоупотребена“, се наведува во соопштението на Левица.
Македонија
Почеток на второто полугодие: РСБСП апелира за зголемена безбедност на децата во сообраќајот
„Со започнувањето на второто полугодие од учебната година, се зголемува присуството на деца како пешаци и учесници во сообраќајот, особено во зоните околу основните училишта и детските градинки. Имајќи ја предвид нивната ранливост и ограничената способност за навремена проценка на сообраќајните ситуации, безбедноста на децата во сообраќајот претставува приоритет од највисок јавен интерес“, велат од РСБСП.
„Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование и наука, континуирано ги реализира превентивно-едукативните активности во рамки на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, насочени кон унапредување на сообраќајната култура и подигање на нивото на безбедно однесување кај најмладите учесници во сообраќајот.
Преку едукативни предавања и практични активности во образовните установи, децата се стекнуваат со основни знаења и вештини за безбедно учество во сообраќајот. Истовремено, се нагласува значењето на улогата на родителите и возачите како клучни фактори во градењето на безбедни навики и одговорно однесување.
Во овој период на зголемен интензитет на сообраќај, РСБСП упатува апел до сите учесници во сообраќајот за строго почитување на сообраќајните правила и зголемена внимателност, особено во близина на училишта, пешачки премини и зони со смирен сообраќај“, се вели во соопшштението на РСБСП.
„Апел до возачите и родителите:
· Да ја прилагодат брзината на движење согласно поставената сообраќајна сигнализација и условите на патот.
· Да покажат зголемена внимателност и подготвеност за ненадејни реакции на децата.
· Да не паркираат возила на места со намалена прегледност, особено во близина на пешачки премини и влезови на училишта.
· Континуирано да разговараат со децата за правилно и безбедно движење во сообраќајот и да бидат пример со сопственото однесување.
Пораки до децата – пешаци:
· Улицата се поминува исклучиво на обележан пешачки премин.
· Пред преминување задолжително да се застане и внимателно да се погледне лево, десно и повторно лево.
· Да не се истрчува на коловоз и улицата да се поминува со нормален чекор.
· Да се користи тротоарот или пешачката патека, а доколку не постојат, движењето да биде по левата страна од коловозот.
· Улицата да не се користи за игра и престој.
РСБСП потсетува дека непочитувањето на сообраќајните правила претставува сериозен ризик по безбедноста на децата и може да доведе до тешки последици. Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност и бара континуирано внимание, дисциплина и соработка од сите“, соопштува РСБСП.
Македонија
Уште еден доказ „мигранти за пари“, велат од СДСМ
„Пред неколку дена со одлука на Владата на Мицкоски отворена е вратата за влез на 10.000 „економски работници“. Иако во Македонија има околу 100.000 невработени.
Пред ова, Владата на Мицкоски го смени и Законот за странци за да го олесни доаѓањето.
Ова се поклопува во целост со пишувањето на британските медиуми за „стратешки договор“ согласно кој мигрантите би добиле работни визи во Македонија за работа во различни сектори“, истакнуваат од СДСМ.
Сега, како што додаваат, кујните на ВМРО објавуваат вести дека граѓаните не ја подджале онлајн петицијата на СДСМ којашто СДСМ ја прекина само по неколку дена, затоа што ВМРО изгласа Декрет како од Третиот рајх за забрана на слободата на говор.
„Но сега, што прави ВМРО со ова?
Го користат за да наметнат мислење дека всушност граѓаните не ја поддржале петицијата, затоа што поддржуваат доаѓање на мигранти односно „економски работници“ како што ја сменија терминологијата.
Драги граѓани на Македонија, дали сега ви е јасно дека договор „мигранти за пари“ има?
Еве, преку оваа објава тие тоа и го потврдија“.
Пари, според СДСМ, нема во буџетот, веќе сега, како што велат, недостигаат 2 милијарди евра, на тендер-коалицијата ВМРО-ЗНАМ им фрлат пари за нови тендери.

