Македонија
(Видео) Јакимовски: Легализацијата на еден од објектите за кој бев осуден ја водел адвокатот Панче Тошковски

Легализацијата на еден од објектите за кој бев осуден, ја водел како полномошник, адвокат Панче Тошковски, човекот кој заедно со Миле Јанакиевски беше дел од тимот што го изготвуваа законот за легализација, изјави денеска градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски на прес конференција на која презентираше нови докази кои, како што рече тој, ја потврдуваат неговата невиност во осудителната пресуда.
„Овие докази се однесуваат на постапката водена за легализација на четирите објекти кои се наоѓаат покрај „Илинденска“. Што е интересно? Интересно е што легализацијата на еден од овие објекти ја водел како полномошник адвокат Панче Тошковски. Урбанистичката согласност ја подигнал адвокат Панче Тошковски, а на пресметката на комуналиите потпишан е Александар Јанакиевски. Тој е сега раководител на сектор за урбанизам во Гази Баба. Претходно бил раководител на сектор за урбанизам во Град Скопје, а претходно раководител за урбанизам во општина Центар“, рече Јакимовски.
„Господинот адвокат, сега министер Панче Тошковски, не го потенцирам за да го инкриминирам, напротив. Сакам да кажам дека господинот Тошковски ја познава оваа материја одлично“, нагласи градоначалникот и додаде:
„Тој не би поднел барање за легализација како полномошник на сопственикот на ДОТ Мебел, ако не е сигурен дека објектот има право на тоа, од причини што господинот Панче Тошковски заедно со Миле Јанакиевски учествуваше во тимот што го изготвуваше законот за легализација. И она што е уште најинтересно, полномошникот Панче Тошковски до нас има доставено изјава заверена на нотар од страна на сопственикот на објектот дека објектот го поседува повеќе од 20 години и дека потенцирам објектот е дивоградба. Значи сега имаме мртва трка меѓу оној што го чита законот и оној што го правел законот. И сега треба да погодиме од прилика кој подобро ја познава оваа материја“, рече Јакимовски.
Според него, ова е уште еден доказ дека во моментов оваа пресуда е само политичка и ништо повеќе и ова, како што рече, само покажува дека кога е во прашање струка тогаш адвокат Панче Тошковски совесно си ја завршил својата работа бидејќи објектот имал право на легализација.
Тој е осуден за бесправна изградба и злоупотреба на службената положба кои според пресудата се сторени за време на изградбата на новата општинска зграда на Карпош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хемикалии се излеаа од објект во Пинтија, надлежните на терен

Во текот на денешниот ден во населбата Пинтија во Кисела Вода од резервоар на објект на приватна компанија за производство на стиропор изграден во внатрешноста на населеното место, се излеале хемикалии користени во производствениот процес на компанијата.
Град Скопје соопшти дека на лице место се екипи на ТППЕ Скопје со цел изолирање на инцидентот како и инспекторите од град Скопје кои составија записник за хаваријата.
„За ваков тип на хаварија покрај паричната казна за сторителот од 45.000 евра, следи и затворање на погонот, како и налог за санирање на штетите предизвикани од инцидентот. Со инспекциски извештај за извршен технички преглед на опрема под притисок каде со заклучок е нотирано дека на вентилот има знаци на протекување, правното лице Екопор не превземало мерки да го спречи настанувањето на хаваријата на која сме сведоци денес“, велат од Град Скопје.
Се додава дека за овој објект кој е под надлежност на општина Кисела Вода, апелираат до општината да постапи во рамки на своите надлежности, како и ресорното Министерство со цел санкционирање на правното лице кое ја предизвика хаваријата.
Претходно од МВР информираа дека било пријавено дека на булеварот Борис Трајковски во близина населбата Пинтија истекува непозната црна течност од атмосферската канализација и истата се излева по булеварот. Полициски службеници од СВР Скопје се излезени на лице место. Сообраќајот се пренасочува и се преземаат мерки за утврдување на причините и за расчистување на случајот.
Македонија
ЕУ ни порача: Тоа што е договорено е договорено, нема што ново да се договара

Тоа што е договорено е договорено, нема што повеќе да се договара, рече претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, за тоа дали може Македонија да добие гаранции за да ги спроведе уставните измени.
Првиот човек на Европскиот совет вели дека држата треба да го исполни договореното од 2022 година, и нема повеќе простор да се бара нешто друго за договор.
„Не ни е потребен план ‘Б’, само треба да го исполниме планот ‘А’“, рече Кошта.
Според премиерот, Христијан Мицкоски, преговарачката рамка е грешка на претходната Влада на СДСМ и ДУИ, а уставни измени без гаранции се неприфатливи, без испорака од другата страна.
„Ние тоа не можеме да го прифатиме, без да видиме добра волја и испорака од соседната страна. Не можеме ние да менуваме Устав по којзнае кој пат, а без да имаме јасна порака и јасна испорака од другата страна, тоа е бугарската страна, затоа сакаме да разговараме за да го решиме тој проблем“, рече Мицкоски.
Премиерот изрази подготвеност во било кое време да дојде во Брисел, во присуство на висок претставник од ЕУ, на преговори со Бугрија.
Мицкоски и Кошта заедно заминаа во Тирана, на самитот на Европската политичка заедница. Премиерот најави добри вести за Македонија.
Македонија
Австриската министерка за надворешни работи доаѓа во Скопје

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре, 16 мај, ќе биде домаќин на министерката за надворешни работи на Република Австрија, Беате Мајнл-Рајсингер, информира МНР.
Ова е прва посета на министерката Беате Мајнл-Рајсингер на нашата земја по стапувањето на функцијата министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија на 3 март 2025 година.
„Во фокус на разговорите ќе биде унапредувањето на билатералните односи, реафирмирање на австриската поддршка на македонската интеграција во Европската Унија, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања“, велат од МНР.