Македонија
Три години и шест месеци затвор за Стевче Јакимовски, градоначалникот на Карпош
Градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски е прогласен за виновен за две кривични дела и е осуден на затворска казна од 3 години и шест месецизатвор, соопшти Кривичниот суд во Скопје.
Јакимовски е осуден за бесправна изградба и злоупотреба на службената положба кои според пресудата се сторени за време на изградбата на новата општинска зграда на Карпош.
Судот одлучи и административно-деловната зграда на општината да биде одземена и конфискувана во корист на државата.
Поранешен вработен во општина Карпош е осуден на условна казна.
„Основниот кривичен суд Скопје, денеска 23.04.2025 година, ја објави пресудата за предметот со КОК бр. 157/21 против С.Ј. и Т.Ѓ., со која двајцата обвинети ги огласи за виновни за кривичните дела кои им се ставаат на товар и ги осуди на начин што : С.Ј. се осудува на единствена казна затвор во траење од 3 години 6 месеци, додека Т.Ѓ. му изрече алтернативна мерка – Условна осуда во траење од 2 години затвор која нема да се изврши доколку во следните 5 години не стори ново кривично дело. Заради интерес на јавноста во прилог доставуваме дел од изреката на пресудата:При денешната објава на пресудата за предмето со КОК бр. 157/21, Претседателот на советот ја изрази својата загрижност што оваа постапка трае повеќе од 6 години, како и дека за истото нема разумно оправдување. Откако постапката почна одново, поради промена на Претседателот на советот, а како странките се согласија претходно изведените докази да бидат прочитани, за помалку од една година, овој предмет заврши во прв степен.
Со оглед дека поради измените на Кривичниот законик во однос на кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, застареа стотици предмети, а како Јавното обвинителство ја продолжи кривичната постапка против обвинетиот С.Ј, по наоѓање на овој суд не може да стане збор за продолжено кривично дело, бидејќи ниту временски, ниту пак според начинот и приликите на сторување може да стане збор за такво дело, па од тие причини судот донесе пресуда со која го одби обвинението од став I точка 1 и точка 2 од Усогласениот обвинителен акт, согласно член 402 став 1 точка 6 од Законот за кривична постапка, бидејќи кривичното гонење не може да се преземе поради застареност.
Судот го прогласи за виновен обвинетиот С.Ј за кривично дело – Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик за изградба на деловен објект – административен објект на Локалната Самоуправа, и за ова кривично дело му изрече казна затвор во траење од 1 – една година. Предвидената казна за ова дело е од 3 до 8 години затвор, но имајќи ја предвид намената на објектот како и казнената политика на овој суд, судот ја изрече оваа казна. Имено според податоците, во овој суд досега се воделе 17 предмети за истото дело, од кои 8 се завршени со условни санкции. А само во два предмети се изречени затворски казни.
Согласно член 244-а став 6 од Кривичниот законик, изградената недвижност деловен објект – административен објект на Локалната Самоуправа која се наоѓа на КП.бр.612 за КО Карпош, на ул.„Радика“ бр.9, Барака 1 и 2, се одзема во корист на Република С. Македонија.
Судот го осуди обвинетиот С. Ј и за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 в.в. со став 1 в.в.со член 45 од Кривичниот законик, на казна затвор во траење од 3 – три години.
Со оглед дека на обвинетиот С.Ј му се суди истовремено за две кривични дела, судот откако претходно ги утврди казните за секое дело одделно, па за двете дела му изрече единствена казна во траење од 3 години и 6 месеци. Во изречената казна затвор на обвинетиот му се засметува и времето поминато во куќен притвор.
Судот го осуди и обвинетиот Т.Ѓ, претходно вработен во Општина Карпош, за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 в.в. со став 1 в.в. со член 45 од Кривичниот законик, и му изрече алтернативна мерка условна осуда, така што на овинетиот му утврди казна затвор во траење од 2 – две години и истовремено определи дека истата нема да се изврши доколку обвинетиот за време од 5 – пет години од правосилноста на стори ново кривично дело.
Двајцата обвинети солидарно се задолжени да ја надоместат штетата на Буџетските средства на Република С.Македонија“, се истакнува во соопштението од судот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Мицкоски побегна од резолуцијата, дури во Брисел
Денес, кога Собранието треба да одлучува и кога опозицијата требаше да му поставува прашања на премиерот Христијан Мицкоски, тој наеднаш избега во Брисел, обвинија од СДСМ.
„Ја остави Резолуцијата на СДСМ непотпишана а контра Резолуцијата остави да ја туркаат неговите послушници од ДПМНЕ и ЗНАМ. Оние што верно го следат предавството на својот претседател и оние што ЗНААТ дека ја предале Македонија за пари. Толку за „храбриот“ Христијан Мицкоски. Не смее да одговара на прашањата на опозицијата, затоа што вистината не може да ја погледне во очи“, велат од опозицијата.
Македонија
Стојаноски: Лагите на СДС се разоткриени, резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја гарантира безбедноста во државата
Во изминатиот период бевме сведоци на тоа како СДС сака да внесе несигурност и вознемиреност во јавноста преку ширење на лажни информации, свесни манипулации и дезинформации, кои беа интензивно и гласно пласирани во јавниот простор, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Венко Филипче, продолжуваат по стапките на нивниот ментор Зоран Заев. Секојдневно, гледаме иста реторика, исти методи и исти манипулативни наративи. Ова СДС не го прави случајно, туку е свесна стратегија, поради тоа што нема што ново да понуди. Ваквата кампања на опозициската СДС, која инаку повеќе се одликува со квантитет директно го нарушува мирот на граѓаните, а е и во спротивност со Кривичниот законик, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, како и со Законот за спречување и заштита од дискриминација“, рече тој.
Токму затоа, додава Стојаноски, преку Резолуцијата поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во Собранието, јасно се отфрлуваат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната влада предводена од Зоран Заев поврзани со кампови за мигранти.
„Јасно ја потврдуваме определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право. Со оваа Резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија кои СДС се обиде да ги наметне во јавниот дискурс, а се поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови. За секое следно ширење на паника, лажни вести и манипулација на народот, кривично ќе се одговара“, рече тој.
Македонија
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка
Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата. Тој кажа дека од почетокот тврдел дека евентуалната постапка за негово разрешување е политичка одлука.
Тој предмалку ја соопшти одлуката на прес-конференција во Обвинителството. Коцевски рече дека си заминува од функцијата гордо и со крената глава.
„Функцијата што ја вршев нешто помалку од две години ја извршував чесно и достоинствено, заминувам со гордо крената глава, но и со разочараност поради непочитување на принципите врз кои почива правната држава. Доказ за тоа е дека дури денес во 10 часот, на само еден час пред закажаниот почеток, ми беше доставена покана од Собранието да присуствувам на седницата за која ќе се раправа за мое разрешување. Предлогот за мое разрешување не ми е доставен и немам на што да се произнесам“, рече Коцевски.
Тој вели дека е јасно оти предлогот за негово разрешување не е заснован ниту на закон ниту на факти, туку претставува преседан со далекосежни последици врз независноста на Јавното обвинителство.
„Овој предлог како основи за разрешување содржи само три реда, а ниту еден од нив нема образложение или аргументирана поткрепа. Законот е јасен: државниот јавен обвинител може да биде разрешен само доколку се утврди дека сторил тешка дисциплинска повреда. Тоа е така не заради заштита на Љупчо Коцевски или на кој било друг што ќе дојде на оваа функција, туку заради заштита на самостојноста на јавното обвинителство и начелото на поделба на власта. Принципи кои денеска се длабоко нарушени, бидејќи со ниту една постапка не е утврдено дека сум сторил ниту лесна, ниту тешка дисциплинска повреда, а тоа го потврди и Советот на јавните обвинители кој даде негативно мислење по предлогот на Владата, како уставно и законски надлежен орган задолжен да ја штити независноста на јавното обвинителство. Оттука, самата постапка за мое разрешување е правно неиздржана“, вели Коцевски.
Според него, предлогот за негово разрешување е дојден затоа што јавно и отворено зборувал за проблемите во обвинителството.
„Јас знам зошто денес стојам тука пред вас. Тоа не е заради мое непрофесионално работење. Тоа не е заради недостаток на резултати. Туку затоа што, како државен јавен обвинител, отворено и јавно зборував за проблемите и за недостигот на ресурси, затоа што не се мешав во законското право на јавните обвинители на самостојно и независно одлучување. Убеден сум дека стојам тука пред вас и затоа што се зафатив со еден навистина значаен и тежок процес – прочистување на редовите на обвинителството. Јас сум првиот државен јавен обвинител кој, по донесувањето на Законот за јавно обвинителство во 2021 година, изврши контрола на работењето на вишите јавни обвинителства и на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, рече Коцевски.

