Македонија
(Видео) Јакимовски ја поддржува Арсовска: Не молчам, градат на диво, милиони испаруваат, Владата спие
Давам јавна поддршка на она што го прави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Ние може нејзе да не ја сакаме, може да бидеме незадоволни од одредени нејзини постапки, меѓутоа овие активности кои таа во моментов ги презема не можеме како одговорни лица да не ги поддржиме – истакна првиот човек на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
– Практично таа документирано и покажа на целата македонска јавност, пред сите надлежни институции, она што веќе го знаат милион и осумстотини и шеесет илјади граѓани, каде во оваа држава се гради на „диво“, каде се узурпира градежно државно земјиште, каде се легализира колективно, деловно и индивидуално земјиште сé по едно евро и каде се злоупотребува законот за легализација на бесправно изградени објекти – посочи Јакимовски.
Тој изрази загриженост од односот на премиерот Мицковски, како и од министрите Тошковски и Николовски.
– Замислете, претседателот на Владата употребува еден многу интересен термин. Тој вели: градоначалничката Арсовска нека постапува по дивоградбите. Меѓутоа, градоначалничката на Скопје нема никакви ингеренции да постапува по однос на дивоградбите. Веројатно премиерот добро знае дека таму треба да постапуваат истражните органи. А всушност самиот премиер кој во оваа држава се закануваше дека ќе не влече за уши, дека дури и брат да му е доколку е некој виновен, ќе одговара кривично. Овде имаат среќа луѓето што не му се браќа и очигледно дека тој никого не влече за уши, туку целиот македонски народ го влече за нос. Зошто? Затоа што овде исклучително тој и неговите институции имаат надлежност. На локациите кои ги посочува тој е узурпирано градежно земјиште за коешто не е платено ниту денар а истото е во државна сопственост и тоа земјиште на само една локација чини 2 милиони евра. Не се платени ниту комуналиите кои чинат 1 милион евра. Не постои никаков урбанистички план ниту пак било каква градежна маркичка а министерот за „заеми“ господинот Николовски којшто е надлежен за оваа работа, вели дека во општина Карпош нема да дозволува да се одобруваат урбанистички планови од причина што тука имало хаос, а замислете во Чаир имало ред и поредок“, рече Јакимовски.
Според Јакимовски министерот за транспорт и врски е целосно отсутен и покрај тоа што овие случаи се исклучително негова надлежност.
– Да не зборувам пак за министерот за внатрешни работи, Тошковски кој му поднесе кривична пријава на градоначалникот на Крива Паланка за урбана опрема. А овде каде што има стотици дивоградби и каде што државата се оштетува за милијарди евра, воопшто не се постапува и очигледно дека за нив законите се применуваат според нивен терк. Само во Карпош, во Крива Паланка, во Струмица и во општина Центар важат поинакви правила. Она што премиерот Мицковски го најавуваше за пресметка со ДУИ, очигледно дека тој се пресметува само со некои крила од таа партија, односно со тие што не се со него во власт и коалиција. И можете да ја замислите, таа нивна строгост и „правна“ држава ја гледаме само ние од Карпош. Имено, за овие бараки кои ги направила Општината која е сместена веќе 12 години, актуелната власт ќе носи одлука за конфискација на нешто што е направено во интерес на државата. Очигледно онаму каде што некој гради во интерес на сопствениот џеб и го краде народот и својата држава, истите се амнестирани. Во случајов претседателот на Владата лаконски ќе ви каже: градоначалничката на Скопје нека си постапува, а самиот тој ќе се заканува на сите останати кои работат според законот“, додаде Јакимовски.
Градоначалникот на Карпош ја посочи непренципиелната политика на Власта, која, како што вели, не постапува според начелата на демократијата и има селективен пристап кон правдата.
– Премиерот Мицковски тренира строгост над оној кој продавал карти во Кочани и на сите нас што не сме дел од неговата коалиција, а сé останато нека биде хаотично во Македонија. Јас го кревам гласот затоа што нивната „правна држава“ сме ја осетиле на своја кожа, затоа што правото го прават не-право и бидејќи со своите постапки ги поттикнуваат криминалот и корупцијата. Мене ме зачудува односот на меѓународната јавност и нашите правосудни органи. Јас сум осуден на три ипол години затвор, замислете во завршниот збор, обвинителот вели дека постапката што ја водела Општина Карпош била според законот. Нас не судат затоа што работиме по закон, а овие кои работат незаконски, каде што не плаќаат земјиште, комуналии, не постои урбанистички план, за нив никому – ништо“, истакна Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

