Македонија
(Видео) Јаневска: 36.000 денари плата за наставниците и до 100.000 денари за универзитетските професори

За идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, односно идната влада на Република Македонија, квалитетно и модерно образование претставуваат приоритет, квалитетното и модерно образование се темел за развој на другите општествени полиња и се темел за развиток на другите приоритети како што се економијата, градењето на демократско општество, градењето на праведно општество и развој на сите индивидуа со цел подобар живот, истакна Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Квалитетно и модерно образование во функција на пазарот на трудот ќе изгради иновативни единки и широка распространета мрежа на иновации кои ова држава ќе ја водат во просперитет.
Во програмата за образование на ВМРО-ДПМНЕ има многу приоритетни проекти, но ќе ги одвојам најважните.
Ќе почнеме од основното и средно образование, а потоа и со високото. Во основното образование се предвидени реформи на наставните планови и програми, со особен осврт кон воспитната дејност на најмладите. Најмладите ќе бидат растоварени од заморното учење на факти и репродукција на факти, а ќе се обрне внимание на нивното критичко мислење на развој на демократски капацитет, на спознавање на себе и околината, на моралните и етичките норми, на спознавање на различностите и прифаќање на различностите, на споделување на проблемите и решавање на проблемите. Наставниците ќе бидат растоварени од огромната административна работа на пишување и препишување на едни исти описни оценки или други оценки, како во е-дневникот така во дневникот и матичната книга. Тие ќе се посветат на образованието, а не на администрацијата.
Наставниците ќе добијат повисока плата како мотив за нивната работа, достојна за нивниот труд што го вложуваат во образованието на најмладите од кои ќе се продуцираат нашите научници, нашите политичари, нашите филозофи, нашите доктори. Платата на наставниците ќе биде според колективниот договор, ќе има израмнување и таа ќе изнесува 36.000 денари.
Тука да не ги пропуштам професорите, како што веќе слушнавте, платата на универзитетските професори ќе достигне до 100.000 денари.
Наставниците ќе имаат кариерно напредување, нив ќе им бидат признаени сите достигнувања кои тие ги достигнале во својот професионален живот, магистериумите, докторатите, наставникот ментор, наставникот советник ќе бидат соодветно наградени и еволуирани за својата работа. Притоа учениците исто така ќе можат да работат со наставник кој е задоволен и мотивиран, ќе се трудат и ќе сакаат да стекнат знаење со мотивирани наставници.
Од останатите проекти во однос на средното образование, предвидовме средно образование во функција на стопанството. Дуално образование, образование според пазарот на труд и според потребите на општеството. Предвидовме кариерно советување на учениците, како и нивно кариерно определување со помош на наставниците.
За учениците, како и за студентите ќе има можност за субвенционрање од страна на државата за нивниот научен или истражувачки труд. Исто така, ќе биде соодветно награден секој успех на наставникот ментор за секој научен и истражувачки проект за кој ученикот ќе биде награден во Република Македонија или надвор од неа.
Наставниците исто така ќе имаат можност да стекнат едукација која нема да биде на нивен товар туку на товар на Министерството за образование. Во случај да треба од септември повторно да работиме на онлајн настава, во преодната програма на нашата партија се предвидени повеќе чекори, меѓутоа во однос на образование предвидено е формирање национална програма преку која Министерството за образование заедно со македонските ИТ-компании ќе изработи платформа, една единствена како за учениците така и за студентите и за наставниците да биде униформна, да биде достапна на сите на коишто ќе им биде потребна.
На неа наставниците ќе постават снимени материјали кои на учениците и студентите ќе им бидат достапни во секое време, кога тие ќе бидат спремни да се посветат на учењето. Истата платформа ќе биде користена не само во ситуации на кризи како што е Ковид-19 епидемијата туку таа може да се користи и за учење во ситуации како на пример како што знаете во зимскиот период во Скопје и другите градови имаме зголемување на ПМ 10 честичките.
Она што се однесува на високото образование, нашата влада ќе обезбеди средства за научно истражување, најмалку 40 проекти годишно ќе бидат финансирани од нашата влада. Факултетите, универзитетите ќе го добијат кадровскиот потенцијал што им е потребен, не само во смисла на професорски кадар туку и технички.
Нашата влада нема да дозволи ниту еден ученик, ниту едно лице со попреченост да биде заборавено како што тоа сега беше случај. Ние ним ќе им посветиме посебно внимание“, порача Јаневска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.