Македонија
(Видео) Јанушев: Докторите немаат маски, а Шекеринска за 4 дена за ручеци и патувања потрошила над 1милион и 300 илјади денари

Додека речиси секој во државата се обидува да придонесе за надминување на ситуацијата со коронавирусот, владата е фатена во нов скандал. И покрај тоа што има забрана за патување во странство, во екот на пандемијата со коронавирус, во перидот од 17 до 20 март оваа година, Шекеринска преку Министерството за одбрана потрошила 1 милион и речиси 43 илјади денари за патувања, обвини генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
„Во истиот овој период, за само 4 дена за репрезентација, ручеци и ресторани, Министерството за одбрана со кое раководи Шекеринска потрошило дополнително речиси 362 илјади денари. Додека македонските доктори немаат маски, немаат респиратори, министерството со кое раководи Шекеринска тие пари ги троши на патувања и ручеци. Додека Заев ќе крати плати на работници, Шекеринска троши на ручеци и патувања. Кризата на површина ги извади недостатоците на државниот систем. Три години нè убедуваа дека блескаме, за само три недели буџетот доживеа колапс“, вели Јанушев.
Сосема е погрешно, како што вели, неспособноста на владата да се прекрши на грбот на работниците во администрацијата. Мерката на Заев за урамниловка на примањата на функционерите, министрите и раководителите со примањата на работниците во администрацијата е погубна и неефикасна, оценува Јанушев.
„Урамниловката на платите на функционерите со платите на работниците е сериозен удар за работниците но и за здравото ткиво на економијата кое е непогодено од кризата затоа што во промет ќе има помала потрошувачка, а со тоа и помалку пари. Бараме под итно да се примени антикризниот план кој го предлагаме од 8 чекори:
1. Државата да покрие 50% од бруто-трошоците за вработените, по основ на нето-плати и придонеси, а не само нето-плати како што предлага СДСМ.
2. Целосно да се замрзнат плаќањата на рати по основ на отплата на главнина и камати на граѓаните и бизнисот кон банките и заемодавателите.
3. Владата да се откаже од непродуктивните трошоци од буџетот и да овозможи безусловна интензивна реализација на капиталните инвестиции.
4. Владата да го покрие транспортниот сектор со укинување на плаќањето на патарина и царински давачки, како и да донесе одлука за укинување на сите давачки, царински и даночни, за набавка на здравствени маски, медицински препарати и уреди потребни за справување со коронавирусот.
5. Аконтацијата на данокот на добивка за месеците април, мај и јуни да биде одложена, а за истото ова треба да се примени и за ДДВ за месец март кој се плаќа до крајот на месец април за дејностите погодени од кризата.
6. итно и целосно прекинување на непродуктивните трошоци за времени вработувања.
7. Да не се прави, односно да се откаже владата од урамниловка помеѓу платите на функционерите со платите на работниците во администрација и,
8. веднаш да се обезбедат средства од 1 милијарда евра за да нема негативни последиците врз компаниите и стандардот на граѓаните. Од кој 600 милиони преку средства од Светска банка, ММФ и странски банки, и 400 милиони евра преку државни хартии од вредност кои ќе ги издаде Министерството за финансии, со претворање на пасивниот капитал во актива“, порача Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.