Македонија
(Видео) Јанушев од Лозово: ВМРО-ДПМНЕ ќе бара организирање на референдум за изградба на кафилерија

Носителот на изборна единица 3, Игор Јанушев денес оствари посета во општина Лозово каде што посочи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага преку своите советници да бара од општината организирање на референдум каде што граѓаните ќе се изјаснат по однос на ова прашање за изградба на кафилерија.
„Она што предизвикува огромен проблем и што буквално од секој овде човек во Лозово го слушнав е планот на градоначалникот на општина Лозово е да изгради кафилерија. Токму на ова место каде што се наоѓаме денес е предвидена изградбата на кафилеријата. Она што особено зачудува и изненадува е буквално насилничкиот начин кој што и овде во Лозово, ова мало место се обидува градоначалникот да го направи. Имено без никаква одлука на Советот на Општината, буквално по негова сопствена волја е предвидена изградба на кафилерија, која што е во непосредна близина на куќите во кои што луѓето живеат овде, на не цели 200 метри до црквата и основното училиште“, појасни Јанушев.
Јанушев додаде дека ВМРО-ДПМНЕ како предводници на новата влада најостро се спротивставува на ваквиот план и ќе ги преземе буквално сите чекори и сите мерки кои што може за да се запре овој чин на градоначалникот.
„Зошто е ова толку битно за граѓаните на Општина Лозово? Бидејќи се загрозува здравјето и животот на луѓето. Бидејќи со изградба на еден ваков капацитет во непосредна близина на објектите како што е училиштето, се загрозува здравјето на децата. Уште еднаш еден апел до градоначалникот да престане со овој начин на делување, видовме еднаш што направи изминатиот период. Имавме една случка кога заменик министерката на информатичко општество не и беше дозволено овде да дојде во локалните канцеларии. Насилничкото однесување мора да престане“, нагласи Јанушев.
Јанушев посочи дека ОК на ВМРО-ДПМНЕ Лозово преку својата советничка група ќе бара од општината организирање на референдум каде што граѓаните на Лозово ќе се изјаснат по однос на ова прашање.
„За десетина дена од денеска веќе нема да бидат власт во Република Македонија. Но вакви насилнички работи мора веднаш да престанат. ВМРО-ДПМНЕ е тука. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ги штити интересите на граѓаните, впрочем и тоа што го предвидуваме со програмата е буквално секој еден граѓанин да живее подобро и да има повеќе за секој еден. Уште еднаш би сакал за Лозово како земјоделски крај да потенцирам се она што сакаме и планираме да го направиме за земјоделците. 640 милиони евра за четири години субвенции или по 160 милиони евра за секоја година. Но она што е најбитно за секој земјоделец навремена исплата за субвенциите за секој да може да ја планира својата иднина“, рече Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.