Македонија
(Видео) Јанушев: Скандалозна е одлуката на Џафери да не номинира набљудувачи за референдумот
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, истакна дека е скандалозно тоа што Талат Џафери во име на Собранието во текот на вчерашниот ден одби да номинира набљудувачи што ќе го следат референдумскиот процес.
„Власта со ваквите чекори фрла огромна црна сенка врз декларативните заложби за фер и демократско изјаснување на граѓаните на претстојниот референдум. Имено, ДИК во согласност со законот испрати барање до Собранието на Република Македонија да номинира набљудувачи што ќе го следат референдумот за што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ официјално побара од Џафери да номинира набљудувачи“, рече Јанушев.
На прес-конференција тој истакна дека Џафери и покрај намерата на ВМРО-ДПМНЕ, испрати известување до ДИК дека Собранието нема да номинира набљудувачи.
„Собранието, кое е овластен предлагач и орган што го почна самиот процес на референдумот, вчера со одлука на Талат Џафери се стави надвор од можноста да врши контрола на законитоста на целиот процес и остави простор за секакви сомнежи во исходот. Ако Џафери и мнозинството не ги интересира ова прашање, тогаш што е нивниот приоритет“, праша Јанушев.
Тој додаде дека набљудувачите се гаранција за законитоста на референдумот, а со овој чекор на Џафери се отвора огромен сомнеж за намерите на власта да организира законско и демократско референдумско изјаснување. Оттука, ВМРО-ДПМНЕ бара од ДИК во најкус можен рок – уште на денешната седница, да изврши измена во Правилникот за начинот и постапката за решавање приговори за референдумот.
„Бараме со измените да се овозможи набљудувачи да присуствуваат при целокупниот процес на референдумското изјаснување, вклучително и сумирањето и утврдувањето на резултатите. Очекуваме со измените да се даде можност и за пишување соодветни приговори, без ограничувања, што ги има во моментот во согласност со член, 4 став 3 од истиот правилник“, додаде Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди
Променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во среда и четврток, кога на повисоките планини врнежите ќе преминуваат во снег. Од среда ветерот ќе го промени правецот во северен.

