Македонија
(ВИДЕО) Јанчева: Хаос со јавниот превоз во Скопје, Славевски и Арсовска наместо да се караат да земат да работат
Советничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата во Советот на Град Скопје денеска поднесе барање за свикување на вонредна седница, поради сериозноста на проблемот со приватните превозници, кој со месеци ги остава граѓаните на Скопје без функционален јавен превоз, изјави Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
– Додека претседателот на Советот, Трајко Славески, и градоначалничката Данела Арсовска си ја префрлаат одговорноста за тоа кој треба да го реши овој проблем, граѓаните на Скопје секојдневно се соочуваат со нередовен и дотраен јавен превоз. Наместо да се зафатат со решавање на реалните проблеми, гледаме како ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска водат тригодишна расправија и инает, додека градот тоне во хаос.
Да потсетиме, ВМРО-ДПМНЕ беше партијата која ја промовираше Арсовска како „најдобра менаџерка“ и ветуваше дека Скопје ќе стане модерна метропола со бесплатен превоз и 250 нови автобуси. Што добија граѓаните? Наместо модерни решенија, добивме јавен превоз во катастрофална состојба, затрупан град во ѓубре и граѓани оставени сами да се снаоѓаат за основни потреби.
Советничката група на СДСМ и коалицијата упатува јасен и гласен апел:
Итно свикување на вонредна седница на Советот! Граѓаните не смеат да бидат оставени без јавен превоз. Превозот е нивна основна потреба и ние ќе направиме сè за да ги заштитиме нивните права. Ги повикуваме сите советници да ја поддржат оваа иницијатива, да покажат одговорност и да ги надминат политичките игри.
Утрово, претседателот на Советот, Трајко Славески, дури постави нови апсурдни барања – оригинални потписи со пенкало за иницијативата, нешто што досега никогаш не го барал. Истовремено, го повикуваме да престане со процедуралните пречки и конечно да дозволи решавање на проблемите кои го парализираат градот.
Со поднесената иницијатива бараме на дневен ред да се постави решението за јавниот превоз. Очекуваме информација од градоначалничката и секторите на Град Скопје за можностите за брза корекција и враќање на функционалноста на јавниот превоз.
Секој ден одложување е ден повеќе во кој граѓаните страдаат. Јавниот превоз не е луксуз – тој е основна потреба!
Советничката група на СДСМ и коалицијата останува посветена на борбата за интересите на граѓаните, рече Јанчева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

