Македонија
(Видео) Јовановски: Документите потврдуваат голем скандал во Куманово, Димитриевски и Митевски, со поддршка на ДУИ, заработиле 350.000 евра

Денес ги објавуваме документите за најголемиот коруптивен скандал во општина Куманово во организација на Максим Димитриевски и неговиот кум и бизнис партнер Драган Митевски. Овој документ е полномошно со кое кумот на Димитриевски, Драган Митевски, му дава овластување на „Лидл“ да постапува за измена на ДУП-от. Односно, Лидл во име на Драган Митевски има право да иницира постапка за измена на ДУП во општина Куманово, истакна на прес-конференција Александар Јовановски, советник во Советот на општина Куманово.
„Замислете, Драган Митевски, кум на Максим, преку ноќ купил земјиште од Димитриевски и неговото семејство за 250.000 евра. Неколку дена подоцна, го продал на Лидл за 600.000 евра со што заработил 350.000 евра со нула инвестиција, преку ноќ. Потоа ги овластил купувачите да спроведат постапка за менување на ДУП кај неговиот кум Димитриевски. Постои ли поочигледен судир на интерес и корупција?
Да биде скандалот поголем, при првото гласање н Советот на општината за измената на ДУП-от, кое подоцна е поништено, за ДУП-от и негова измена гласал и братот на Драган Митевски, Дарко Митевски, кој е координатор на советничката група на ЗНАМ. Не се знае кој повеќе е заглавен во конфликт на интереси во овој случај, крајот не може да им се фати“.
Откако сфатиле, според Јонавонски, дека тоа не може да помине, на второто гласање Максим се договорил како што појасни со советниците на ДУИ и тие му го изласале ДУП-от.
„Сè уште молчи Максим што тоа им е ветено на советниците од ДУИ. Му даваме уште еден ден, а потоа ќе го објавиме неговиот договор и за оваа работа. Но според нашите информации, скандалот не завршува тука. Денес ќе поставиме прашања и овој пат, наместо да се обидуваат да се правдаат со напади и контранапади, нека бидат доблесни да одговорат барем на едно прашање, затоа што работата е крајно сериозна, а граѓаните имаат право да знаат.
Прашуваме, дали е вистина дека постои друг договор помеѓу кумот на Максим склучен со Лидл, во кој тој се обврзува да издејствува измена на ДУП-от во рок од две години? Дали е точно дека согласно тој договор, тој иако ги наплатил сите 600.000 евра, смее да користи само 180.000 евра, а останатите 420.000 мора да бидат на сметка и дека ќе може да ги користи дури по реализација на договореното, односно измена на ДУП-от“, прашуваат од СДСМ.
Според информации има такво нешто и бараат како што рече Јовановски итно и неодложно постапување на институциите на прогонот, ЈО и Антикорупциска.
Итно, потенцира тој, мора да се оформи предмет за овој, како што го нарече, повеќе од очигледен случај на корупција на Максим Димитриевски.
„Борецот за правда и лутиот ривал на ДУИ, Димитриевски, ниту е борец за правда, ниту се бори против ДУИ. Си ги сруши целосно клучните ветувања пред граѓаните. Се испостави дека го интересираат само пари и бизнис, и дека за да го реализира тоа, спремен е да прави договори со секој, па дури и со ДУИ, за која цела кампања зборуваше дека мора да оди во опозиција“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Работна посета на министерот Муцунски на Кралството Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во наредните два дена ќе престојува во работна посета на Кралството Шведска, на покана на шведската министерка за надворешни работи, Мариа Малмер Стенергард.
Во рамки на посетата, покрај билатералната средба со министерката Стенергард, предвидено е министерот Муцунски да оствари средби и со министерката за европски прашања, Џесика Розенкранц, како и со државниот секретар за меѓународна развојна соработка и надворешна трговија, Хакан Јеврел.
Во шведскиот Парламент – Риксдаг, министерот ќе се сретне со Шерштин Лундгрен, трет заменик-претседател на Риксдагот. На средбата ќе присуствуваат и високи претставници и членови на парламентарните комисии за надворешни работи и европски прашања, како и членови на Групата за пријателство и соработка со Собранието на Република Северна Македонија.
Во рамки на престојот, министерот Муцунски ќе оствари средби и со претставници на македонската дијаспора, како и посета на црквата „Св. Наум Охридски“ во Малме.
Целта на посетата е интензивирање на севкупните билатерални односи преку зајакнување на политичкиот дијалог и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Во фокус на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, реафирмирањето на шведската поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања.
Македонија
„Соопштението кое го објави СДСМ е жална мешавина на параноја, невистини и примитивни политички спинови“, реагира ЗНАМ

„Соопштението кое денеска го објави СДСМ е жална мешавина на параноја, невистини и примитивни политички спинови кои повеќе зборуваат за нивната состојба отколку за Движењето ЗНАМ или за претседателот Максим Димитриевски“, реагира ЗНАМ.
„Прво, нема никаков корупциски скандал поврзан со Димитриевски или со ЗНАМ. Тоа се фабрикувани лаги, пуштени од кујната на партија која очигледно веќе одамна нема допир со реалноста ниту поддршка од народот. Димитриевски останува отворен и доследен борец против корупцијата, без разлика дали таа доаѓа од СДСМ или било која друга партија.
Второ, ЗНАМ не е ничија алатка, ниту нечија продолжена рака. ЗНАМ е граѓанско-политичко движење израснато од незадоволството на народот од токму вакви, арогантни и криминализирани структури како што е актуелното раководство на СДСМ. Вашата потреба да не нарекувате „неавтентични“ само зборува колку ве боли фактот што вистинската поддршка на терен се прелева кај нас.
Трето, тврдењата дека членови се враќале назад во СДСМ се најобична измислица. Никој не сака да се врати во потонат брод, во партија која ја изгуби секоја допирна точка со реалноста и граѓаните. Единствените што ве напуштаат сте вие, господа од СДСМ, бидејќи веќе никој не сака да биде дел од вашата срамна историја.
На крај, да ве потсетиме – токму ваквото ниско ниво на политичка комуникација, полуписменоста што ја споменувате и криминалот против кој се бориме, се синоними за вашето владеење. Народот ве прочита и ви го покажа тоа на изборите“, се вели во реакцијата на Движењето ЗНАМ-ЗА наша Македонија на денешното соопштение на СДСМ.
Македонија
Утре посебен режим на сообраќај во Скопје поради одржување улична трка

СВР Скопје ги известува граѓаните дека на в недела со почеток во 08.30 до 10.30 часот поради одржување на улична трка на 10 км, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Трката ќе започне со стартна позиција на бул.„Илинден“–локација Фонтана, а натпреварувачите ќе се движат по бул.„Илинден“ до крстосница со ул.„Никола Парапунов“, потоа до крстосница со бул.„Партизански Одреди“, десно (во десниот коловоз кон н.Ѓорче Петров) до мост Влајко каде што вртат полукружно и назад по истиот коловоз до крстосницата со ул.„Љубљанска“ каде што вртат полукружно и по истиот коловоз се враќаат назад на ул.„Никола Парапунов“ и по бул.„Илинден“ до целта на локација-Фонтана на бул.„Илинден“.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.