Македонија
(Видео) Љутков: Владата призна дека нема пари во буџетот и бара последиците да ги трпат културните работници
Владата во допис признава дека во буџетот нема пари за нормално функционирање и исполнување на законските обврски. Владата признава дека нема пари во буџетот и бара последиците од тоа да ги трпат и културните работници и програмските активности, како и капиталните проекти, истакнува Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Mинистерството за култура на чело со министерката повторно во поход за омаловажување на културните работници преку предлог за неисполнување на колективниот договор за културата, сега, во паника, како што вели, преку допис бара измена на колективниот договор во културата.
„Деновиве до СОНК и Синдикатот за култура на Република Македонија пристигна допис – предлог за изменување и дополнување на колективниот договор во културата. Во дописот се наведува дека ваквото зголемување ќе предизвика дополнителни финансиски импликации, а со оглед на тоа што сѐ уште е во примена членот 65 од колективниот договор за културата, а Министерството за финансии не обезбедува дополнителни средства за исплата на платите на вработените во установите од областа на културата, Министерството бара измени во колективниот договор за културата во членот 65, со што новата пресметка би била на штета на вработените. Дали вработените во културата се колатерлна штета на неспособното и безидејно раководење на Министерството од страна на министерката Стојчевска? Нејзините политики, како и политиките на нејзините претходници, кои Владата на СДСМ ги разрешува и поставува секоја година, се покажуваат како погубно дезориентирано водење на културните политики, секако на штета на вработените во установите од областа на културата и пошироко на сите културни работници“, вели Љутков.
Оценува дека ваквиот аматеризам, како што го нарекува, стана причина за повторeн обид за избегнување на скалестото покачување на платите (иако со закон тоа е уредено), а непланското работење со финансиите се правда со неможноста да се обезбедат дополнителни средства од страна на Министерството за финансии.
„Со ваквиот срамен предлог за изменување и дополнување на колективниот договор за културата се прави притисок врз вработените преку директорите на инстиуциите, кои прават обиди вработените да прифатат неприфатливи решенија на своја штета, со скриена закана дека доколку вработените и синдикатите не го прифатат овој предлог, тоа ќе биде на штета на програмските активности и капиталните инвестиции и се бара од синдикатите да дадат предлог од каде да се црпат средствата за плати. Ова е избегнување одговорност и потврда дека ниту имале план и стратегија ниту, пак, сега ја имаат“, истакнува Љутков.
Љутков нагласува дека ветувањето за повисоки плати се претворило во игра на лаги без граници, избегунување одговорност, која, како што смета, трае веќе две години, почната со министерувањето на министерката Стефоска, а продолжува и со новоназначената министерка Стојчевска.
„Каква партија, таква власт, таква култура“, додава Љутков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

