Македонија
(Видео) Љутков: Наместо реномирани фестивали и манифестации, средства од програмата за култура се доделени на анонимни лица и здруженија на граѓани формирани за една употреба

„Кога зборувавме за лошите културни политики на актуелната власт која целиот свој мандат работеше хаотично и без каква било стратегија, јасно беше дека ќе стигнат до степен на целосно обезличување на културата. Во текот на вчерашниот ден министерката за култура на прес конференција ги објави резултатите од годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес за културата за 2024 година и oвој пат, повторно без донесена Национална стратегија за развој на културата“, рече Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е најлошата Програма за култура до сега, Програма во која програмските средства се видно намалени од предходната година, а со државни пари се финансира се’ освен национална култура.
Денес, за жал можеме да констатираме дека во културата подолу од ова не може! Во своите секојдневни настапи, вклучително и на вчерашниот прес, министерката иако вети, повторно не ги објави имињата на скапо платените комисии кои очигледно служат за нејзино покритие на оваа катастрофална програма. Убеден сум дека доколку се вистински професионалци не би си дозволиле да потпишат ваква срамна Годишна програма.
А фактите во Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес за 2024 година говорат дека:
-Доделени се огромни буџетски средства на сосема анонимни лица, здруженија на граѓани кои се формирани за една употреба, манифестаци за кои досега не сме слушнале, додека долгогодишни реномирани фестивали и манифестации едвај и прашање е дали ќе преживеат.
Годинава, според Програмата, националните установи во државата, едвај ќе имаат средства за реализирање на програми, но затоа пак со силни средства се финансираат проекти на непознати невладини организации, приватни фестивали и активности на лица блиски до кабинетите во министерството и до власта.
-Евидентно е дека при разгледувањето на проектите не е спроведен процес на бодување и валоризирање според утврдените критериуми, туку паушално се одредувани категориите и бодовите, па имате безброј примери како што на пример е овој со Унија на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ, кој за прокетот Меѓународен форум на креативни индустрии добил помалку средства од физичко лице (се разбира сограѓанка на министерката) за проектот „Азбучен споменар“ за кој министерството ЗАМИСЛЕТЕ дало повеќе од 1.100.000 денари, народни пари!
И тоа не е се’, лица се јавуваат како управители на повеќе правни субјекти, распределени во повеќе дејности, па оттука акумулираните средства кај некои од нив надминуваат и повеќе од 3.500.000 денари.
Со ова се потврдува фактот дека власта им ја скрои капата на националните установи и планира да им стави клуч?!
Има ли некој кој може да ја разбере оваа погубна „стратегија” на Министерството за култура, односно власта која сега, во исто време обзнанува дека за култура нема пари, а предизборно реализира околу 300 нови вработувања во установите. И епилогот од сето ова е дека министерството ќе ги финансира само платите на вработените, а притоа безмилосно ќе ги финансира шарените револуционери, кои дополнително и ги вработи во истите тие институции.
Веројатно на скандалите им нема крај, па во Програмата ќе прочитате дека нашите граѓани, односно македонското Министерство за култура одобри пари за да финансира драмски фестивал во друга земја, во Косово, ПОВТОРУВАМ РЕАЛИЗАЦИЈА НА ФЕСТИВАЛ ВО КОСОВО, за кој се одобрени, неверојатни 30.000 евра. Наспроти тоа, учествата на меѓународни фестивали на сите останати театри во странство се поддржани со речиси десет пати помали износи.
Министерке, дали на крајот на својот неславен мандат се обидувате да го покриете Споменот на шарената револуција со кој ги испоганивте буквално сите споменици кои ја симболизираа македонската независност и борба за слобода, а самите не подигнавте ниту еден единствен, па со 900.000 денари го финансиравте СИТИ РИФЕЈСИНГ ДООЕЛ со едно вработено лице за проектот „Отстранување чкртаници, исписи, говор на омраза и друга недолична комуникација од недвижни објекти од јавен интерес и споменици и спомен-обележја“.
Можеби е така и подобро бидејќи вашето промашено владеење и погубните политики што ги спроведувавте на штета на македонската култура не заслужуваат ниту случаен спомен во иднината која незапирливо доаѓа. Агодините на вашето владеење ќе бидат само празни страници, фрлени на буништето на македонската култура.
Каков тажен крај за оваа неспособна власт, која неуспеа за цели 7 години да доврши барем еден од објектитите кои им беа на тацна оставени од ВМРО-ДПМНЕ.
Годишната програма изобилува со сомнителни проекти, кои се премногу за овој прес. Очекувајте во наредите денови јас лично и комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ да обзнаниме повеќе детали, бидејќи сите наши индиции укажуваат дека под превезот на националниот интерес се крие всушност личниот интерес“, изјави Зоран Љутков, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.