Македонија
(Видео) Џафери – Бегај: Северна Македонија и Албанија се повеќе од само соседски земји
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, кој што е во земјава во рамките на учеството на Парламентарно собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа што се одржува во Собранието на Република Северна Македонија.
На средбата, премиерот Џафери му посака топло добредојде на претседателот Бегај, изразувајќи задоволство од континуираниот политички дијалог, како и развојот на билатералните односи меѓу двете држави, кои се карактеризираат со пријателски и братски однос кој е повеќе од само добрососедски однос. Единствено економската размена со Република Албанија не го рефлектира тој одличен однос и затоа соговорниците се согласија дека таа треба да биде приоритет и за актуелните Влади на двете земји, и секако имајќи го предвид очекуваниот избор на новиот владин состав во земјава по одржаните парламентарни избори, и за идната Влада на Република Северна Македонија. Премиерот Џафери истакна дека е важно да се продолжи со реформи за исполнување на зацртаниот пат на двете земји, кои веќе се сојузници во НАТО, со надеж дека и процесот на евроинтеграции ќе се заокружи со успех.

Претседателот Бегај, изрази задоволство од можноста да се сретне со Премиерот Џафери, на кого му се заблагодари за ангажманот, професионалноста, гордоста и достоинството со кое ја исполни уставната надлежност на Премиер на земјава, а што претставува додадена вредност за него и за Република Северна Македонија. Важно е, истакна тој, „да се задржи и надгради уште повеќе тоа што е постигнато во Република Северна Македонија, а што е во однос на однос на правата и обврските на заедниците.“ Се согласи со констатациите на премиерот Џафери во однос на тоа дека евроинтеграциите се приоритет за просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот и на евроатлантската заедница во регионот, и дека е добро што и двете држави се на иста линија со Европската Унија што се однесува на надворешната и безбедносната политика на Унијата.

Соговорниците се согласија дека ќе продолжат да ја интензивираат и збогатуваат взаемната соработка во сите полиња од взаемен интерес и во полза на граѓаните на двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Даниел не се замерил со никого, мотивот најверојатно е пари, рече адвокатот на Кајмакоски кој по киднапирањето е стабилен, но под стрес
Македонскиот пејач, Даниел Кајмакоски, беше киднапиран во Белград ноќта меѓу сабота и недела, а по трауматичниот настан моментално се опоравува, со поддршка од семејството и најблиските.
Неговиот адвокат Бранислав Станишиќ потврди дека Кајмакоски е физички стабилен, но дека последиците од шокот сè уште се присутни.
Како што наведе, истрагата е во тек.
„Истрагата е во тек и таа ќе потрае. Што се однесува до Даниел, тој е психички и физички добро, што во овој момент е најважно за него и за семејството. Оваа ситуација остави, условно кажано, последици од шок, но фала му на Бога, ги надминува“, изјави Станишиќ, пренесоа српските медиуми.
„Ако ме прашате за самиот случај, не можеме да изнесеме премногу информации додека осомничените за извршување на ова гнасно кривично дело не бидат приведени пред правдата, бидејќи потрагата по нив сè уште трае. Во договор со полицијата, во овој момент не можеме да споделиме повеќе детали. Осомничените го напуштиле местото кај Рума, односно локацијата каде што автомобилот останал запрен по удар во банкина. Оттогаш ја напуштиле таа област и по нив сè уште се трага“, додаде адвокатот.
Тој изјави дека потрагата се движи во насока на лица кои најверојатно се од турско потекло.
„Засега тоа е информацијата со која располагаме. Најверојатно не се државјани на Република Србија. Зборувале на турски јазик или на некој сличен, а и нивниот изглед упатувал на тоа дека се од некоја таква земја. Не знаеме дали станува збор за мигранти или во каков статус престојувале тука. Со Даниел сум во постојан контакт и реагираме во координација со полицијата“, рече Станишиќ.
Адвокатот нагласи дека Кајмакоски не се замерил со никого и дека немал причина да претпостави дека би можело да му се случи вакво нешто.
„Даниел пред сè е уметник и не е човек кој би можел да препознае знаци дека некој евентуално го следи. Тој лично не забележал ништо. Никогаш никому не му замерил, нема причина некој од лични побуди да посегне по него. Да имало некаков сомнеж, веројатно и самиот би помислил дека нешто вакво може да се случи. Својот работен ангажман го извршува професионално и никогаш не бил дрзок или навредлив кон некого“, изјави Станишиќ.
Тој додаде дека според нивната проценка, мотивот најверојатно бил материјална корист.
„Ова најверојатно е направено со цел стекнување материјална корист. Даниел има доверба во полицијата и убедени сме дека тие професионално ќе си ја завршат работата. Се надеваме дека потрагата по осомничените ќе заврши брзо, бидејќи полицијата е на висина на задачата“, заклучи адвокатот.
Македонија
Четворица заболени од шуга во касарната во Велес, епидемиологот Оранска рече дека болеста е донесена однадвор
Кај четворица слушатели на курсот за професионални војници во велешката касарна е потврдена шуга. Тие се пуштени на домашно лекување и се во стабилна состојба, додека од Армијата велат дека се спроведени здравствени протоколи и дека состојбата на останатите слушатели е под редовен надзор.
Потполковник Лариса Оранска, епидемиолог во Воено-медицинскиот центар, информира дека првиот случај бил регистриран минатиот четврток, по што веднаш бил извршен увид и биле активирани превентивни мерки. Заболеното лице било упатено на специјалистички преглед и домашно лекување, а потоа бил спроведен вонреден здравствен надзор.
Сите присутни војници биле прегледани, при што лицата со кожни промени биле дополнително упатени на специјалист. Останатите се без симптоми и продолжуваат со редовните активности. Оранска посочи дека болеста не потекнува од Армијата и дека, според проценките, е внесена однадвор.
„Шугата сигурно е донесена однадвор. Досега не сме имале во Армијата случај нити кај старешините, нити кај професионалните војници. Тоа е сигурно внесено однадвор“, изјави Оранска.
Во објектите каде што се сместени слушателите е спроведена целосна дезинфекција, дезинсекција и дератизација. Надзорот ќе продолжи секојдневно, имајќи предвид дека инкубацијата на болеста може да трае од 10 дена до шест недели.
Портпаролот на Генералштабот, потполковник Дарко Стерјовски, изјави дека условите во касарната се во согласност со правилниците и ги отфрли наводите за несоодветни услови, вклучително и тврдењата дека нема топла вода. Според него, во објектот има соодветно греење и услови за нормален живот и обука.
Македонија
Обновата на А-интегрираната дозвола за „ТИТАН Усје“ отвора простор за граѓански услови, велат од „Стоп за Усје“
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ја информира јавноста дека започнува процесот на обнова на А-интегрираната еколошка дозвола за цементарницата ТИТАН Усје и ги повика граѓаните и стручната јавност активно да се вклучат во јавната расправа.
Во соопштението испратено до медиумите, иницијативата наведува дека работата на цементарницата е регулирана со А-интегрирана еколошка дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а рокот до кој компанијата треба да поднесе барање за обнова на дозволата за наредните седум години е 12 март 2026 година.
„Стоп за Усје“ смета дека токму во овој процес треба да се вградат нивните барања во новата дозвола, со цел, како што наведуваат, да се обезбеди поголема заштита на здравјето и животната средина во Скопје.
Од иницијативата посочуваат дека во моментов компанијата врши мерења и јавно објавува податоци само за две од вкупно 12 емисиони точки, што, според нив, не дава целосна слика за загадувањето.
Тие информираат дека по објавувањето на барањето за обнова на дозволата, МЖСПП, Град Скопје и ТИТАН Усје се законски обврзани да организираат јавна расправа, во рамки на која граѓаните ќе можат да дадат свои предлози и забелешки.
Според соопштението, во процесот на јавна расправа може да се влијае врз условите што ќе бидат вклучени во новата дозвола, како што се примената на најдобри достапни техники и технологии (BAT), видот на филтри, граничните вредности на емисии, параметрите што ќе се мерат, фреквенцијата на мерења и начинот на јавно објавување на резултатите.
Од „Стоп за Усје“ наведуваат дека МЖСПП има законска обврска јавно да соопшти кои предлози од јавната расправа ги прифаќа, а кои ги одбива.
„Ова е уште една причина зошто секој граѓанин, а особено еколошките експерти, професори, здруженија и активисти, мора активно да се вклучат во процесот на измени на А-интегрираната еколошка дозвола. Доколку и самото ТИТАН Усје кое тврди дека не е загадувач, туку дека одговорноста е кај граѓаните, има можност доброволно да ги прифати сите предлози што одат во насока на почиста животна средина и целосна транспарентност“, се додава.

