Македонија
(Видео) Џафери: Подобрената училишна инфраструктура е влог во одржувањето во живот на руралните средини
Премиерот Талат Џафери, денеска во рамки на работната посета на Општина Чашка, посети три основни училишта од овој регион. Тој, за време на посетата истакна дека за Владата од голема важност е училиштата во руралните средини да опстанат, и со вложувањето во училишната инфраструктура, се одржуваат во живот овие населени места.
Во Подрачното основно училиште „Петар Поп Арсов”, во селото Согле, наставата се одвива на македонски јазик, а Џафери го посети и новиот училиштен објект, каде наставата ја посетуваат и деца од околните села. Џафери, за време на посетата на училиштето „Тодор Јанев“, каде има македонска и албанска паралелка, истакна дека од следната учебна година, во план е да се формира ново училиште, со што ќе се овозможи наставата да се изведува во физички одвоени установи.
Во својата изјава, тој информираше дека: „Во тек е процедура за решавање на просторните потреби за формирање на ново училиште на албански јазик и со тоа фактички ќе се овозможи наредната школска година наставата да се изведува во две издвоени, посебни училишта, во кои, според статутите и програмите, ќе се изведуваат наставите на соодветниот јазик како што и се формирани“.
Џафери го посети и училиштето „Лириа“ во Долно Јаболчиште, каде течат градежни активности за зголемување на капацитетот на оваа основна образовна установа. Во ова училиште учат 836 ученици, а од нив 117 учат во подрачното училиште во Долно Јаболчиште.
Во ова подрачно училиште учениците досега следеа настава до петто одделение, а по реновирањето на училишната зграда, од следната учебна година, учениците ќе можат да следат настава до деветто одделение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

