Македонија
„Визер“ и „ТАВ Македонија“ најавија нови авиолинии и шести авион во базата на скопскиот аеродром
Авиокомпанијата „Визер“ најави дополнително проширување доделувајќи уште еден авион во својата база во Скопје, известува „ТАВ Македонија“, компанијата што управува со двата македонски аеродрома – Меѓународниот аеродром „Скопје“ и аеродромот „Свети апостол Павле“ во Охрид.
„Визер“ ќе отвори две нови авиолинии од Скопје – до Љубљана и до Луксембург, закажани за претстојните есен и зима и ќе додели уште еден авион во Скопје, со што ќе ја зголеми својата база во македонскиот главен град на вкупно 6 авиони од декември 2023 година.
Авиокомпанијата ќе ги зголеми и фреквенциите на девет постојни авиолинии на своите летови од Скопје до: Дортмунд, Бремен, Меминген, Берлин, Карлсруе/Баден-Баден (Германија), Рим Фиумичино (Италија), Брисел Шарлроа (Белгија), Братислава (Словачка) и Ајндховен (Холандија). Летови за Берлин, Ајндховен и за Брисел ќе има секој ден.
Авиобилетите се веќе достапни на веб-страницата wizzair.com или на мобилната апликација Wizz Air’s mobile app.
„Среќни сме што ги проширивме нашите воздушни операции во Скопје и поради тоа што воведуваме нови рути до Луксембург и до Љубљана. Северна Македонија има значајно место во огромната мрежа на ‘Визер’ и ние се гордееме што сме лидер на пазарот во земјата. Со зголемување на нашите фреквенции на девет рути и понудените нови дестинации имаме цел да им обезбедиме на нашите патници неспоредлива конекција и искуства од патувањата. Би сакал да им се заблагодарам на нашите колеги од Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ за нивното одлично партнерство, како и на Министерството за транспорт и врски за поддршката во работењето со нас за изградба на подобра воздушна поврзаност на Северна Македонија“, изјави Роланд Тишнер, извршен директор и офицер за операции во „Визер Унгарија“.
„Во ‘ТАВ Македонија’ сме среќни со оваа добра вест дека „Визер’ донесе одлука да го смести шестиот авион во својата база на Меѓународниот аеродром ‘Скопје’. Овој чекор ќе резултира со севкупен раст на скопскиот аеродром, што ќе го направи нашиот аеродром уште поатрактивен избор за деловни и рекреативни патници. Сместувањето на шестиот авион во базата е пресвртница што ја означува довербата на нашите партнери што ни ја даваат како аеродромски оператор. Тоа ќе биде ново поглавје во нашето патување кон извонредност и ќе послужи како катализатор за понатамошен раст и развој. Со нетрпение очекуваме да ја прифатиме оваа можност и да обезбедиме исклучително искуство и за авиокомпанијата и за нашите ценети патници. Би сакал да му се заблагодарам и на ‘Визер’ за нивната одлука и на Министерството за транспорт и врски за континуираната поддршка“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Вкупниот број на авиолинии на авиокомпанијата од Македонија сега изнесува 35, вклучително со двете новонајавени. Одлуката на „Визер“ да додели дополнителен авион во Скопје ја поткрепува нејзината посветеност за поддршка на локалната економија, туризмот и на бизнис-секторите. Се додава дека оваа распределба ќе отвори десетици нови директни и индиректни работни места во земјата, вклучително и позиции за пилоти и кабински екипаж, освен оние и повеќе од 250 лица, кои веќе се директно вработени во авиокомпанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отфрлени се тужбите на „Европскиот фронт“ од Уставниот суд, ќе има прегласување
До доцна во ноќта Уставниот суд расправаше по тужбите на одлуките на Државната изборна комисија – ДИК за неколку избирачки места поднесени од коалицијата „Европски фронт“. Од судот соопштија за шест одлуки според кои тужбите се отфрлени како неосновани, а тоа значи, согласно одлуките на ДИК, дека ќе има прегласување на конкретни избирачки места.
„Европскиот фронт“ имаше поднесено седум тужби на одлуките на ДИК, а Управниот суд беше ограничен со роковите за нивно решавање.
Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.
Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.
Македонија
Фирма од Чаир монтира небезбедно панорамско тркало во Карпош, обвини Град Скопје
Град Скопје информира дека правното лице Дизниленд реквизити, фирма од Чаир регистрирана пред само еден месец, без соодветни документи и дозволи, без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во Карпош пред Борис Трајковски.
„Град Скопје, во рамки на своите надлежности изврши надзор, превзема мерки и го казни правното лице, но тој сепак насилно продожува да работи. Ги повикуваме надлежните институции и апелирам да постапат во најкус можен рок, бидејќи се доведува во прашање безбедноста на децата и на сите останати посетители поради практицирањето на ваквото самоволие“, велат од таму.
Македонија
Вработен во МВР фатен со мито од 12.500 евра
Вработен во Министерството за внатрешни работи е фатен со мито од 12.500 евра, соопшти министерот Панче Тошковски. Како што вели тој, лицето И.М. било вработено како виш аналитичар во СВР Скопје. Осомничениот е лишен од слобода под сомневање за сторени кривични дела измама предвидени по чл. 247 од КЗ.
„Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со Одделот за криминалистичка полиција се постапуваше по пријава од три оштетени лица и на ден 17.05.2024 година наведеното лице е фатено на лице место во моментот на примопредавање на 12.500 евра, претходно криминалистички обработени кои ги прибавила за наводно посредување за добивање на социјални станови од Б категорија. Во врска со кривичното дело извршен е претрес во службените простории кои ги користела пријавената при што е пронајдена пообемна сомнителна документација која е поврзана со кривичното дело во вид на разни документи за кои постои сомневање дека се фалсификувани, разни договори за позајмици, договори за посредување за доделување на социјални станови, имотни листови, како и тефтер со ракопис во кој е водена евиденција за лица за кои биле вршени определени работи“, соопшти Тошковски.
При извршен претрес во дом и други простории кои ги користи лицето И.М. лоцирани во Општина Сарај, беше пронајдено и огнено оружје со шест парчиња муниција кое оружје и муниција најверојатно ги поседува без дозвола, за што известено е и Одделението за недозволена трговија со оружје при СВР Скопје заради преземање на дополнителни мерки.
Министерот додава дека МВР и понатаму продолжува со преземање на мерки и активности насочени кон испитување на евентуална поврзаност на наведеното лице со други високи полициски службеници.