Македонија
Високите температури закана за безбедноста на храната и за здравјето на животните
Најавеното зголемување на дневните температури, кои според метеоролозите во одредени региони ќе надминат 40 степени Целзиусови, ги зголемуваат ризиците од труење со храна и претставуваат потенцијална опасност и за здравјето на животните. За да се спречи појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор при нејзината набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за нејзино чување. Агенцијата за храна и ветеринарство ги потсетува граѓаните да купуваат храна од проверени места, каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди.
Оттаму предупредуваат да не се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што се месото, млекото, јајцата и други производи, по пазарењето да не се чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства. Да не се купува разладена или замрзната лесно расиплива храна, која се чува надвор од ладилник или замрзнувач.
Исто така, во фрижидерите храната да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови и тоа на најгорните полици зготвената храна, а на подолните суровата. Термичката обработка на храната да се врши на температура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат.
Ако се јаде во угостителски објекти, да се води сметка тоа да се оператори со храна кои водат сметка за хигиената и безбедноста и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна да се одбегнува да се користат додатоци кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично.
Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја!
Високите температури се стрес за животните и тој може да се манифестира со намалено консумирање на храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Високиот процент влага и недоволната вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на животните на сонце. Исходот може да биде фатален и во двата случаи доколку не се делува на време. Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата.
Фармерите да внимаваат на густината на населеност во објектите. Животните да не се изложуваат директно на сонце, особено во најтоплите периоди од денот и за нив да се обезбедат натстрешници, или природни ладовини.
Сопствениците на домашни миленици животните да не се оставаат во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце и задолжително треба да водат сметка и да избегнуваат нивни прошетки во текот на најтоплиот период од денот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

