Македонија
Вицепремиерот Маричиќ го активира Работниот комитет за европска интеграција
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска ја одржа конститутивната седница на Работниот комитет за европска интеграција (РКЕИ), за координација на подготовката за пристапните преговори, пред почетокот на билатералниот скрининг.
„ Сметам дека не е потребно да нагласувам колку е важно да се претставиме во најдобро можно светло на билатералните состаноци, затоа што од тоа ќе зависи и оценката на Европската Комисија во извештаите за билатералните скрининзи и препораките за дефинирање на одредници за отворање на кластерите“, рече на состанокот вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ.
Ова тело, како дел од преговарачката структура се грижи за квалитет и навременост на подготовките за преговори. Препознавајќи ја важноста и комплексноста на пристапните преговори, Секретаријатот за европски прашања на чело со вицепремиерот Маричиќ, фокус дава на координирано дејствување во текот на пристапните преговори со цел да се избегне евентуална нефункционалност на системот.
„ По одржувањето на првата Меѓувладина конференција и отворањето на пристапните преговори не смеат да се случат погрешни или непрецизни политички одлуки, заради слаба или неквалитетна подготовка, бидејќи одлуките се неповратни и остануваат трајно запишани како наши преговарачки позиции“, напомена Маричиќ на седницата на РКЕИ.
Главниот преговарач со ЕУ и претседател на Работниот комитет за европска интеграција на седницата укажа и на важноста навремено да се реализираат сите обврски преземени со заклучоците кои се усогласуваат со Европската комисија за време на состаноците на поткомитетите и Специјалната група за реформа на јавната администрација.
За да се овозможи следење на реализацијата на овие обврски, Маричиќ најави дека СЕП ќе подготви соодветна матрица во која ќе бидат внесени сите обврски, надлежни институции и рокови за постапување.
„ Како што е познато Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) останува на сила се до членството на Северна Македонија во Европската Унија и нејзиното спроведување се следи преку соодветните поткомитети и Специјалната група за реформа на јавната администрација. Важноста на спроведувањето на ССА е уште поголема во контекст на пристапните преговори, особено затоа што согласно Преговарачката рамка напредокот во преговорите ќе се мери и според исполнувањето на обврските од ССА“, посочи Маричиќ.
Работниот комитет за европска интеграција е тело кое повеќе од две децении е дел од координативниот механизам на Северна Македонија со Европската Унија, сега со една нова дополнителна функција, со оглед на отпочнувањето на процесот на пристапни преговори за членство во Европската Унија.
Во него членуваат државните секретари на министерствата и Групата за преговори, чие формирање е во процес, а на денешната седница беше усвоен и Деловникот за работа, според кој ова тело секој последен петок во месецот ќе се состанува, а по потреба и почесто.
Овој состав на РКЕИ се формира согласно новата Одлука за воспоставување на структура за преговори за пристапување на Северна Македонија во ЕУ, а надлежностите се дефинирани во членот 8 од Одлуката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај денеска во Скопје
Денеска, во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Н.Е. Марк Руте.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.
Македонија
Делови од Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од стопанските објекти во Индустриската зона – Момин Поток, општина Бутел;
· од 09:00 до 15:30 часот, корисниците од ул. Јан Хус бр. 11а, општина Карпош.

