Македонија
„Ви благодарам на поддршката“ – Алабаковски првпат се огласи во јавноста

Македонскиот пејач Ламбе Алабаковски против кого се води постапка за палењето на вратата на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, и’ се заблагодари на јавноста за поддршката.
„Народе мој Ви благодарам за Вашата искрена поткрепа! Ве љубам од длабочината на срцето и душата“, напиша Алабаковски на социјалните мрежи.
Ова е прва реакција на Алабаковски на социјалните мрежи по приведувањето.
Тој се гони за предизвикување општа опасност. Според информациите кои беа објавени во медиумите, Алабаковски во полицијата го признал делото коментирајќи дека го сторил од патриотски причини. По приведувањето му беше одреден притвор со образложение дека постои можност за бeгство оти пејачот поседува двојно државјанство, македонско и на САД, по што беше префрлен во куќен притвор.
Пред четири дена неговиот адвокат, Дарко Стефановски, информираше дека на пејачот му е одземен пасошот како мерка на претпазливост и нема продолжување на притворот.
Случајот предизвика реакции во јавноста, а во Битола беше организиран и протест за поддршка на Алабаковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претседателот Пендаровски учествува на партнерската сесија на Северноатлантскиот совет

Претседателот Пендаровски во рамки на Самитот на НАТО во Мадрид, учествуваше и се обрати на втората сесија на состанокот на Северноатлантскиот Совет на ниво на шефови на држави и влади, посветена на партнерствата на НАТО со држави и организации на глобално ниво.
Претседателот Пендаровски го поздрави присуството на претседателите на Финска и Јужна Кореа, како и премиерите на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Шведска, како и претседателите на Европскиот Совет и на Европската Комисија, додавајќи дека во овие времиња на криза, важно е да се покаже дека единството во рамки на НАТО и соработката со партнерите на глобално ниво е најголемиот адут за гарантирање на меѓународниот мир. Во таа насока, тој додаде дека покрај поддршката која ѝ се дава на Украина, важно е да се зајакнува партнерството и да се дава поддршка и на другите земји-партнери кои би можеле да се соочат со предизвици, како што се Босна и Херцеговина, Молдавија и Грузија.
Претседателот ja поздрави денешната одлука за формална покана на Финска и Шведска да се приклучат кон Алијансата, одлука што тие ја донесоа како суверени држави. Тој посочи дека политиката на отворени врати на НАТО беше комплементарна со политиката на проширување на ЕУ, што имаше позитивни ефекти за милиони граѓани низ Европа. Во таа насока, претседателот дополни дека е потребно да се забрза процесот на пристапување кон Европската унија со што ќе се придонесе за консолидирање на стабилноста и просперитетот на Западен Балкан.
Македонија
Турскиот амбасадор во земјава на работна средба со градоначалникот на Битола

Амбасадорот на Република Турција – Хасан Мехмет Секизќок, денес ја посети општина Битола, каде имаше средба со градоначалникот Тони Коњановски. На средбата се разговараше за повеќе важни теми и области, низ кои континуирано се продлабочува соработката на Битола со градови од Турција.
Посебен акцент на средбата беше ставен на економската соработка, која се потврдува и со сериозната заинтересираност на турска компанија за инвестиција во Битола, која се очекува наскоро да биде реализирана. Градоначалникот информираше за отвореноста на локалната самоуправа и поддршката која ја овозможува општината во рамките на својата надлежност и за развој на други бизнис идеи кои ќе придонесат за економско јакнење на Битола.
На средбата, се разговараше и за историската поврзаност на двете држави, како и посебното значење на Битола и нејзината привлечност за голем број турски туристи, кои се чести гости во градот. Во овој контекст, беа разгледани и новите можности кои треба да се создадат за понатамошен напредок на туризмот и збогатување на туристичката понуда.
Исто така, се разговараше и за соработката во областа на образованието и културата, а после средбата во кабинетот, градоначалникот Коњановски и амбасадорот Секизќок, прошетаа низ Старата битолска чаршија и посетија дел од значајните културно – историски обележја на Битола, меѓу кои и Хаџи Махмуд Беј џамијата, која што покрај своето верско значење, некогаш важела и за важен просветителски, образовен дом и институција.
Македонија
Стојаноски: Македонскиот работник едвај врзува крај со крај

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ – Бојан Стојаноски на денешната собраниска седница за поставување пратенички прашања го праша премиерот Ковачевски за тоа дали ќе биде прифатен предлогот на ССМ за линеарно покачување на плата и линеарно зголемување од 2,806 денари, бидејќи во моментов е навистина тешко да се врзе крај со крај за македонскиот работник.
Стојаноски рече дека овие прашања се директно произлезени од синдикатите и се нивна желба. ССМ и КСС како најголеми синдикални организации во државата се обратија до сите политички партии во Парламентот и до сите координатори со испратени писмени барања со барање за изнаоѓање на пратеничка група со која таа тие нивни барања ќе ги преточи во амандман за тие да бидат расправани и усвоени.
„Имаме секојдневни штрајкови од различни синдикални организации, можеме да просведочиме дека во моментов е навистина тешко да се сврзе крај со крај за македонскиот работник затоа што имаме историски највисока инфлација, сиромаштијата галопирачки расте, цената на горивата никогаш не била повисока, цената на храната исто така не била никогаш повисока и не престанува да расте а цената на енергенсите галопирачки исто така се вивнува во облаците и не престанува да расте таа цена“ – рече Стојаноски.
Тој посочи дека власта не се прави ништо за да се сопре и така разгорената инфлација која се случува во моментов.