Македонија
Владата за состојбата во хируршките клиники: Да се замени опремата на централната компресорска станица со нова, замена на инсталацијата и дислокација на централната компресорска станица
Министерството за здравство информира дека на денешната седница, Владата ја разгледа и ја усвои Информација за состојбата во хируршките клиники при Универзитетски Клинички центар „Мајка Тереза“ Скопје во врска со проблемот со компресорската станица, како и за досега преземените активности и мерки со цел надминување на истите.
На седницата, беа донесени следните заклучоци:
– Се укажува, јавните установи од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники, завод и Ургентен центар Скопје да спроведе замена на опремата на централната компресорска станица со нова опрема, како и замена на инсталацијата и дислокација на централната компресорска станица;
– Се укажува, јавните установи од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники, завод и ургентен центар Скопје во рок од една недела да достави до Владата на Република Северна Македонија оперативен план за спроведување на активностите.
Пред три дена, во понеделникот заменик министерката д-р Манолева донесе и наредба универзитетските клиники кои се сместени во зградата на хируршки клиники во Клиничкиот центар операционите сали да отпочнат со работа со користење на надворешни компресори и дополнително со садови со компримиран воздух. Министерството за здравство ќе укаже до клиниките да набават надворешни компресори со цел функционирање на установите со итен и елективен програм.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.