Македонија
Владата именува нови директори на јавни претпријатија и државни агенции
Владата на седница донесе одлука за именување директори, в.д. директори и членови на Управни одбори на повеќе јавни претпријатија и акционерски друштва во сопственост на Владата на Северна Македонија.
„На овие одлуки им претходеше исцрпен процес на интервјуа и разговори за да се идентификуваат и прифатат соодветни кадровски предлози кои ќе ги исполнат критериумите и обврските што произлегуваат од усвоена владина програма, и кои се пред сѐ стручни и компетентни во областите за кои се именуваат“, соопштија од Владата.
Станува збор за еден дел именувани како „вршители на должност“, на позициите на кои претходните директори поднеле оставки, додека за еден дел јавни претпријатија и државни агенции не е извршено именување со оглед на фактот што на актуелните директори им тече тековниот мандат. За сите позиции за кои се назначени в.д. директори ќе следат огласи со цел избор на директори со целосен мандат.
Согласно ова образложение, Владата денеска ги донесе следните одлуки и заклучоци на Комисијата за именување:
Владата констатира дека на директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија му е завршен мандатот и донесе заклучок истиот да не биде продолжен, туку да биде објавен јавен оглас за именување нов директор.
За членови на УО на ЈП за стопанисување со објектите за спорт во сопственост на Република Северна Македонија Владата ги именува:
– Ветон Мурати (дипломиран економист),
– Владо Неданоски (дипломиран професор по спорт и физичко образование, м-р по безбедносни науки),
– Никола Рилак (дипломиран информатичар),
– Зоран Саздовски (педагошки факултет)
Со изборот на членови на УО на ЈП за стопанисување со објектите за спорт во сопственост на Република Северна Македонија, Владата заклучи да им препорача на членовите да поведат постапка за разрешување на актуелниот директор Шпенд Хајредини, заради индиции за сериозни нарушувања на повеќе одредби од Кодексот за етичко однесување како и заради постапки кои укажуваат на надминување на надлежностите предвидени со Законот за јавни претпријатија.
Владата донесе одлука да му предложи на УО на Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта да го разреши актуелниот директор Љујзим Фејзулаи заради неисполнети обврски од програмата за работа и заради слаби резултати и на негово место да го именува Нефрус Челику.
Владата ја констатираше оставката на Иљми Селами од должноста член на Одборот на директори на АД Водостопанство на Република Северна Македонија, во државна сопственост, а за член на Одборот на директори на АД Водостопанство на Република Северна Македонија да го избере Васко Стефанов (дипломиран инженер по индустриска логистика и магистрант на Факултетот за Природни и Технички Науки).
За членови на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор, на предлог на организациите регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации, Владата ги именуваше:
– Наташа Бошкова за областа „Заштита на маргинализираните лица“ од Коалицијата сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници Маргини Скопје, и
– Снежана Трпевска за областа „Медиуми и информатичко општество“ од Здружението на новинарите на Македонија Скопје
Владата го именуваше Марјан Кицев за член на Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, како претставник од репрезентативниот синдикат член на Економско социјалниот совет.
Маја Аргировска, е разрешена од должноста член на Комисијата за одлучување по барањата за зголемување на формираната цена на лек, и на нејзино место ја именуваше Аница Иваноска Стрезовски.
Со одлука на Владата, Слободанка Колевска е разрешена од должноста член на УО на ЈЗУ Општа болница – Струга, на нејзино барање, а за член на нејзино место е именуван Мартин Џутески.
Од должноста в.д. директор на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Северна Македонија, денеска е разрешен Арбен Виља, а Дејан Павлески (дипломиран инженер по електротехника), е именуван за в.д. директор на оваа Агенција.
Од должноста член на Управниот одбор на Фондот за иновации и технолошки развој денеска е разрешен Александар Стефановски и поради истек на мандатот на претседателот и 5-те членови на Управниот одбор, за членови Владата ги именуваше:
– Моника Јованова (дипломиран преведувач и толкувач од албански на македонски јазик и обратно), за период од три години;
– Пиштар Љутфиу (м-р од областа на политичките науки), за период од три години;
– Калина Лечевска (доктор на социолошки науки), за период од три години;
– Бранко Ничота (дипломиран Инженер по електротехника), за период од три години;
– Димитрија Анѓелковски, за период од две години;
– Синиша Вељановски (дипломиран правник и м-р по меѓународно право и меѓународни односи со положен правосуден испит) за период од две години; и
– Дритон Зибери, за период од две години.
Владата денеска ја разреши од должноста Славица Тодорова, директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, орган во состав на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и го назначи Милутин Станчиќ, професор по македонска и јужнословенска книжевност и српски јазик на Филолошкиот Факултет во Скопје за директор на оваа Управа.
На оваа седница Измит Нура е разрешен од должноста заменик директор на Агенцијата за млади и спорт и за заменик директор е именуван Авни Рустеми.
Аљајдин Хавзиу, е разрешен од должноста директор на Државниот инспекторат за труд и на таа позиција е именувана Јована Тренчевска, дипломиран социолог и м-р по социолошки науки.
Од должноста членови на Управен одбор – претставници на основачот на ДРЖАВЕН УЧЕНИЧКИ ДОМ „КРСТЕ П. МИСИРКОВ“ Владата ги разреши Ангелчо Петков и Косте Бојков, а за членови и ги именуваше Ефремчо Николов, Душанка Трајковска и Павле Лукоски.
Владата ја прифати оставката на Билјана Јовановска, и ја разреши од должноста директор на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија Скопје, на нејзино барање и го именуваше Абдуш Демири, дипломиран економист за директор на Агенцијата.
Владата ја прифати оставката на Сафет Емрули, и го разреши од должноста директор на Државниот завод за индустриска сопственост, на негово барање и го именуваше Горан Герасимовски, дипломиран социолог и м-р по менаџмент на човечки ресурси за в.д. директор на Државниот завод за индустриска сопственост.
Владата ја прифати оставката на Осман Шукриу и го разреши од должноста заменик на директорот на Агенција за иселеништво на Република Северна Македонија, на негово барање и го именуваше Измит Нура за заменик на директорот на Агенција за иселеништво.
На денешната седница Фејзула Спахија е разрешен од должноста директор на Државниот инспекторат за животна средина и на оваа должност е именувана – Ана Петровска.
Авдуљ Селам Селами е разрешен од должноста заменик на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Ремзи Абдулахи е разрешен од должноста заменик – директор на Управата за јавни приходи.
Владата го разреши Анте Поповски од должноста в.д. директор на Агенција за квалитет и акредитација на здравствените установи, и ја именуваше Калтрина Беќири, доктор на стоматологија за вршител на должност директор на Агенција за квалитет и акредитација на здравствените установи.
Владата денеска го именуваше Авдуљ Селам Селами, дипломиран правник за вршител на должност заменик на директорот на Управата за јавни приходи, а Ремзи Абдулахи, дипломиран правник за вршител на должност заменик на директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Џезми Салиу е разрешен од должноста директор на Управата за животна средина, и на оваа позиција е именувам Хисен Џемаили, м-р по менаџмент на животна средина за вршител на должност директор на Управата.
Владата на Република Северна Македонија заклучи да му препорача на Надзорниот одбор на Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација (М – НАВ) АД Скопје, за член на Управниот одбор да го избере Фахрудин Хамиди (м-р по бизнис менаџмент).
Со заклучок од оваа седница на Надзорниот одбор на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје му е препорачано, од должноста член на Управниот одбор на Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД-Скопје да го отповика Орхан Муртезани, а за член да го избере Аднан Азизи (дипломиран на Филолошки факултет).
На денешната седница Блажена Пејовска, дипломиран градежен инженер, насока-транспортна инфраструктура, е именувана за член на Управниот одбор на Јавното претпријатие за државни патишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека планот за управување со квалитетот на воздухот во Скопје ќе го спремаат докажани експерти
Имплементацијата на мерки кои ќе бидат предвидени во План за управување со квалитетот на воздухот во Скопје ќе го спремаат експерти со докажано искуство и успешни проекти позади нив, а не ПР кампањџии, се вели во соопштението од Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на Град Скопје.
Мерките од овој план ќе бидат поддржани од градските власти и ќе се бара мерливост на резултатите и отчетност во реализацијата.
За дел од мерките ќе бараме помош при финансирањето, а дел од мерките од овој план ќе се финансираат од пари на граѓаните и тие не смее веќе да се трошат како до сега, во проекти со сомнителен квалитет, без мерливи резултати и подготвувани од аматери.
Прашањето на чистиот воздух е прашање на нашето здравје. А нашето здравје и здравјето на нашите деца нема да им го довериме на оние кои својот успех го мерат само во бројот на лајкови кои ловат во матното поле на паниката која ја создаваат кај граѓаните, туку во мерливи резултати.
Прашањата поврзани со квалитетот на воздухот ќе ги решаваме со вклученост на вистински стручњаци, затоа што се работи за здравјето на нашите деца, а не на кариерата на некој опозициски советник.
Светските примери на градови кои влегле во борбата со аерозагадувањето и успешно се борат, покажуваат дека посветената борба трае долги години и не започнува со ПР акции на денот кога воздухот е најзагаден, туку со систематски поставен План за управување со квалитетот на воздухот и имплементација на неговите мерки.
Македонија
Сиљановска Давкова: Турската заедница има значаен придонес во сите сфери на општествениот развој на државата
Уште од формирањето на македонската држава е не само гарантирано, туку и практично овозможено правото на образование на турски јазик, како неразделно од етничкиот и културниот идентитет на Турците, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во обраќање на приемот, којшто по повод 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик, го организираше Сојузот на турски невладини организации во Македонија – МАТУСИТЕБ, со поддршка на Турската агенција за соработка и координација – ТИКА.
Сиљановска Давкова истакна дека македонската држава отсекогаш ги препознавала различните идентитети, вклучително и турскиот, како вредност, сила и предност.
– Со обезбедување не само индивидуални, туку и колективни права коишто, денес, ги надминуваат стандардите на многу високоразвиени демократии, успеавме да изградиме демократски модел на соживот! Сепак, свесна сум дека во реалната/практичната примена на уставно утврденото право на образование на турски јазик постојат недорешени прашања и потешкотии, но и решеност и подготвеност за нивно надминување преку координирана, одговорна и ефикасна соработка меѓу локалната самоуправа и централните институции, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Нашите сограѓани од турско потекло овде, како и лицата од македонско потекло коишто живеат во Република Турција, наведе претседателката, се најцврстата човечка врска меѓу нас и пријателската Република Турција.
– Вие сте најсилната алка на македонско-турските односи. Верувам дека во периодот што следи, заедно со претседателот на Република Турција, господинот Реџеп Таип Ердоган, ќе продолжиме да ги продлабочуваме овие односи во духот на пријателството и на меѓусебната почит, подвлече претседелката Сиљановска Давкова.
Таа посочи дека празниците како овој не се само повод за радост и свеченост, туку и моменти кога повторно се потсетуваме на нашите обврски кон општеството и државата во којашто живееме.

– Основачот на модерна Турција и син на македонската држава, големиот Мустафа Кемал Ататурк, мудро рекол: „Татковината најмногу ја сака оној што најдобро ја извршува својата должност“. Водејќи се од оваа максима, нашата заедничка должност е јасна: каде и да се наоѓаме, што и да работиме, да ја извршуваме својата задача чесно, посветено и одговорно. Само така ќе придонесеме за нејзиниот развој и за нејзиното заслужено место меѓу европските држави, порача претседателката.
Според Сиљановска Давкова, наставниците се особено заслужни за едукацијата на турски јазик на бројни генерации ученици, воспитувајќи ги во духот на соживот и одговорност за заедничкиот живот во мултикултурното македонско општество.
Претседателката во обраќањето истакна дека припадниците на турската заедница имаат значаен придонес во сите сфери на општествениот развој на државата, почнувајќи од образованието и културата, до спортот и политиката.
Ја нагласи и важноста на интензивната турско-македонска меѓудржавна соработка и се заблагодари за континуираната турска финансиска подршка, особено преку ТИКА, со чие разбирање и помош се реновираа важни верски објекти, се подобрија здравствените капацитети, се модернизираа научните и образовни инстититуции, се подржааа земјоделските иновации.
За Сиљановска Давкова, сограѓаните од турска припадност, како и турските граѓани од македонско потекло во Република Турција, се најцврстата врска меѓу нас и Република Турција, што мора да се негува и зацврстува.

На настанот се обратија и: Фатих Улусој, турски амбасадор во земјава, Мустафа Шентоп, поранешен претседател на Големото национално собрание на Република Турција, како и организаторот на настанот, Тахсин Ибрахим, претседател на МАТУСИТЕБ, на кои, вклучувајќи ја и претседателката, им беа доделени признанија за истакнатата улога во градењето и зацврстувањето на турско-македонското пријателство.
– Доделените награди на најуспешните ученици на натпреварите во поезија, проза и цртање на Денот на наставата на турски јазик ја потенцираа важноста на знаењето, креативноста, стручноста и компетентноста, без коишто нема прогрес на заедницата, ниту европеизација на државата!, информира Кабинетот на претседателката.
Македонија
Грипот се шири брзо, раст од над 31 проценти за една недела
Во периодот од 8 до 14 декември, во Република Северна Македонија се пријавени 126 случаи на грип и заболувања слични на грип, што претставува зголемување од 31,3% во споредба со претходната недела, покажуваат најновите податоци од здравствените власти.
Најмногу заболени се регистрирани во Тетово (30 случаи) и Куманово (20), а веднаш потоа следи Македонски Брод (18). Во Скопје се пријавени 15 случаи. Иако по број на пријави не е прв, Македонски Брод има највисока инциденца – 178,0 заболени на 100.000 жители.
Според старосната распределба, најзасегната е групата 15–64 години со 97 случаи. Кај лицата над 65 години регистрирани се 16 случаи, додека кај децата бројките се пониски: 7 случаи кај групата 5–14 години и 6 случаи кај 0–4 години.
Во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) биле тестирани 24 материјали, при што се детектирани 4 позитивни случаи на грип: три Influenza A(H3) и еден Influenza A(H1)pdm09. Дополнително, регистриран е и еден случај на RSV тип B, додека SARS-CoV-2 не е детектиран.
Кумулативно, од почетокот на сезоната 2025/2026, регистрирани се 998 случаи на грип/заболувања слични на грип, што е зголемување од 51,2% во однос на истиот период минатата сезона.
Најголем број пријави има во Гостивар (244) и Куманово (241), а Македонски Брод повторно се издвојува со највисока инциденца – 583,5 на 100.000 жители.
Вакцинацијата против грип останува најсигурна заштита, посочуваат здравствените власти. За сезоната 2025/2026 обезбедени се 80.000 бесплатни четиривалентни вакцини за ризичните групи:
-
лица над 65 години,
-
деца од 6 до 59 месеци,
-
лица со хронични болести,
-
бремени жени,
-
здравствени работници.
Според досегашните податоци, вакцинирани се 78.730 лица (со бесплатни или комерцијални вакцини).
Епидемиолошкиот надзор покажува дека грипот сè уште има спорадична активност низ земјата, а процентот на позитивност е под 10%, што укажува дека сезоната не е во полн интензитет. Сепак, бројот на пријавени случаи постојано расте, па се апелира на зголемено внимание, особено кај ризичните групи.
Министерството за здравство и ИЈЗ препорачуваат:
-
често миење раце,
-
избегнување големи гужви,
-
топло облекување, доволен одмор и внес на течности/витамини,
-
доколку се разболите: останете дома, избегнувајте блиски контакти, покривајте нос и уста при кашлање/кивање и користете заштитна маска при контакт со блиски.

