Македонија
Владата и граѓанските организации заедно во борбата против родовото насилство
Сите фактори во општеството треба да се обединат и да бидат единствени во одговорот против сите форми на родово и сексуално насилство врз жени и девојки и не смеат да останат премолчани или неказнети. Ова е заклучокот од вчерашната средба меѓу претставничките на Платформата за родова еднаквост и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за правда, Бојан Маричиќ, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, и министерката за образование и наука, Мила Царовска.
Претставничките на граѓанскиот сектор нагласиле дека појавите како „Јавна соба“ и другите организирани форми за насилство врз жените и девојките од Јавното обвинителство и во согласност со Кривичниот законик треба да се третираат како злосторничко здружување при квалификувањето на делото, но и во понатамошните постапки.
Од Владата изразиле разбирање за ставовите на претставничките на родовата Платформа и ги споделуваат, како што стои во соопштението, очекувањата за соодветни казни за организаторите и извршители на овие кривични дела. Нагласуваат дека „Јавна соба“ и другите форми на родово насилство, кои го напаѓаат достоинството, го загрозуваат правото на приватност и претставуваат повеќекратна дискриминација.
Министерот Спасовски и министерката Шахпаска се согласиле дека е неопходно зајакнување на капацитетите на стручните работници во центрите за социјална работа и МВР. Министерот Спасовски ги охрабрил граѓанските организации да ги пријавуваат во внатрешна контрола полицајците за кои постојат такви сомневања. Според министерката Шахпаска, од буџетот на МТСП се обезбедуваат средства за специјализирани услуги за жртвите во согласност со нивните индивидуални потреби во кои се вклучени и граѓанските организации.
Министерот Маричиќ смета дека преку случајот „Јавна соба“ се забрзале процесите за носење на потребните законски измени на Кривичниот законик, кои ќе овозможат превенција и строга санкција на делата што се опфаќаат токму со овој случај.
Заедничка констатација од средбата е дека, освен законската регулатива и превентивните мерки што секоја институција во системот за заштита има обврска да ги преземе со цел елиминирање на насилството врз жените и семејното насилство, посебно важно место има законската обврска за брзо и ефикасно постапување на Јавното обвинителство и судовите во изрекувањето итни и привремени мерки за заштита.
Од средбата следуваше и апел упатен до Обвинителството и судот да постапуваат во согласност со законските одредби и да ја остварат својата улога да бидат значаен и суштински дел од институционалниот одговор на санкционирање на родовото и сексуалното насилство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.