Македонија
Владата на одмор меѓу 5 и 15 август, најави премиерот Мицкоски

Министрите од Владата ќе бидат на одмор во периодот од 5 до 15 август. Премиерот Христијан Мицкоски, денес, одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето на меморандумот за разбирање со турската компанија „Казанџи холдинг АС“, рече дека Владата ќе биде на одмор во тој период, а по годишните одмори, официјално ќе го соопшти начинот на кој владината коалиција ќе настапи на претстојните локални избори.
„Што се однесува до владината коалиција и настапот на следните локални избори, разговорите се исклучително конструктивни, се движат во позитивна насока. Очекувам таму некаде, условно кажано, по годишните одмори, да имаме и официјално соопштение до јавноста. Очекувам Владата помеѓу 5 и 15 август да биде на годишен одмор, тие десетина дена. Анализите во тој период ќе траат, разговорите ќе траат и веднаш по 15 август, еве да речеме во втората половина на август, и тоа да се официјализира“, рече премиерот Мицкоски.
Разговорите за изборите во владината коалиција Мицкоски вели дека се веќе завршени, а сега се прават анализи за идни потенцијални коалициски партнери. Извесно е дека владините коалиционери ќе имаат свои советнички листи во сите општини, а ќе се поддржуваат во делот на градоначалниците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.