Македонија
Владата обезбедува прочистувачи на воздухот за 49 општини

Владата потпиша договор со 49 општини за трајно користење без надомест на напредни системи за прочистување на воздухот од реномираниот германски производител MANN+HUMMEL, во вкупна вредност од 1.000.000 евра.
Од Владата велат дека иницијативата е дел од заложбите за подобрување на квалитетот на воздухот и намалување на последиците од аерозагадувањето, особено во јавните објекти во кои престојуваат најосетливите категории на граѓани, децата и младите. Прочистувачите на воздух ќе бидат инсталирани во основни и средни училишта, градинки и други јавни институции на територијата на 49 општини, идентификувани како најзагрозени според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот за периодот 2022–2024 година.
„Прочистувачите од брендот MANN+HUMMEL претставуваат мобилни системи со висока ефикасност, дизајнирани за елиминирање до 99.995% од вируси, бактерии и микроорганизми, благодарение на сертифицирани HEPA H14 филтри според стандардите EN 1822 и ISO 29463. Овие уреди се наменети за употреба во училници, градинки, медицински ординации, болници и канцеларии, каде што овозможуваат континуирана циркулација на прочистен воздух и значително ја намалуваат можноста за ширење на зарази“, велат од Владата.
Анализата на податоците покажува дека суспендираните честички PM10 и PM2.5 претставуваат најкритична загадувачка супстанца, со измерени концентрации што и понатаму ги надминуваат пропишаните гранични вредности за заштита на човековото здравје. Сепак, како што велат од Владата, благодарение на мерките преземени од институциите на централно и локално ниво, се забележува позитивен тренд на намалување на концентрациите, а на одредени мерни места просечните годишни вредности веќе се под дозволените граници (40 μg/m³).
Владата останува посветена на имплементација на сеопфатната програма за подобрување на квалитетот на воздухот за периодот 2024–2030 година. Успехот на оваа програма зависи од заедничките напори на сите институции, општините и граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло со мала до умерена локална облачност, од утре многу топло време

Сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северoзападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 19, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, од утре следува период на сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Особено топло време се очекува во текот на следната работна седмица, кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, на повеќе места ќе надминува 35°C, а наместа ќе биде и над 40°C.
Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ да каже дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, во врска со изјавата на премиерот Мицкоски за поднесување заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент за македонскиот јазик, посочи дека вакви сериозни прашања се дискутираат како предлог во Собранието, каде што учествуваат сите политички партии.
„Сметам дека е крајно несериозно такви сериозни предлози да се даваат од обични прес – конференции. Премногу е сериозно и важно прашањето да биде само предмет и обид за некаков дневно политички партиски интерес од страна на ВМРО ДПМНЕ. Сметам дека треба да се направи како предлог во Собранието бидејќи е нешто во што треба да учествуваат сите политички партии. Доколку има таков сериозен предлог ние апсолутно ќе го ќе го поддржиме“, рече Филипче.
Посочи дека ВМРО ДПМНЕ должат пред јавноста да образложат каков план имаат за одблокирање на евроинтеграциите.
„ВМРО-ДПМНЕ треба да каже дали имаат сериозен план, дали имаат сериозен план за дипломатска активност, дали имаат сериозен план за одблокирање на европските интеграции“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
(Видео) Полициски хеликоптер исфрли 80 тони вода врз пожар во струмичко

Денеска (18.07.2025), полициски хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици дејствуваше на пожар во општина Василево, с. Нивичино, струмичко каде што гори нискостеблеста шума.
При дејствувањето во 60 налета се исфрлени повеќе од 80 тони вода, соопшти МВР.
Пожарот, како што информираат се уште е активен и продолжуваат активностите за негово гасење.