Македонија
Владата со прв чекор затворање на обложувалниците, ќе расправа за онлајн игри на среќа

На предлог од Министерството за финансии, Владата ќе ја разгледа иницијативата за онлајн игри на среќа, како прв чекор за затворање на обложувалниците. Министерката за финансии, Нина Ангеловска, најави дека иницијативата ќе се најде сега пред Владата, иако ова решение го има и во постојната регулатива.
„ Ова е иницијатива на која се работеше изминатиот период, меѓутоа ова не е нешто сосема ново затоа што ако го погледнете постојното законско решение и тоа содржи одредби и членови за онлајн игри на среќа вклучително и онлајн обложување, казина и автомат-клубови. Ова стоеше во законското решение, но не беше имплементирано во пракса. И пред кризната состојба беа изработувани одредени компаративни анализи бидејќи сите земји го имаат овозможено и ова е од една страна важно во овој период од аспект на тоа дека 8.000 лица работат во индустријата, а од друга страна затоа што е нешто што во секој случај би било имплементирано и во насока на подобрување на регулативата. И така треба да се гледа. Доколку е контролирана средината, доколку имаме јасна и прецизна регулатива ќе можеме да се справиме и со овој проблем – физичките локации кои стануваат сè почести и повеќе ги има заедно со оние уплатно-исплатни места“, рече министерката Ангеловска.
Околу 40 милиони евра се прибираат во буџетот по основа на посебна давачка којашто ја плаќаат приредувачите на игри на среќа, којашто изнесува околу 23 % од кои 20 % одат во буџетот, а три проценти се делат во другите институции. Дополнително средства се слеваат и по основ на данок на доход од игри на среќа којшто учествува со 10 проценти во структурата на вкупниот прибран персонален данок.
„Се работи за подобрување на регулативата и јас сметам дека во период на вонредна состојба ние можеме да имаме предвид дека нови решенија ќе бидат воведувани, дека треба да се обидуваме да пилотираме, да наоѓаме начини да адаптираме многу од постојните процеси како што тоа ќе го прават многу од бизнисите и секако да носиме одлуки ако сметаме дека се за доброто на државата од секој аспект“, рече министерката Ангеловска.
Повеќе детали за онлајн игрите на среќа најави откако Владата ќе расправава по иницијативата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.