Македонија
Владата ја прави премиерот, ако тој смета дека Алијансата за Албанците не му треба, ние немаме никаков проблем, вели Таравари
Министерот за здравство и лидер на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, не сака да избрзува со носење какви било политички одлуки во овој момент. Таравари денес рече дека имаат одлука само за советничките листи на претстојните локални избори и остануваат на ставот дека во трка за албанските гласови ќе одат сами како Алијанса за Албанците, а не како дел од коалицијата „Вреди“ која ги донесе на власт. Напуштањето на коалицијата „Вреди“ за локалните избори Таравари не смета дека е причина за напуштање и на Владата, но доколку премиерот, како единствено лице што ја формира Владата одлучи дека Алијансата за Албанците не му е потребна, нема да имаат проблем со тоа.
„Напуштањето на ‘Вреди’ не мора да значи и напуштање на Владата. Владата ја прави премиерот. Јас сум разговарал со премиерот, доколку тој смета дека Алијансата за Албанците не му треба, ние немаме никаков проблем, меѓутоа мислам дека во овој момент Алијансата за Албанците му треба. Доколку донесат таква одлука, нема никаков проблем. Не може никој друг да каже, освен тој што ја формира Владата. Со него ќе се видиме, се слушаме, во комуникација сме, така што ќе видиме во следните денови. Затоа ви велам дека во овој момент треба да бидеме што порационални, да не брзаме“, рече министерот Таравари денес при посетата на кумановската болница.
Тој смета дека реакциите за одвојувањето на Алијансата за Албанците од коалицијата „Вреди“ за локалните избори не се ништо друго, освен емотивни.
„Ние како политичка партија одлучивме да излеземе со сопствени советнички листи исто како што одлучи и ЗНАМ да излезе со сопствени советнички листи, меѓутоа во меѓусебна политичка поддршка со ВМРО. Исто и ние ѝ понудивме на ‘Вреди’. Ние излегуваме со наши советнички листи, доколку сте подготвени, тука сме и јас гледам емоционални реакции од она што остана во ‘Вреди’. Овој период ние треба да бидеме многу внимателни, многу умни и да се обидеме да бидеме што порационални бидејќи се работи за политика. Јас во овој период не сакам да давам прогнози и гледам што поопрадевно да донесуваме одлуки. На крајот на краиштата ,доколку во ‘Вреди’ се одлучни во она што го кажуваат овие четири-пет дена, ние како политичка партија ќе ги видиме нашите опции за нашите кандидати за градоначалници“, вели министерот Таравари.
Министерот за животна средина, пак, и досегашен коалициски партнер на Таравари, Изет Меџити, цврство стои на ставот дека Алијансата за Албанците, освен од „Вреди“, која веќе прераснува во политичка партија, треба да излезе и од Владата оти не може и да остане дел од Владата и да преговара со ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

