Македонија
Владата ќе дели платежни картички на ранливите категории за да купуваат македонски производи

Владата воведува платежни картички, ваучери, како и парична помош за граѓаните кои се погодени од коронавирусот. Техничкиот премиер, Оливер Спасовски, посочи дека ова е директна поддршка за стопанството, но и социјално загрозените семејства, лицата кои ја изгубиле работата, младите. Прва од презентираните мерки, од третиот сет на Владата е платежната картичка со 9 илјади денари со кои може да се купуваат македонски производи.
„Воведуваме платежни картички за граѓаните, за поголема потрошувачка и за развој на домашните дејности. Како прво, околу 100 илјади граѓани на нашата земја ќе добијат платежна картичка вредна 9 илјади денари за македонски производи и услуги. Оваа мерка е достапна за сите невработени лица, баратели на работа, кои немаат над 15 илјади месечни приходи, како и приматели на гарантирана минимална помош. Со оваа мерка се зајакнува домашната потрошувачка, се зголемуваат безготовинските плаќања и се зголемува куповната моќ на граѓаните и се олеснува животот. Оваа платежна картичка може да се користи само за домашни компании, производи и услуги во период од 30 дена. Вредноста на оваа мерка е 16 милиони евра“, кажа Спасовски.
Во третиот сет мерки кои се усвоени се и ваучерите за поттикнување на домашниот туризам. Односно, Владата одлучила граѓантие да добијат 6 илјади денари за летување и платежна картичка од 3 илјади денари. Техничкиот премиер Спасовски ги кажа и условите.
„Околу 100 илјади наши граѓани, ќе добијат ваучер за домашен туризам од 6 илјади денари и домашна платежна картичка од 3 илјади денари. Граѓаните ќе можат да се одморат и да летуваат дома, а со тоа ќе го зајакнеме и домашниот туризам. Со оваа мерка се опфатени сите вработени граѓани што примаат нето плата помала од 15 илјади денари месечно и немаат други приходи во 2018 година според УЈП, по годишната даночна пријава, да потврдиме која година треба да биде тоа. Ваучерот може да се користи во домашните хотели и другите сместувачки капацитети, додека со платежната картичка поттикнуваме купување на домашни производи и услуги“, рече Спасовски.
За младите се предвидува парична поддршка од 6 илјади денари и картичка со 3 илјади денари за кофинансирање на обуки за информатички вештини.
„Следува мерката парична поддршка за млади до 6 илјади денари, платежна домшна картичка од 3 илјади денари и ваучери за кофинансирање за обуки за ИТ и дигитални вештини. Ова е силна поддршка за младите за да продолжи образовниот процес непречено и за да се обезбеди куповната моќ како придонес кон студентскиот и ученичкиот стандард. Мерката опфаќа ваучери од најмногу 6 илјади денари за покривање на партиципација на универзитет или за сместување во ученички домови во регистрирани капацитети, за студенти и средношколци кои домаѓаат од семејства со ниски приходи. Мерката вклучува и платежна картичка за млади во вредност од 3 илјади денари за домашните производи и услуги“, додаде Спасовски.
Владата едногласно одлучила да спонзорира и тренинзи и обуки на млади, со ваучери од 30 илјади денари.
„Воведуваме и ваучери од 30.000 денари за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини за млади. Со покривањето на трошоците за тренинзи и обуки, ги поддржуваме младите да стекнат знаење и вештини од информатичка технологија кои ќе им овозможат брзо вработување во новата развојна економија. Оваа мерка ќе опфати 100 илјади млади сограѓани, во вредност од 12 милиони евра“, соопшти техничкиот премиер.
Уште една од низата мерки во третиот сет и „викенд без ДДВ“, мерка, која ќе треба да донесе 20 милиони евра во стопанството.
„Воведуваме викенд без ДДВ за сите граѓани. Преку поевтини цени за граѓаните, поттикнуваме потрошувачка и раст на приходи во одредени продажни сектори како продавници за гардероба, бела техника, санитарија, школки прибор и книги. Очекуваме и дополнителен приход од 20 милиони евра кои ќе се слеат во македонското стопанство“, кажа Спасовски.
Помош е предвидена и за лицата кои останале без работа.
„Паричен надоместок за сите лица кои останале без работа од 11 март до 30 април 2020 година. Со оваа мерка сите лица кои ја изгубиле својата работа, вклучувајќи ги и оние кои го прекинале работниот однос преку спогодба или писмена изјава, ќе добиваат надоместок“, кажа тој.
За овие мерки, Владата предвидела 355 милиони евра.
„Сите три пакети за поддршка на економијата во својот фокус ги имаат граѓаните, нивните работни места, социјалната сигурност, солидарноста и креирањето амбиент за полесно надминување на економските последици од коронавирусот. Оваа определба ја задржавме и во третиот сет мерки, па така, нашето внимание е целосно насочено кон граѓаните, со нагласка на невработените лица, социјално ранливите категории, домаќинствата со ниски примања, вработените во јавниот здравствен сектор и граѓаните од други категории. Вредноста на мерките од третиот пакет изнесуваат 355 милиони евра и прек нив ќе бидат опфатени 730 илјади корисници. Со овој пакет, вкупната помош за економијата од трите сета на мерки изнесуваат 550 милиони евра или 5,5% од бруто домашниот производ“, кажа Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.