Македонија
Влада: До 50 проценти присуство на публика на настани во затворено, услов се две дози на вакцина

Владата на денешната 112-та седница, врз основа на препораки на Комисијата за заразни болести донесе повеќе заклучоци и одлуки за измени и дополнувања на дел од корона-протоколите.
На предлог на Комисијата за заразни болести Владата донесе заклучок за измена на Протоколот за организирање настани во затворен простор (театри, кина, филхармонија и други) со кои наместо досегашниот дозволен процент на исполнетост на салите за организирање настан во овие простори до 30%, се зголемува со присуство на публика до 50% од капацитетот на салата.
Во врска со овој протокол, се воведува и условот посетителите да бидат вакцинирани со две дози со вакцина против Ковид-19, a останува обврската на организаторот да ги спроведува и контролира сите останати препорачани превентивни мерки за спречување на ширење на вирусот и да организира редарска служба за контрола на мерките.
На оваа седница е прифатена препораката на Комисијата за заразни болести да се прифати барањето на Агенцијата за млади и спорт да се дозволи организирање и учество на натпревари во сите спортски во категориите пионери, младинци и кадети без приложен сертификат за вакцинација, со заклучок дека останува препораката да се вакцинираат сите за кои е одобрена вакцинацијата, вклучувајќи ги и децата и младинците од 12-годишна возраст натаму.
Владата денеска донесе измени и дополнувања на Протоколот за реализација на воспитно-образовниот процес и донесе заклучок дека децата со посебни потреби или со пречки во развојот, можат да бидат ослободени од обврската за задолжително носење маска во училиштата доколку приложат лекарска потврда за нивната состојба.
Владата на Северна Македонија денеска ја прифати информацијата на Министерството за здравство дека ќе бидат обезбедени потребните количини дезинфекциони средства во изборните единици за претстојните локални избори како одговор на барањето на Државната изборна комисија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Ковачевски: Почитта кон различностите нѐ прави да бидеме обединети во заедничката идеја за мир и единство

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски вечерва имаше обраќање на свечената академија, која се одржа по повод одбележувањето на Св. Сава – националниот празник на српската заедница во Република Северна Македонија.
На свеченоста присуствуваа Милош Вучевиќ, заменик-претседателот на Владата на Република Србија и министер за одбрана на Република Србија, Славјанка Петровска, министерка за одбрана на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот кор, претставници на политички партии, граѓански организации, здруженија, како и бројни гости од земјава и од странство.
Премиерот Димитар Ковачевски упати најсрдечни честитки по повод празникот Св. Сава, со желба за долговечно чествување.
„Одбележувањето на Св. Сава, националниот ден на српската заедница, за нас и за нашата држава значи негување на сите вредности по кои духовниот и интелектуалниот творец на идејата за српската државотворност ќе остане запаметен во историјата на народите на овие простори. Валоризацијата на овие вредности и негувањето на почитта кон другите и почитта кон различностите нѐ прави да бидеме обединети во заедничката идеја за мир и единство. Само така, обединети во различностите, можеме да одиме напред како општество, но и заеднички, како народи кои живеат во регион, преполн со предизвици.Нашите врати, вратите на Република Северна Македонија секогаш ќе бидат отворени за сите народи кои се пријателски, а еден од тие народи е и нашиот братски, српски народ. Нашата заедничка иднина зависи од сите нас. Без разлика колку и да сме различни, сепак, имаме една цел кон која сите се стремиме – просперитетен, отворен и современ Балкан, ослободен од предрасуди, омраза и непријателства”, рече Ковачевски.
Македонија
Премиерите Ковачевски и Донев остварија телефонски разговор

Прeтседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска оствари телефонски разговор со техничкиот премиер на Република Бугарија, Галаб Донев. Во телефонскиот разговор на двајцата премиери фокусот беше ставен на актуелните теми во двете држави.
Премиерот Ковачевски во разговорот со техничкиот премиер Донев потенцираше дека Република Северна Македонија, согласно уставното уредување гарантира остварување на правата на секој граѓанин кој живее во државата. Во контекст на случувањата и претстојното чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, беше потенцирано дека активностите на поединци, без разлика дали се граѓани на Република Бугарија или на Република Северна Македонија кои ќе бидат во насока на оневозможување на мирно и безбедно чествување на празникот, ќе бидат соодветно санкционирани, како што се очекува да постапи и бугарската страна.
Во контекст на претстојното чествување на 151 годишнина од раѓањето на Гоце Делчев, а со цел одбележувањето да помине во мирна и пријателска атмосфера, задолжено е Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност во координација со соодветните служби во Република Бугарија да ги обезбедат сите услови за достоинствено чествување на овој голем ден.
Македонија
МОН: Околу 2700 студенти ќе добијат покачување на стипендиите

Околу 2700 студенти, корисници на стипендии од изминатите академски години, ќе добијат покачување на средствата, односно наместо досегашните 3000 денари, овие студенти во иднина ќе земаат стипендии во висина од 6050 денари.
Со оваа одлука МОН одговори на барањата на студентите и уште еднаш ја потврди заложбата за еднаквост и грижа за оваа категорија граѓани.
Студентите корисници на оваа категорија стипендии, во текот на идната недела ќе бидат информирани за начинот и постапката за регулирање на ова право.