Македонија
Владата: Одлуката на Бугарија е неуспех за ЕУ, македонскиот идентитет и јазик не се предмет на преговори
Одлуката на Бугарија е неуспех за Европската Унија, а македонскиот идентитет и македонскиот јазик не се предмет на преговори, велат од Владата по одлуката Бугарија да стави вето за Македонија.
Од Владата велат дека досега не се создале соодветни услови за да се надминат новите бугарски барања и поради тоа, Република Бугарија одлучи дека во овој момент нема да ја одобри нашата преговарачката рамка во ЕУ.
„Тоа е неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи“, посочуваат од Владата.
Соред власта, задршката на Бугарија да ја одобри преговарачката рамка не е во духот на добрососедските односи и ваквиот став на бугарската влада е спротивен на членот 2 од договорот за пријателство од 2017.
„Нашата позиција е јасна: ние сметаме дека европските интеграции не смее да бидат заложник на билатерални прашања. Преговорите со ЕУ не смее да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ-интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнувањето на европските стандарди. Ние сме сигурни во тоа кои сме и што сме. Од секогаш сме биле Македонци кои зборуваат македонски јазик, со силно чувство на самоопределување за кое не може да се преговара и кое не може да биде доведено во прашање. Македонскиот идентитет и македонската национална свест биле отсекогаш високо изразени и на научно и на духовно ниво. Така е и денес, така ќе биде секогаш. Но, истовремено особено се гордееме и на нашата смиреност и на нашата национална и политичка големина во овој тежок период за нас. Тоа е одлика на вистински Европејци, тоа е одлика на Македонците“, посочуваат од Владата.
Македонија и Бугарија се блиски држави, велат од Владата, а македонскиот и бугарскиот народ отсекогаш биле исклучително блиски, а сега сме и сојузници во НАТО и ние сакаме нашите односи уште повеќе да ги подобруваме, со заемна почит и разбирање.
„Имаме заеднички геополитички интереси за самите себеси, но и за регионот. Наш заеднички интерес е целиот Балкански Регион што побргу да се интегрира целосно во ЕУ, да се поврземе инфраструктурно, преку Коридорот 8, да овозможиме полесен проток на луѓе, идеи, стоки и капитал, да изградиме добри услови за бизнисот, да ги зголемиме инвестициите – тоа е вистински патриотизам и лидерство“, велат од Владата.
Од таму истакнуваат дека се благодарни на зајакнатиот ангажман на германското претседателсто со ЕУ, како и на личниот ангажман на канцеларката Меркел и дека Северна Македонија вложила сериозни дипломатски напори да создадат услови минатото да не биде кочничар на иднината.
Од Владата порачуваат дека ќе продолжат интензивно да разговараат во интерес на нашата европска иднина, при што сметаат дека решение е можно само ако од тоа решение двете страни излезат како победници и затоа бараат вин-вин позиција.
Власта се заблагодарува до сите граѓани од сите етнички заедници и до сите политички претставници на заедниците во земјата, за поддршката што му се дава на македонскиот народ во овие моменти со цел заштита на македонскиот идентитет и за останувањето посветени на европскиот пат.
Од Владата велат дека ќе продолжат со реформите со силен интензитет и дека нејзина обврска е да ги спроведе европските стандарди дома.
Исто така, од Владата потенцираат дека нема ни трошка вистина во, како што велат, манипулациите што ги пласираат некои од опозициските партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ за наводно распродавање на македонскиот идентитет.
Власта апелира раководството на ВМРО-ДПМНЕ да престане да се радува на тешките моменти во кои се наоѓа државата и да го препознае моментот кога одредени национални прашања ги надминуваат границите на вообичаените партиски пресметки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето утре – сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 10 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -10 до -3, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, сончево и тивко со умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе се задржи стабилно и суво време со услови за појава на утринска магла по котлините. Температурите ќе бидат во постепен благ пораст. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност со услови за слаби локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и на Центарот за еколошка демократија ФЛОРОЗОН, со коишто разговараше за актуелните предизвици во областа на заштитата на животната средина.
Претставниците на двете организации ги изнесоа своите согледувања и препораки со посебен акцент на еколошката правда, превенцијата од еколошки штети, заштитата на природните ресурси и усогласувањето со европското право.

Според Сиљановска-Давкова заштитата на животната средина треба да биде клучен приоритет, а соработката меѓу институциите, граѓанските организации и стручната јавност е од суштинско значење за креирање одржливи и ефикасни политики. Таа укажа дека вклученоста на овие организации во креирањето на законските решенија треба да биде институционализирана, преку нивно учество во комисиските тела во Собранието и во Владата.
Именувањето на експертот од областа на метеорологијата и климатските промени, проф. д-р Спиридонов, за член на Советот за безбедност, е важен чекор кон интегрирање на научната експертиза во стратешкото одлучување. Ова, според претседателката, би им овозможило на невладините еколошки организации, со своите идеи и предлози да придонесат во работата на ова тело.
Соговорниците се согласија дека загрозувањето на животната средина е сериозен безбедносен ризик и закана за уставно загарантираното право на живот.

Тие ја нагласија потребата од користење на меѓународни искуства и унапредување на регионалната соработка во справувањето со реалните предизвици.
Претседателката и претставниците на МЗМП и ФЛОРОЗОН повикаа на континуирана едукација и поттикнување на младите во градењето партнерски однос со природата како неопходен предуслов за превенција на можни штети со несогледливи последици.
Македонија
Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права
Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права.
Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски.
„По разгледувањето, Владата ја усвои Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати“; соопштија од Владата.
По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа.
фото/Depositphotos

